Организаторите на маршот во главниот град на САД велат дека сакаат нивниот глас да биде слушнат од администрацијата на претседателот Трамп на неговиот прв ден.
„Женскиот марш во Вашингтон ќе испрати храбра порака до нашата нова влада на нивниот прв ден на функцијата и до светот дека женските права се човекови права“, велат организаторите на нивната интернет страница.
Тие велат дека, без оглед на името, сите се добредојдени да се приклучат, а не само жените.
Организаторите очекуваат на протестот во Вашингтон, кој треба да почне во 10 изутрина по локално време, односно во 16 часот по македонско време, да излезат 200 илјади луѓе.
Маршот доаѓа еден ден по инаугурацијата на Трамп, на која освен вообичаените прослави, имаше и протести и насилства во Вашингтон. Полицијата, под полна опрема, користеше пепер-спреј и апсеше демонстранти, откако некои од учесниците кршеа прозорци на околните продавници. Новинската агенција Франс прес објави дека многумина од насилните демонстранти биле маскирани, облечени во црно и носеле анархистички знамиња. Полицијата вчера во Вашингтон уапси најмалку 95 луѓе.
Организаторите на Женскиот марш апелираат денешните протести да бидат мирни.
„Ненасилството е начин на живот на храбрите луѓе“, велат тие.
На нивната интернет страница се посочува дека се планирани 673 маршеви ширум светот на кои се очекува да присуствуваат повеќе од два милиони луѓе.