Достапни линкови

Напади против Јанева и фантомски гласачи


Изјавите на Јанева, имотот на Јанева, работата на СЈО под постојани напади на одредени медиуми кои не штедат зборови во оцнувањето на обвинителката. Весниците анализираат и за сомнителните гласачи во избирачкиот список и за терористичките напади во Брисел.

Вечер е полн со текстови против Заев и Јанева, особено по нејзината изјава со која ја доведе во прашање легитимноста на институциите поради сомневања во нечисти избори неколку циклуси наназад, за што, пак, Јанева има индиции од прислушуваните материјали. Вечер ќе наслови: „Никој во Македонија за 100 години наназад не ја понижил македонската држава како Јанева‟.

Утрински го објавува појаснувањето од Јанева дека не сакала да ги деградира државните институции, туку сакала да укаже на важноста на истрагите што ги води Специјалното обвинителство и на улогата на фер и демократските избори во градењето на институциите и нивниот легитимитет.

„Капиталот е една од заедничките работи меѓу Заев и специјалната обвинителка‟, гласи друг наслов во Вечер. И најновиот, по влегувањето на полицијата во Централен регистар по налог на СЈО заради информациите дека таму е почнато уништување на документи од кои може да се открие перењето пари: „Незаконско дивеење на Јанева во Централен регистар‟, ќе наслови Вечер во најновиот број. Па, „Како преку ноќ се збогати Катица Јанева?‟, текст во истиот весник во кој се извртува нејзината изјава за тоа како е стекнат нејзиниот личен имот.

Слободен печат пренесува анализа на порталот Сведок во која се обелоденува уште една метода на притисок врз специјалната обвинителка: „Режимот се бори со специјални судски совети кои се неформално формирани, без никакво писмено решение‟.

Во врска со илјадниците фантомски гласачи кои отпочеток ги откри ДИК, а потоа ја намали нивната бројка, Дневник насловува: „Почна топењето на лагите – 500-те илјади фантоми ги снема, ќе се проверуваат 100.000 ‛неконзистентности‛‟. „Опозицијата бара целосно прочистен Избирачки список и спроведени реформи во медиумите‟, објави Утрински. Слободен печат со забелешка до претседателот Иванов: „Претседателот откри дека во Македонија има 72 ветерани од Исламска држава – со една изјава сее паника, со друга ги смирува граѓаните мирно да спијат‟.

„Европа во војна‟ - ја наслови Нова Македонија информацијата за најновиот терористички напад во Брисел. Во друг текст пишува: „Опасноста од тероризам демне и на Балканот – според домашните експерти мерките на МВР за зајакната контрола треба да останат и понатаму на сила‟. А Владата, во меѓувреме, продолжува да се задолжува на домашниот пазар: „Ново задолжување со над 93 милиони евра, повисоко отколку што беше планирано‟, информира Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG