Учество на средношколците во носењето одлуки повеќе е формално отколку суштинско, а тоа е основен чекор за квалитетни промени во образовниот процес, се вели во посебниот Извештај на Народниот правобранител за вклученоста на учениците во носењето одлуки.
Анализата на прашалниците на Народниот правобранител кои беа доставени во 103 средни училишта во Македонија ја потврди констатацијата дека не е законски уредено учеството на учениците во носењето одлуки, изјави заменик-Народниот правобранител Васка Бајрамовска - Мустафа. Од анализата на Законот за средно образование, утврдено е дека учениците и нивните родители може да учествуваат во носењето одлуки само преку форма на поднесување на приговори и тоа во три случаи - Кога не се задоволни од оценката што ја добиваат на крајот од годината; Во случај на резултатите од екстерното проверување на знаењата, како и за изречена педагошка мерка.
„Воспитно-обраозовниот процес меѓу другото има за цел децата да израснат во вистински граѓани кои ќе знаат да живеат во демократско општество. Но во услови кога родители или наставници одлучуваат наместо децата за битни прашања, прашање е колку децата во пракса може да го остварат она што се очекува од нив“, вели Бајрамовска-Мустафа.
Затоа Народниот правобранител укажува дека е потребно почитување на конвенцијата на правата на децата, а во препораките до МОН исто така Правобранителот бара измени на Законот за средно образование. Според Бајрамовска потребно е да се даде правна форма на правото на учество и здружување, со цел претставниците на учениците да може квалитетно да ги изразат нивните ставови и тоа не само за небитни прашања, како за екскурзии, туку за самиот образовен процес
„Учеството на средношколците не е ефикасно утврдено во Законот за средно образование и неговите подзаконски акти. Констатиравме ниско ниво на учество во образовниот процес и нејасна и неуредена форма на здружување на средношколците и нивно учество во носење одлуки кои ги засегаат нив во образовниот процес“, изјави Бајрамовска-Мустафа.
Таа рече дека индикативно е што на прашање кога најчество се бара мислење од учениците, испитаниците одговориле дека тоа се однесува на организирање екскурзии, прослава на матура или носење униформи. Прашалниците покажале дека меѓу учениците не е јасна визијата за нивно учество во органите за носење одлуки, односно во МОН. Во препораките се укажува дека се потребни мерки со кои учениците ќе се третираат како партнери во Министерството и оти учениците ќе бидат консултирани кога се носат решенија кои се однесуваат на образовниот процес. Бајрамовска нагласува дека, за жал, во Македонија владее мислењето дека во име на децата до 18 години, одлуките треба да ги носат нивните родители и наставниците. Според неа индикативен е и одговорот дека на прашање какви карактеристики треба да поседува ученикот избран за претседател, меѓу другото е одговорено дека тој треба да добие позитивно мислење и од наставниците.
Анализата на Народниот правобранител за учеството на учениците во носењето одлуки исто така покажала дека само во 61 случај учеството е уредено со акти и оти најчесто се мешаат помите учество и здружување.