Очигледно дека дополнителниот заменик министер за труд и социјала Диме Спасов има лоши советници кои уште повеќе ја отвораат пандорината кутија, не знаејќи дека за сообраќајните несреќи има аргументи и факти, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по тврдењата на заменик министерот дека неговиот случај е криминално полициска местенка. Министерот посочи дека било утврдено дека Спасов го управувал службеното возило и дека во двата случаи го напуштил местото на сообраќајната несреќа и не ја известил полицијата. Тој нагласи и дека сопатникот на Спасов во потпишаната изјава не кажал дека автомобилот во кој се возеле бил следен или нападнат од други лица, како што тврди Диме Спасов. Министерот, нагласи дека постојат и аудио снимки од пријавата на лицата кои го пријавиле Спасов во МВР кога го удрил нивното возило.
„Веднаш по удирањето во Пасатот за кој лицето Д.С. тврди дека наводно удирале по неговото возело и го бркале, веднаш по удирањето пријавуваат во полиција на 192 дека се удрени од возило Туарег и дека возилото не застанува и се движи. За тоа има аудио снимка бидејќи сите пријави на 192 се снимени. Разговорот со полицискиот службеник трае сè до моментот на запирање на возилото Туарег од страна на полициските службеници. Апсолутно ги отфрлам сите работи дека ова е криминално полициска местенка. Може да потврдам дека има местенка од самиот Спасов и уште повеќе од тие кои го советуваат без да знаат дека има снимки“, изјави министерот Спасовски.
Тој изјави дека неколку прекршочни пријави ќе бидат поднесени против дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов. Пријавите против Спасов се поднесени поради напуштање на местото на сообраќајната несреќа, непостапување по наредба на полициски службеник и неприспособување на брзината на автомобилот кон состојбите на патот и на другите околности.
Според него, биле преземени сите мерки за состојбите и причините за сообраќајната несреќа во која учествуваше Спасов и биле прибавени сите докази, иако имало попречувања во увидот.
Претходно, Диме Спасов во интервју за ТВ Нова изјави дека бил жртва на смислено сценарио со цел да му се наштети на личниот интегритет.
„Ова е обид на опозицијата на секој начин само да се наштети преку злоупотреби на институциите да се освојат политички поени или да се постигнат политички цели што не смее да се дозволи“, изјави Спасов.
Според неговите зборови, тој бегал од група напаѓачи кои го следеле кога се судрил со друго возило, за кое порача дека ќе ја надомести штетата. Со тие што го следеле, како што истакна Спасов, се обидел да разговара, но бил турнат и потоа му се заканувале и со огнено оружје, односно пиштол. Во меѓувреме, дошло едно полициско возило и како што изјави Спасов се собрала голема толпа на луѓе и во таа тензична атмосфера тој решил да го напушти местото на настанот. Кој и зошто го наместил, како што тврди Спасов, треба да истражат органите, бидејќи имало пропуст во постапките. На крајот тој порача дека не смее да дозволи со црно сценарио како во времето на УДБА, преку невистини, да се наштети на една личност и дополни дека и понатаму ќе продолжи да работи.
Од СДСМ реагираа дека дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов по скандалот што го направил и по четири дена откако не бил присутен во јавноста се појавил на скандалозно интервју на кое покажал сè што научил од неговите шефови Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Според СДСМ, прашањата за кои сè уште нема одговор се што правел доцна навечер со службено возило, дали бил во алкохолизирана состојба, зошто се обидел да излаже дека не возел и дали имал сопатничка во возилото и во кое својство била таа таму, како и зошто се криел од јавноста и не одел на работа.