По десет години масовни новогодишни прослави на плоштадот во центарот на Скопје, за првпат Градот реши да ги пренамени парите за оние на кои најмногу им се потребни во овие денови, но и во текот на целата година - на сиромашните.
Во своите првични реакции скопјани ја поздравуваат одлуката, но посочуваат дека поголема грижа за сиромашените граѓани е потребна секој ден, а не само за Нова година.
Во соопштението од Градот Скопје се наведува дека се откажува новогодишната прослава што требаше да се одржи на плоштадот Македонија, а средствата кои што беа планирани за организирање на пречекот и се во износ од околу 2 милиона денари ќе ги донира во социјални цели. Одлуката каде ќе бидат донирани средствата, како што соопштуваат од Град Скопје, ќе ја донесе Советот.
Скопјани велат дека Градот изненади со одлуката да ги донира парите за социјални цели со оглед дека со години по ред се трошеа пари за прослави на плоштадот. Тие велат дека одлуката е добра идеја, поради се поголемиот број луѓе кои живеат на работ на сиромаштија, но нагласуваат дека хуманост и рационално користење на народните пари на граѓаните им е потребно секој ден, а не само еден ден во годината.
„Во секој случај може нешто скромно да се направи за прослава, особено за децата. Навечер треба да биде нешто скромно. Апсoлутно се согласувам да се пренаменат тие сретства за посиромашните, зошто навистина има многу луѓе кои се на ивица на опстанок, буквално крај со крај се врзува."
„Треба сите градови да се откажат во интерес на некои повисоки цели, едноставно да им се помогне на тие на кои им е потребна помош. Тие што се сиромашни, тие што имаат проблеми, тие што имаат здравствени проблеми. Може да се пренасочат за многу порационални цели за здравјето на луѓето.“
„Може да се придружат и други градови. Добра идеја е. Сега колку се издвојуваат пари за тие прослави не се знае, може да бидеме попрактични.“
„За Нова година и така е студено, ќе мрзнат луѓе. Вака нека ги донираат за други цели.“
„Баш мислам дека тоа би било права одлука да се дадат парите на сиромашните и да не се прават некои ептен скапи прослави“, изјавија дел од граѓаните.
Инаку по одлуката на Градот Скопје да ја откаже новогодишната прослава некои од изведувачите кои требаше да настапат на плоштадот, како што јавуваат некои медиуми, најавиле тужба против градот. Во меѓувреме Општина Центар, која забавата ја организира на сквер Јадран, ги разгледува правните последици што би произлегле во случај и тие да ја откажат прославата. Во изминатите неколку години Центар организира сопствена прослава.
Инаку за пречекот на Плоштадот во Скопје беа планирани настапи на Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Адријан Гаџа и Слаткар.
До одлуката на Градот Скопје дојде откако Градоначалникот на Велес најави новогодишна хуманитарна акција наместо прослава, а и во некои градови од соседството веќе има иницијативи од граѓани за пренасочување на средствата од новогодишни прослави за помош на деца на кои им е потребно лекување.
И партијата Левица на својата веб страница објави петиција со слично барање.