Достапни линкови

Крај на миграцискиот сон во Идомени?


Булдожери го чистат кампот кај Идомени
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Булдожери го чистат кампот кај Идомени

Порасна во мал град кој стана симбол на европската политика на затворени граници за мигрантите и бегалците. Од вчера грчките власти почнаа да го отстрануваат. Станува збор за илегалниот камп кој пред неколку месеци беше подигнат кај Идомени во близина на границата со Македонија.

Грчката полиција ги пренесува мигрантите и бегалците со автобуси, по што со булдожери ги урива шаторите во кои тие биле сместени во изминативе месеци.

Со овој потег дефинитивно се растури сонот на илјадници луѓе дека ќе можат да го продолжат патот до побогатите земји на Европската унија.

Бегалците, главно од Сирија и Ирак, тврдоглаво одбиваа да ги послушаат повиците на грчките власти за доброволно заминување од кампот.

Но, во вторникот тие со автобуси почнаа да бидат раселувани во нови кампови што ги изградија грчката војска и локалните власти.

Во нив за неколку денови треба да бидат пренесени и преостанатите шест ипол илјади бегалци од Идомени. Само во вторникот полицијата пренесе 2 илјади луѓе.

Она што се случува е сигнал за почеток на кампови кои уште долго време ќе ги има на европска територија.

Мелани Ворд, Меѓународен спасувачки комитет

Во операцијата учествуваат седумстотини полицајци, а целата акција се снима со хеликоптер. Во кампот не е дозволен влез за новинари и сниматели.

„Полицијата е насекаде и тоа е навистина страшно“, вели 50 годшниот сириски бегалец Емад Хавари за новинската агенција Асошиетед прес.

Тој со неговото семејство претходно успеал да избега од кампот и додава дека не сака да биде сместен во друг камп.

Во Идомени во март годинава имаше над 14 илјади мигранти и бегалци, но нивниот број се намали откако почнаа да сфаќаат дека границата нема брзо да биде повторно отворена.

Повеќето живеаа во мали шатори по нивите и покрај железничките пруги, а тамошните услови беа мизерни.

Во последно време кампот почна да добива имиџ на постојан, откако бегалците отворија мали продавници, фурни и берберници.

УНХЦР соопшти дека се надева оти операцијата на грчките власти ќе мине мирно.

„Владата нема да преземе насилни мерки. Станува збор за голема операција која мора да биде добро обезбедена“, изјави владиниот портпарол за миграциската криза Јоргос Кирицис.

По расчистувањето на кампот грчката влада најави повторно воспоставување на железничкиот сообраќај кон Македонија што е во прекин веќе два месеца.

Над 54 илјади бегалци и мигранти се заглавени во Грција која пак се наоѓа во тешки финансиски проблеми.

Низ Балканот досега минаа скоро милион луѓе кои бегаат од војните и сиромаштијата на Блискиот Исток и Азија кон Европската унија.

Во март Унијата постигна договор со Турција со цел да биде намален бројот на луѓето кои стигнуваат на грчките острови.

Мелани Ворд од Меѓународниот спасувачки комитет со седиште во Њујорк смета дека расчистувањето на Идомени е резултат на неподготвеноста на ЕУ да ги релоцира беглаците од Грција во другите земји членки каде што ќе им биде понуден азил.

„Она што се случува е сигнал за почеток на кампови кои уште долго време ќе ги има на европска територија“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG