Четирите починати новороденчиња од 21 септември на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје биле од високоризични бремености завршени со предвремено породување и имале ниска родилна тежина, утврдила стручна комисија. Министерството за здравство соопшти дека сите овие ризик-фактори го отежнуваат преживувањето на новородените деца и ја зголемуваат стапката на морбидитет и морталитет.
"Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници од страна на Комисијата се констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи, соодветен третман пред породувањето, правилна индикација за оперативно завршување на предвремено започнато породување, запазени анестезиолошки процедури, успешно спроведена примарна стабилизација на новородените, како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија", се наведува во соопштението.
Минатиот четврток на Клиниката за гинекологија и акушерство починаа четири новороденчиња - две машки и едно женско. Едното машко новороденче е родено со екстремно мала тежина, женското новороденче е од мајка која имала хипертензија и инфекција, додека второто машко новороденче е од ризична бременост.
Во соопштението се додава дека Министерството за здравство во моментот е фокусирано на изготвување посебна стратегија со дефинирање конкретни мерки и активности за унапредување на гинеколошката здравствена заштита на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, како и во сите породилишта во државата.
Претходно исто така беше формирана комисија за да го испита случајот со осумте бебиња и деца кои во почетокот на септември починаа на клиниката за гинекологија. Комисијата се произнесе дека тие не можеле да преживеат поради бројни здравствени проблеми на мајката односно дека се работи за бременост со висок ризик проследена со дијабет и зависност од инсулин, хипертензија и инфекции, посочувајќи дека сите тие фактори ги намалуваат шансите за преживување на новороденчињата.
Тогаш опозицијата побара оставка од министерот Арбен Таравари тврдејќи дека смртта е поради нестручниот кадар. Тој пак, одговори дека состојбите се наследени од 11 - годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ.
Упатените велат дека црниот биланс од починати новороденчиња и деца треба да ги алармира здравствените институции да ги детектираат проблемите во здравствениот систем и да се види дали недостасува екипираност, опременост, просторни услови за работа или ниво на стручност.
Уште еден од проблемите кој е споменат од лекарите е недостатокот од гинеколози во примарната здравствена заштита и немање адекватни регионални здравствени центри.
Последните податоци од Државниот завод за статистика од 2016 година покажуваат дека деведесет доенчиња умреле во третото тримесечје од годината, што е над двапати повеќе во однос на истиот период од минатата година кога починале 39 новореденчиња. До октомври 2016 година умреле вкупно 206 бебиња , 18 повеќе во однос на целата 2015 кога имало 188 умрени доенчиња.