Достапни линкови

Многу патарини за неквалитетен пат


Граѓаните од Куманово кои до Скопје плаќаат на две патарини по сто денари само во една насока, толку колку што чини и автобускиот билет, најчесто ги одбегнуваат патарините.

На автопатот од граничниот премин Табановце на македонско-српската граница, до преминот Богородица на македонско-грчката граница, со изградба на нови патарини, патниците ќе бидат принудувани да запираат и да ја плаќаат услугата дури на шест места. Со тоа, не само што се забавува патувањето, понекогаш и се создаваат редици, туку и се зголемуваат патните трошоци. Згора на тоа автопатот е неквалитетен и речиси на секој метар има по некоја дупка. Овој проблем може да ги пренасочи туристите, особено од соседната Србија, патувањето да го планираат преку Бугарија кон Грција, каде што купуваат само една таканаречена вињетка. Граѓаните од Куманово кои до Скопје плаќаат на две патарини по сто денари само во една насока, толку колку што чини и автобускиот билет, најчесто ги одбегнуваат патарините. Тие возат по заобиколен пат, или по стариот пат за Скопје, кој ако не е во многу подобра состојба од автопатот, барем е поевтин.

Некои од запрашаните кумановци сметаат дека патарините се удар по џебот на оние кои имаат потреба од патување, особено на оние кои во голем број патуваат на работа во Скопје.

„Тие патарини треба да се одбегнуваат, бидејќи создаваат можност поединци од владата, која било да е, да крадат. Сметам дека треба да се воведат „вињетки“ како што е во Европа.“

„Автопатот на повеќе места треба да се преправи, да се реконструира.“

„За граѓаните не е добро, удира по нивниот џеб и по нивниот буџет, но за државата е прекрасно.“

„Скапо е. За возачите ќе е скапа патарината.“

„Удира по џебот на граѓаните повеќекратно. Прво чинењето на патарината, па се забавува и се чека на патарината, се губи време, а и странците што одат транзит низ Македонија чекаат на ред“, велат запрашаните кумановци.

Граѓаните сметаат дека домашните возачи и не треба да плаќаат патарина.

„Може да се реши со еднократна наплата за странците на граница, за еден или два правца, како што е во Бугарија или Романија. За домашните не ни треба да се наплаќа патарина, затоа што патот е направен многу одамна, нема потреба некој да зема пари што луѓето одат по пат. Тоа е срамота“, велат некои од запрашаните граѓани и додаваат дека залудно се собираат пари од патниците, а на патот само се крпат дупки и ништо друго.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG