Достапни линкови

Ветеранот Куновски - спасител на „Браќа Манаки“ ?


Како единствен пријавен на конкурсот на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, во амбиент на мала присутност и преку телефонска врска, филмскиот критичар и долгогодишен селектор Благоја Куновски Доре е одбран за нов директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во наредниве две години.

Јазолот навидум е разврзан. Со Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во наредниве две години, ќе раководи искусниот филмски критичар и селектор на бројни филмски манифестации во земјава и во странство Благоја Куновски – Доре.

Така барем пресуди членството на Друштвото на филмски професионалци на Македонија. Што со својата присутност на самото Собрание, што по телефонска врска – согласно „нововостановениот член во Статутот на асоцијацијата“. Појаснувањето е едноставно, како што ќе рече Роберт Насков - претседател на Друштвото, „голем дел од колегите поради професионални обврски не можеле да присуствуваат на овој чин, а потем со порака во електронска форма потврдиле дека гласале токму за програмата на Куновски“. И, сето ова морало да биде сторено во предвечерието на годинешното издание на Канскиот фестивал „оти таму се остваруваат клучните контакти и се бираат филмовите“.

„Ние се одлучивме на овој чекор и го искористивме тоа право што стои во членот 40. Го избравме директорот преку телефонска врска.“

Тој нималку не крие дека е искрено радосен, што по цели две децении како уметнички директор и главен селектор на „Браќа Манаки“, Куновски од сега, па во наредниве две изданија, ќе раководи со Фестивалот.

Гледано од страна, иако има многу чуденки зошто никој сем Доре, особено од помладите филмски работници, не се осмелил да се зафати со вадење врели компири од оган по сменувањето на Димитар Николов Таки, ова веројатно е и единствената сега возможна солуција. Во случајов единствено човек со негов габарит, измачкан со сите професионални бои, на само неколку месеци пред почетокот на новото издание на „Браќа Манаки“, евентуално би можел да ги истурка работите до пожелуваната цел. Да се задржи постигнатото реноме и манифестацијата наново да ги пригрли постулатите од времето на оснивањето на ИФФК „Браќа Манаки“. Дека неговата посебност, та дури ако милувате - оригиналност е да биде собир на кој ќе се нотираат достигнувањата во светот на филмската камера и величаат снимателите, директорите на фотографија.

„Нашата најглавна цел ќе биде со големо задоволство и пред се со уште поголема обврска да го одржуваме големото ниво и угледот на фестивалот „Браќа Манаки“, за кој секогаш во нашите информации говориме дека е првиот, најстариот во светот. Оние кои го знаат мојот бекграунд, мојата позиција, знаат дека никогаш не сум се врзувал, тоа не ме интересирал, за ниту една групација. Сум кажувал и досега, а еве и сега ќе повторам, мојата партија е филмската уметност. Мојот професионален однос и таргет е секогаш интересот на филмската уметност и на Фестивалот“,истакнува Куновски, кој во Евгенија Димитриева Теодосиевска, досегашен селектор на документарната програма, ќе го има најблискиот соработник – уметничкиот директор на Фестивалот.

И, кон ова неминовно треба да биде спомнато дека неодамна му беше изгласана недоверба и беше сменет поранешниот директор на Фестивалот – продуцентот Димитар Николов - Таки, кој на таа позиција се задржа само една година. Нему од Друштвото на филмски професионалци, како што ќе рече колегата по професија и функција Горјан Тозија, најмногу му се замерува „поради носењето одлуки кои се надвор од неговите ингеренции, а се однесуваат на иднината и карактерот на фестивалот“.

„Кај нас глаголот на фестивал е филмска камера. Сè друго може да биде споредно. Тука директорот на Фестивалот, без никаква консултација, без било какви ингеренции, си презеде „Браќа Манаки“ да го тера во некоја друга насока, во некоја шареност. Битола не е Кан, не е Венеција. Битола не е град на море, нема аеродром...ние мора да бидеме специфични за да привлечеме нешто. “

А, Николов, и самиот на пат кон Кан, во честитката и писанието до Куновски откако ќе забележи дека „тој е единствениот што може на своите раменици да го изнесе тешкото бреме кое ќе го носи годинешново издание“, како негов најблизок соработник го потсетува дека треба да продолжи онаму каде што застанале во подготовките во ноември минатата година. Дека не смее да заборави оти можеби најдобро решение би било овогодишен лауреат за наградата „Златна камера 300“ да биде Роби Милер, дека „иако програмата му е поништена ќе направи се* „за да бидат спроведени сите аспекти на апликацијата со која тој добил средства од програмата МЕДИА на Креативна Европа“, дека ќе се заложи да бидат ги одржани договорените работилници со „Торино филм лаб“, годишното собрание на ИМАГО и категоризацијата на фестивалот заедно со ФИАПФ. Згора на тоа дека ќе стори се што е во негова моќ „да се оствари доаѓањето на главната ѕвезда за годинешното издание - Моника Белучи, како и концертот на г-нот Емир Кустурица, кој требаше да гостува со својот бенд и најнов филм“.

Конечно, разрешницата на нашиот филмски галиматијас веројатно ќе се случи на Азурниот брег. Таму може да биде „весело“. Или можеби кисело.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG