Вести
МОК одзеде медали освоени на Олимпијадата во Пекинг
Меѓународниот Олимписки комитет им одзеде медали уште на четворица спортисти и тоа на тројца Руси и на еден Ерменец, кои освоиле медали на Олимпијадата во Пекинг во 2008. Од МОК велат дека на вкупно шест спортисти им се одзедени медалите откако било утврдено дека се допингувале. Без медал остана атлетичарката Татјана Фирова, потоа и Надежда Евстјанкина и Марина Шаинова од Русија кои креваат тегови. Според новите истражувања се покажало дека нивните тогашни примероци биле позитивни на допинг. Без медал остана и ерменскиот спортист Тирган Мартиросјан. Претходно им беа одземени медали и на Александру Дудоглу од Молдавија и на Интигам Заиров од Азербејџан.
види ги сите денешни вести
Во Хрватска бојкот на продавници и бензински пумпи поради високите цени
Во Хрватска денеска (24 јануари) започна најавениот бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените.
Иницијативата, која потекнува од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и од министерот за економија.
Повикот за бојкот се споделуваше на социјалните мрежи изминатите денови:
„На 24 јануари во Хрватска се организира бојкот против високите цени на храната. Се повикуваат граѓаните на тој ден да не купуваат ништо, апсолутно ништо. Подгответе се за тој ден како да е недела“, стои во пораките.
Податоците покажуваат дека потрошувачките цени во Хрватска, во декември 2024 година пораснале за 4,5 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, што е највисок раст од мај. Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација, по Романија (5,5 проценти) и Унгарија (4,8 проценти).
Министерот за економија, Анте Шушњар, ја поддржа иницијативата и истакна дека Владата работи на проширување на списокот на производи со ограничени цени.
Во меѓувреме и опозициските партии го поддржаа бојкотот, критикувајќи ја Владата дека не презела ништо за да ја контролира инфлацијата.
Од друга страна, пратеникот на ХДЗ, Никола Мажар, изјави дека Владата ќе продолжи да работи на одговорни економски политики и ја поддржа одлуката на граѓаните за бојкот.
Што се однесува до структата, економистите се главно скептични за оваа иницијатива, сугерирајќи дека ниту организираните потрошувачи, ниту владата не можат да влијаат на трендовите на инфлација.
Украинскиот шеф на дипломатијата Сибиха ја поздрави пораката на Трамп до Русија
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги поздрави изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повикува на мировен договор меѓу Украина и Русија и се заканува дека ќе воведе санкции против Русија доколку Москва одбие.
На 23 јануари, на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија, Сибиха рече дека пораката на Трамп е „навистина силна“ и повика на зголемен притисок врз Русија за да ја принуди Москва да преговара.
„Потребно ни е американско лидерство. Ни треба поголем ангажман на САД“, изјави Сибиха пред глобалната бизнис елита.
Ден откако беше инаугуриран на 20 јануари, Трамп рече дека ќе воведе дополнителни санкции кон Русија за да ја доведе на преговарачка маса, но не кажа конкретно што ќе таргетира.
Трамп потоа го повика рускиот претседател Владимир Путин по име, предупредувајќи ја Москва дека се соочува со нови „високи“ царини, даноци и санкции доколку брзо не ја прекине својата целосна инвазија на Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 23 јануари изјави дека Москва „не гледа некои особено нови елементи“ во изјавите на Трамп. Аналитичарите велат дека Путин верува дека ја добива војната и затоа не гледа причина да ги прекине борбите.
Подоцна, на 23 јануари, Трамп ја повика Саудиска Арабија и нејзините сојузници во ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта) да го зголемат производството на нафта, што ќе ги намали цените на нафтата, задушувајќи го клучниот извор на приходи за Москва за финансирање на војната.
„Ако цената на нафтата падне, војната „ќе заврши веднаш“, рече Трамп во говорот преку видео врска на Светскиот економски форум.
Трамп подоцна им рече на новинарите во Белата куќа дека би сакал веднаш да се сретне со Путин за да обезбеди крај на руската целосна инвазија на Украина.
„Од она што го слушам, Путин би сакал да ме види и ќе одам штом ќе можам поскоро. Веднаш би се сретнал. Додека не се сретнеме, војниците ги губат животите на бојното поле“, рече Трамп.
Тј додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски му рекол дека е подготвен да направи договор за ставање крај на војната.
Сибиха го истакна зајакнувањето на Украина, што, како што рече, ќе овозможи стабилизирање на ситуацијата на фронтот.
Во Србија ќе се одржи генерален штрајк на кој повикаа студентите
Во Србија денеска (24 јануари) почнува генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“, на кој граѓаните ги повикаа студентите што организираат блокада.
„Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“, напишаа студентите на Инстаграм.
Поддршка на акцијата најавија бројни компании, здруженија и политички партии.
Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе има оддавање почит за загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе се одржи генерален штрајк.
За денеска во 14 часот е закажан протест во организација на Протестниот одбор на адвокатите пред зградата на Претседателството на Србија.
Коалицијата за слобода на медиумите ја поддржа акцијата за генерален штрајк и ги повика членовите на таа организација да се приклучат.
Генерален штрајк прогласи и Републичкиот синдикат на културата, а претходно на истиот чекор презедоа адвокатите и наставниците. На штрајкот ќе се приклучат и вработени во културата, поединечни културни институции, библиотеки, претставници на невладиниот сектор, угостители, претприемачи.
Организаторите истакнуваат дека ова нема да биде генерален штрајк во вистинска смисла на зборот, но форма на граѓанска непослушност и еден вид солидарен штрајк.
Претседателот на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија, Душан Кокот, на 20 јануари прогласи генерален штрајк во училиштата, а на прекинот на работата се приклучија и адвокатите.
Вратите ќе ги затвори и Историскиот архив на Белград, додека бројни театри во Србија ја прекинаа својата програма. Повикот за генерален штрајк беше проследен со бројни пораки на солидарност.
На генералниот штрајк се приклучија медиумите Н1, Нова, Данас, Спорт Клуб, додека новинските агенции Бета и Фонет најавија дека ќе ја поддржат акцијата на студентите и различни групи активисти и работници со запирање на емитувањето на информативните сервиси и објавување вести на порталите и социјалните мрежи во периодот од 11:52 до 12:07 часот.
Во исто време, денеска претседателот на државата Александар Вучиќ формира „народно движење“ . Тој и владејачката Српска напредна странка повикаа на голем митинг во Јагодина што треба да го одбележи формирањето на „народното движење за пристојна Србија“.
Федерален судија привремено ја блокира наредбата на Трамп за укинување на државјанство по раѓање
Американски федерален судија во одлука го блокираше обидот на администрацијата на Доналд Трамп до го укине правото за добивање државјанство по место на раѓање на деца на недокументирани имигранти и странски посетители.
Одлуката на окружниот судија на САД, Џон К. Кафенар, е на национално ниво и со важност од две недели. Тоа е одговор на тужба поднесена од четири сојузни држави- Вашингтон, Аризона, Илиноис и Орегон, според која извршната уредба на Белата куќа, потпишана од претседателот Трамп во понеделникот (20 јануари), е неуставна.
Уште 18 држави заедно со Вашингтон, округ Колумбија, поднесоа слична тужба во Масачусетс, плус најмалку три различни организации за граѓански права водат свои правни постапки. Сите овие сојузни држави се водени од демократски гувернери.
Судските постапки ја оспоруваат извршната наредба на Трамп, за која претседателот изјави дека се надева да стапи во сила кон средината на февруари.
Повеќе јавни обвинители ја оспоруваат одлуката на Трамп, а во поднесените тужби се вели дека во САД годишно се раѓаат 153000 деца од двајца родители кои немаат документи за легален престој. Администрацијата на Трамп се надева дека укинувањето на правото може да ја обесхрабри нелегалната имиграција во САД.
Извршната наредба на Трамп предвидува неговата администрација повеќе да не признава државјанство по автоматизам на оние деца родени на американско тло од родители имигранти кои во земјата дошле нелегално, односно ниту еден од родителите не е државјанин на САД или поседува легален престој (зелена карта).
Исто така, уредбата на Трамп оневозможува добивање на државјанство по автоматизам на децата родени од родители кои во земјата дошле со привремени работни, студентски или туристички визи.
Трамп во Давос изјави дека Украина е подготвена за договор и дека гарантира испорака на гас за Европа
Украина е подготвена за договор, рече американскиот претседател Доналд Трамп на 23 јануари за време на видео конференција во Давос, одговарајќи на прашање дека ќе има мировен договор за ставање крај на руско-украинската војна до неговиот говор во Давос следната година.
„Треба да ја прашате Русија. Украина е подготвена да склучи договор“, рече американскиот претседател, кој им се обрати на учесниците на Светскиот економски форум во Давос преку видео-конференција.
Тој рече дека се надева оти Кина може да им помогне на САД да ја прекинат војната меѓу Русија и Украина. „Тие имаат големо влијание врз таа ситуација“, рече тој.
Трамп додаде дека сака да работи со Кина за денуклеаризација и нагласи дека другите светски лидери, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин, ќе ја поддржат идејата.
На прашањето за односите меѓу САД и Кина, тој рече дека САД сакаат само „рамноправни терени за игра“, додавајќи дека не сака Кина да ги искористи предностите на САД.
На прашањето дали САД под негово водство ќе гарантираат снабдување со гас во Европа, Трамп одговори: „Да“.
„Дефинитивно ќе направиме енергетски договор со Европа и ќе го завршиме тоа“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на американските испораки на ЛНГ (течен природен гас) за Европската унија.
Соединетите Американски Држави се веќе главниот снабдувач на ЛНГ за 27-те членки на ЕУ, а нивната улога се очекува да расте уште повеќе.
Трамп најави дека ќе ја намали корпоративната даночна стапка на 15% за компаниите што ги произведуваат нивните производи во САД и дека тоа „ќе создаде огромен интерес“.
Тој го одговори ова на прашањето на извршниот директор на Банката на Америка, Брајан Мојнихан за тоа како серијата одлуки на Трамп за имиграцијата и трговијата ќе влијаат на амбицијата на претседателот да го поттикне растот на БДП и да ја намали инфлацијата.
Одговарајќи на прашање од основачот на Блекстоун груп (Blackstone Group), Трамп ги детализира своите поплаки за Европската унија, наведувајќи дека царините и даноците во европските земји се превисоки, регулативите се рестриктивни, трговскиот дефицит со САД е преголем и дека тужбите против Американските компании како Гугл се неправедни.
„Планираме да направиме нешто околу тоа“, рече тој.
„Се обидувам да бидам конструктивен бидејќи ја сакам Европа. Ги сакам европските земји, но процесот е многу комплициран и тие се однесуваат кон САД многу, многу неправедно“, рече тој.
Во говорот во Давос, Доналд Трамп им порача на сите странски компании дека доколку не ги произведуваат своите производи во САД, ќе се соочат со огромни царини, додека оние што го пренесуваат производството ќе добијат „големи“ даночни олеснувања. Тој вети и најголемо намалување на даноците во историјата на САД.
„САД ќе бидат светска престолнина на вештачката интелигенција и криптовалутите... Дојдете и правете ги вашите производи во Америка, но ако не, тоа е ваша одлука. Но, многу едноставно, ќе плаќате тарифи во различни износи, што ќе ги пренасочи стотици милијарди, дури и трилиони долари во нашата каса“, рече Трамп додека им се обрати на учесниците на Светскиот економски форум во Давос.
Тој ја спомена инвестицијата од 500 милијарди долари во развој на вештачка интелигенција во САД и додаде дека Саудиска Арабија најавила инвестиции во неговата земја.
Тој, исто така, изјави дека работи на ограничување на инфлацијата и илегалната имиграција, а во исто време го охрабрува производството на фосилни горива во САД.
„Она што светот го виде во последните 72 часа не е ништо помалку од револуција на здравиот разум“, рече Трамп.
Американскиот претседател рече и дека ќе побара од сојузниците од НАТО да придонесат повеќе финансиски за Алијансата.
Мајкл Мартин e новиот ирски премиер по парламентарниот ќор-сокак
Мајкл Мартин e назначен за нов премиер на Ирска во четвртокот, откако пратениците со задоцнување го поддржаа по жестоката расправија околу правилата за говорење на парламентот што го одложи гласањето.
Коалицијата е составена од традиционалните ривалски партии Фине Гејл (Fine Gael) и Фијана Фол (Fianna Fail), а независните политичари во гласањето го заменија помалиот коалициски партнер Партија на зелените, која загуби најголем дел од своите места во Парламентот.
Гласањето за избор на Мартин, првично закажано за среда, беше одложено, кога Парламентот беше суспендиран четири пати по протестите на опозицијата поради правото на говор на независните пратеници кои ја поддржуваат новата коалиција.
64-годишниот Мартин беше премиер на Ирска од 2020 до 2022 година пред да ја предаде функцијата на партијата Фине Гејл во втората половина од неговиот мандат.
Според договорот постигнат по изборите на 29 ноември, премиерот во заминување Сајмон Харис треба да се врати на премиерската функција на крајот на 2027 година.
Харис ќе го замени Мартин како вицепремиер и најверојатно ќе ја преземе функцијата министер за надворешни работи, додека Паскал Донахо, претседател на групата министри за финансии од еврозоната, ќе се врати како министер за финансии.
Хрватското МНР препорача нејзините државјани да не патуваат во Србија
Хрватското Министерство за надворешни работи, „поради односот и третманот на хрватските граѓани во Србија“, ги ажурираше препораките за патување во таа земја и ги повика граѓаните да ги одложат сите несуштински патувања во Србија.
Хрватска претходно испрати протестна нота до Србија, која ја најави министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, поради апсењето на пет хрватски државјани во Белград. Тие беа на собир организиран од Ерсте Стифунг.
Хрватското Министерство за надворешни работи ги повика Хрватите да бидат внимателни и да добијат детални информации пред да патуваат.
Препораките сугерираат „одложување на сите несуштински патувања“, како и „претпазливост, следење на моменталната состојба и добивање подетални информации пред патување поради евидентираните несоодветни и неосновани постапки на властите на Република Србија кон хрватските граѓани“.
„Ги советуваме хрватските граѓани да избегнуваат места каде што се собираат голем број луѓе. Доколку е потребно, хрватските граѓани имаат право во секое време да се обратат до Амбасадата на Република Хрватска во Република Србија“, се наведува во препораките.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави за новинарите во Давос дека за сè ќе ја информира делегацијата на Европската унија во Белград, Европската комисија и полското претседателство со Унијата, како и дека ќе ги собере „сите случаи на малтретирање на хрватските граѓани“, рече хрватскиот Владата објави на 22 јануари.
Европскиот парламент ја осуди Москва за „фалсификување на историјата за да ја оправда војната“
Европскиот парламент во резолуцијата усвоена на 23 јануари, ја осуди Русија за систематско фалсификување историски аргументи за да ја оправда војната во Украина.
Европратениците ги повикаа ЕУ и нејзините земји-членки да ја засилат борбата против руските дезинформации, како и да ги прошират санкциите против руските медиуми кои спроведуваат кампањи за дезинформација бранејќи ја агресијата против Украина.
„Текстот усвоен од парламентот ги отфрла историските тврдења на рускиот режим кои ја поткопуваат историјата и националниот идентитет на Украина како залудни обиди да се оправда нејзината нелегална војна“, соопшти Европскиот парламент.
Резолуцијата, исто така, го осудува неуспехот на Русија да воспостави одговорност за советските злосторства, како и за спречување обиди за спроведување историско истражување и одржување јавни дебати за овие прашања, наведувајќи дека таквите практики придонеле режимот во Москва да ги „оживее империјалистичките политики и да ја инструментализира историјата за својот злосторнички цели“.
Европратениците истакнаа дека посилните и подобро координирани напори на ЕУ и нејзините земји-членки за брзо спротивставување на руските дезинформации, манипулации и странско мешање се од суштинско значење за заштита на интегритетот на демократските процеси и зајакнување на отпорноста на европските општества.
Наведоа дека е потребно активно промовирање на медиумската писменост и поддршка на квалитетно и професионално новинарство.
Резолуцијата, исто така, ја повикува ЕУ да ги прошири санкциите против руските медиуми кои спроведуваат кампањи за дезинформација кои ја поддржуваат руската агресивна војна против Украина, како и да ја зголеми поддршката за забранетите независни руски медиуми за да овозможат различни гласови во медиумите на руски јазик.
Европскиот парламент изрази загриженост за неодамнешните најави на Мета и Екс Корп, кои се сопственици на социјалните мрежи Фејсбук и Х, за релаксирање на правилата за проверка на факти и умереност, бидејќи тоа дополнително ќе го олесни ширењето на руската дезинформација.
За резолуцијата гласаа 480 пратеници, против 58, а воздржани 48 пратеници.
„ТАВ Македонија“: Лажни информации за продажба на багаж во име на Меѓународниот аеродром - Скопје
„ТАВ Македонија“, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродроми, Меѓународниот аеродром - Скопје и Aеродромот „Свети Апостол Павле“ - Охрид, во соопштение за јавноста ги предупредува граѓаните за лажни страници и профили на социјалните мрежи, преку кои наводно се продава изгубен багаж на аеродромот.
„За жал, има лажни страници и профили на социјалните мрежи, на кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром - Скопје. Ова се лажни објави на социјалните мрежи преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром - Скопје, односно аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“, а понатаму, корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници, каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски сметки, со цел да бидат измамени да направат трансакција, појаснуваат од „ТАВ Македонија“.
Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни додека се на интернет, особено кога се бара да ги вметнат личните податоци и детали за трансакциски сметки, што може дополнително да бидат злоупотребени.
„ТАВ Македонија“ ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед, особено затоа што во аеродромската дејност, изгубениот багаж им се враќа на сопствениците согласно утврдена процедура, односно со изгубениот багаж никогаш не се тргува, нагласуваат оттаму.
Во соопштението се истакнува дека сите официјални информации и новости во врска со и за Меѓународниот аеродром - Скопје може да се најдат на нивната веб страница како и на социјалните мрежи.
„Сите други веб-страници и страници на социјалните мрежи на кои луѓето може да наидат, лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот аеродром - Скопје и дејноста на „ТАВ Македонија“, посочуваат оттаму.
Влада: Следната недела ќе бидат завршени сите процедури околу унгарскиот заем за фирмите
На владината седница што треба да се одржи следната недела се очекува да бидат завршени сите процедури околу кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите.
Портпаролката на Владата, Марија Митева денеска на прес-конференција рече дека согласно најавите на Владата, оваа кредитна линија треба да стане оперативна до крајот на јануари.
„Како Влада најавивме дека до крајот на јануари се очекува кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите да стане оперативна. Тоа е веќе следната недела и очекувам на таа владина седница сите овие процедури да бидат завршени со што компаниите ќе можат да ги користат овие финансиски средства“, рече Митева во одговор на новинарско прашање.
Кредитната линија за компаниите е дел од унгарскиот заем од половина милијарда евра за што Владата на 8 октомври во Будимпешта го потпиша договорот со унгарската Експорт-импорт банка. Половина од средствата се наменети за компаниите, а половина за општините.
Во однос на тоа кога Владата ќе ги објави имињата на владините советници и колкави се нивните примања, Митева одговори дека тоа ќе се случи откако ќе се заврши целосно процесот на екипирање.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете