Достапни линкови

Измислени интелектуалци за одбрана на власта


Новопечените наменски создадени контра-протестантски констелации се измислени и не може да се наречат интелектуалци, вели професор Мимоза Ристова.

Поделбата меѓу интелектуалците е вештачки направена. Едните се вистински, а другите се квази и уценети интелектуалци. Едните делувале во општеството, нивните дејанија сме ги гледале децении наназад, додека другите се новородени, вели во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе биде емитувано в недела универзитетскиот професор и член на Професорскиот пленум, Мимоза Ристова.

„Јас се изненадувам за некакви новопечени, кои не сакам да ги именувам тие луѓе од ГДОМ и од сличните констелации наменски новосоздадени во стилот на контрапротестанти и контра сè. Тие луѓе се измислени. Тие не биле интелектуалци. Интелектуалци се луѓе кои критикуваат и едни и други и трети. Едноставно да бидеш критичко око на власта. Тоа е интелектуалец, а не е интелектуалец да бидеш врзан со некоја партија и кауза. Едноставно кауза е мојот ум и моето знаење. Ништо друго не признавам“, вели таа.

Според неа, појавата на Шарената револуција е консеквентна состојба на ослободување на говорот, слободата на делувањето, како и изродување на бунт против беззаконието и невладеењето на правото и уривањето на правниот поредок и систем на земјата.

„Секое ново дело и дејаније на власта против човековите права и слободи, против слободата на говорот и против демократијата будеше нови и нови интелектуалци кои на повисок тон артикулираа спротивставување на таквото нешто, а тоа, пак, прави ослободување и либерација индивидуална кај луѓето кои ја оформија Шарената револуција“, смета Ристова.

Композиторот Никола Коџабашија истакнува дека во Македонија се случува граѓанска свест и граѓанско освестување и луѓето почнуваат да разбираат дека општеството ним им припаѓа. Но, тој би сакал да види дека таа форма на комуникација ќе стане суштина и да не се повтори отуѓувањето за да не се загубат младите генерации. Во тој смисол, според него, треба да бидат малку пожестоки.

„Отпорот што се создаде во последниве неколку години во Македонија мислам дека не смее да се претвори во еден периодичен феномен. Тој треба да е постојано буден бидејќи така ќе го зачуваме општеството. Така ќе покажеме дека будно ги посматраме тие кои говорат во наше име. И токму заради тоа што говорат во наше име“, изјави неодамна тој.

Ристова смета дека оние што не излегуваат на улица за да се спротивстават на владините политики спаѓаат во неколку категории или се уплашени и уценети или пак се индиферентни или немаат доверба во никого.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG