Во Македонија мерките за безбедност се подигнати уште по нападите во Париз и тие се уште се во сила, велат од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов. Во соопштението се додава дека за заканите за кои нема прогласено кризна состојба, надлежните служби вршат превенција и се справуваат со нив, преземаат мерки, вршат взаемна координација и разменуваат податоци со странски партнери и информираат корисници во Македонија и странство.
Се покажа во светот дека јавната манифестација на сила апсолутно не значи дека можете што било да заштитите. Треба да бидат антитерористичките единици во состојба на подготвеност за да може брзо да реагираат.Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.
По вчерашните смртоносни терористички напади во Брисел и од МВР, исто така, информираат дека после нападите во Париз во ноември минатата година донесени се мерки за подигање на нивото на безбедност и мобилноста на полицијата со кои меѓудругото се зајакнати безбедноста во и околу објектите кои се во функција на полицијата, при обезбедување на јавни собири и спортски манифестации на кои има присуство на поголем број на граѓани и друго.
Како одговор на терористичките напади, дел од експертите, анализираат дека мерките треба да бидат насочени кон зголемување на оперативната активност на службите и оти нема потреба од парадно зголемување на мерките преку манифестација на полицијата по улиците.
„Се покажа во светот дека јавната манифестација на сила апсолутно не значи дека можете што било да заштитите. Треба да бидат антитерористичките единици во состојба на подготвеност за да може брзо да реагираат, но мерките треба да бидат насочени кон зголемување на оперативната активност на контраразузнавачките служби и разузнавањето. Тие треба да работат повеќе“, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.
Во врска со изјавата на претседателот Иванов кој рече дека во Македонија има околу 70 повратници од лица кои учествувале на боиштата, Трајанов вели дека Македонија се уште не е цел на напади. Тој укажува дека секогаш постојат можности за загрозување на витални објекти, но тој верува дека службите имаат контрола над состојбите.
„Сепак е тој мал број. Не е таква бројка да не може и превентивно да се дејствува и оперативно да се покријат. А клучно за мене е верските заедници, невладините организации, партиите и медиумите, да влијаат преку семејствата или директно на овие т.н борци да се социјализираат и да ги одвраќаат од било какви активности.
Претходно Иванов изјави дека службите мора да соработуваат и на безбедносен план и да разменуваат информации. Тој рече дека граѓаните на Македонија треба да бидат спокојни, затоа што нашите институции, во соработка со нивните партнерски служби, ги спречувале сите ризици што постоеле досега.