Достапни линкови

Патриотизмот не е само чукање во гради


Парите од Министерството за култура добиени за одбележување на два значајни јубилеја за Ченто не се доволни за предвидени активности. Патриотизмот не е само чукање во гради, патриотизам е и за негување на традициите, вели авторот на фотомонографијата за Ченто.

Во година кога се одбележуваат два значајни јубилеја, 60 години од смртта и 115 години од раѓањето на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, прилепскиот Завод и Музеј, ќе реализира изложба, а според планот треба да промовира и фотомонографија посветена на истакнатиот борец за суверена, независна Македонија. Но, како што вели, историчарот кустос советник, Рубин Белчески, средствата добиени од Министерството за култура се доволни само за изложбата. Затоа тој повикува на општествена одговорност.

„Ги повикувам и невладини и владини организации, државата низ своите органи и локалната самоуправа и општествено одговорни приватни фирми, како и поединци, да смогнеме сили, да го искористиме историскиот момент, и да му оддадеме почит на Ченто, во оваа значајна јубилејна година. Се надевам дека малку ќе направиме во однос на она, што тој го има направено за Македонија“, апелира историчарот Белчески.

Фотомонографијата е неколкугодишен труд на Белчески, во кој се сместени 250 фотографии, што го опфаќаат животот и делото на Ченто, но и сите фотографии на уметнички дела, монети, поштенски марки, публикации ... сѐ што е поврзано со неговиот животен пат.

„Имаме околу 160 значајни датуми од неговиот живот, што ги дополнуваат фотографиите, значи се прави целина на таа публикација. Има неколку публикации издадени за Ченто, меѓутоа оваа е од еден поинаков тип. Може, така речи, секое дете од пет-шест години, па и повозрасни да не читаат долги текстови за неговиот животен пат, ќе добиеме една многу поголема, поширока, пообемна слика за неговите активности, а тој бил активен во целокупниот општествен живот на Прилеп во тој период“, објаснува историчарот кустос советник, Белчески.

Изложбата е планирана на 24 јули, денот на смртта на Ченто. Но, дотогаш авторот негува надежи дека ќе се соберат доволно средства за да се испечати ова дело, што би било промовирано на денот на раѓањето на Методија Андонов Ченто, на 17 август, во неговиот роден град, Прилеп.

„Бидејќи не е само патриотизмот чукање во гради, патриотизам е и за негување на традициите од НОБ, чување на ликот и делото на познати активисти и поборници, оние кои што го дале својот живот или дел од животот за самостојна и независна Република Македонија, а попогодна личност од Ченто, за тоа нема“, порачува Белчески.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG