Соочени со забавената реализација на ветувањата наведени во програмата ЗА ЖИВОТ во Македонија, нестрпливите усти и гладните умови почнуваат со напади, нервоза и изјави од типот – подобро ни беше со претходната власт. И се сложувам со нив. За нив нема место во динамично и современо општество кое бара од тебе да испорачаш резултат. Кое бара да излезеш од темната пештера во која се криеш 10 години и да покажеш од што си направен и што заслужуваш. Општество на заслуги е она што следи. Ќе имаш онолку колку што ќе заслужиш. Општеството на подароци заврши. Општеството на фасади, скапи и убави фасади, кои треба да ја покријат грдосијата внатре е скриена, готово.
Критики доаѓаат од сите страни без разлика од припадност на партија. Затоа што дури едните владееја, другите критикуваа, а во суштина, заедно пропаѓаа. И сега кога доаѓа време на нова генерација, далеку поспремна, како стручно така и морално, овие што потрошија 10 години во крадење и критика на тие што крадат имаат проблем. Не инвестирале во себе ни 10 минути. Да се запраша да каже, чекај бе, ајде да претпоставам ситуација во која имам идеален политички и општо животен систем, во кој би го добил она што сум го заслужил, колку всушност ќе добијам?
Дали ова е моментот кога ќе се прашаме, кои сме ние без партијата? Колку ние вредиме без исфорсираните убави зборови на пријателот? Кој наш квалитет може да го искористиме, а притоа да оствариме заработка? Кој наш квалитет може да го искористиме, а притоа да помогнеме некому? Последново прашање сум го спомнал неколку пати и ќе го спомнувам сè дури мислам дека е потребно. Опиени од материјализмот, добиваме алергична реакција кога треба да понудиме некоја наша услуга или помош, а притоа да не добиеме надомест. На лицето на луѓето се познава, но ако за почеток и тоа е доволно. Не сакам да објаснувам кои се бенефитите на солидарноста, ниту можам. Кој е солидарен знае, кој не е, нека стане па ќе види. Но едно е сигурно, вака затворени, секој во својот ќош, колективно пропаѓаме. Затоа што сè уште немаме систем кој може да се грижи за сите подеднакво. Подадете ја својата рака на сите оние кои системот ги заборавил и тие ќе знаат да го ценат тоа.
Иако дојде до промена на политичката структура, ткивото или јадрото ни е сè уште исто. За сè имаме поплака, за сè имаме забелешка, сè може да биде подобро само ако некој друг го направи, немој мене да ме тераш. Лично, секогаш правам дистинкција кога сакам да говорам или пишувам на тема систем или негово влијание, таа се состои во поделба на работите на кои имаме влијание и на оние кои немаме. За работите врз кои немаме директно влијание е најлесно да се зборува, секогаш може да излеземе паметни на сметка на грешката на другиот, додека за работите врз кои имаме влијание, избегнуваме трезни да разговараме затоа што имаме „недостиг на идеи“.
Големината се состои во правење на исправните мали работи, направени кога никој не гледа. Кога само половина од ова би го практикувале. Не знам, добивам впечаток дека луѓево сè уште мислат дека може да скријат нешто. Мислат дека може да скријат злоба, завист, алчност. Дека можат да го скријат она што го прават кога се сами, од она што го прават меѓу луѓе. Само напред.
Во однос на составот на новата влада, некако порелаксирано се чувствувам кога министерот за финансии трча полумаратони. Не знам зошто.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.