Достапни линкови

Неуставен суд на Република Апсурдистан


Стефан Богоев, претседател на Социјал демократската младина на Македонија(СДММ) и пратеник во Собранието на РМ.
Стефан Богоев, претседател на Социјал демократската младина на Македонија(СДММ) и пратеник во Собранието на РМ.

Повеќе е од јасно! Овој Суд повеќе не може да се нарече Уставен суд. Тој е сè, само уставен не! Судот е претворен во партиска испостава, во општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој игра само по нотите кои Груевски ги свири, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Уставниот суд на Република Македонија донесе одлуката да се помилуваат осудени за изборни нерегуларности, педофилија и други тешки кривични дела! Токму со оваа реченица сакам да ја започнам оваа колумна. Баш така, откако сите слушнавме од бомбите како Јанкуловска и Јанакиески правеле низа на изборни криминали со „амин” од нивниот шеф Груевски, откако Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Титаник” поврзан токму со овие луѓе и токму со изборни нерегуларности и измама, уставниот суд донесе ваква одлука. И тука има неколку битни работи...

Оној кој правел изборна измама и на тој начин дошол на власт, токму од таа позиција на власт ги монтирал овие судии кои сега носат одлука да може тој кој ги направил нив судии во Уставниот суд и го направил криминалот да биде помилуван за истиот!? Апсурд број еден!

Прво, во бомбите слушнавме и за начинот на кои се избирале судиите. Од „тефтерчето” на Гордана по налог на Груевски, после десет години вакво владеење, режимот си инсталирал мнозинство судии и во Уставниот суд. Ги видовме и слушнавме нивните семејни врски и бенефити од ВМРО-ДПМНЕ. И тука се поставува клучното прашање, како да веруваме во исправноста на одлуката кога судиите кои ја носат истата се инсталирани на таа позиција од оние кои моментално се соочуваат со кривично дело за изборна измама!? Или, оној кој правел изборна измама и на тој начин дошол на власт, токму од таа позиција на власт ги монтирал овие судии кои сега носат одлука да може тој кој ги направил нив судии во Уставниот суд и го направил криминалот да биде помилуван за истиот!? Апсурд број еден!

Второ, со истите изборни манипулации и фалсификат е избран и Ѓорѓе Иванов за претседател на државата! И ова го видовме и го слушнавме. И токму со оваа одлука на Уставниот суд, повторно тој кој е избран на криминален начин ќе може да ги помилува оние кои на таков начин го направиле претседател на државата!? Апсурд број два!

Трето, законот за помилување како таков е донесен во 2009-та година. Сега, во екот на случајот “Титаник” за изборна измама, некој анонимус ја поднесува оваа иницијатива пред Уставен. Седум години откако е донесен законот, баш по некоја случајност и баш во момент кога први на тапет се најблиските соработници на Груевски. Каква случајност! Апсурд број три!

Четврто, откако граѓаните го дигнаа својот глас против очигледната намера за носење на една ваква противуставна и скандалозна одлука токму од оној суд кој треба да го брани Уставот, Груевски преку својот верен извршител Јакимовски организираше контрапротест за наводно заштитување на институциите. Ако е одлуката нормална и во согласност со Уставот, чуму потребата од носење државна администрација со автобуси и сендвичи на контрапротест!? Од кого да го штитат Уставниот суд, од сопствените граѓани? Апсурд број четири!

Петто, во моментите кога Уставниот суд ја носеше насилно оваа неуставна одлука, во државната изборна комисија завршуваше постапката за вкрстена проверка на избирачкиот список. Преку петстотини илјади (500 000) сомнителни гласачи како резултат на проверката ќе бидат предмет на теренска проверка, а околу двесте илјади (200 000) гласачи ги има само во избирачкиот список и во ниедна друга база на податоци. Тоа значи дека гласаат, а не се здравствено осигурени, немаат сметка во банка, ниту трансакциска, не земаат социјална помош, не земаат субвенции, едноставно не постојат никаде освен во избирачкиот список. Според Донтовиот модел за избори кој го имаме, според една студија, доволно се осумнаесет илјади (18 000) правилно распоредени гласачи за да се направи разлика од дванаесет пратеника. Замислете што се се правело. И повторно, на овој начин се правела изборната манипулација со која пред правдата се соочуваат функционери на ВМРО-ДПМНЕ, избрани на ваков начин кои подоцна ги избрале судиите во Уставниот суд и претседателот на државата кои сега можат за овој криминал да ги помилуваат! Апсурд број пет!

Шесто, токму на денот кога се носеше скандалозната и противуставна одлука, Специјалната јавна обвинителка го достави извештајот за досега сработеното до Собранието. Покрај многуте кривични дела кои ги работи, секако главно место зазема онаа против Јанкулоска, Јанакиески и уште други десет соработници на Груевски за изборна измама и манипулации. Се соочуваат со сериозни докази, сведочења и аргументи против нив, а сепак, Уставниот суд, токму на тој ден одлучи да му додели можност на нелегитимно избраниот претседател Иванов да ги помилува овие луѓе. Апсурд број шест!

Седмо, во постапката за помилување е вклучено и министерството за правда. Токму така, истиот министер кој е избран како дел од Владата на избори кои се фалсификат и чиј резултат е исход на се што погоре го имав напишано. И повторно, оние кои ги фалсификувале изборите и на тој начин ја избрале Владата, вклучително и министерот за правда, со оваа одлука на Уставниот суд можат да бидат помилувани од претседателот, по мислење на Владата односно министерството за правда кои, нели, се исто така избрани на криминален начин. Апсурд број седум!

И осмо, Груевски за одлуката изјавува дека, цитирам: „Уверен сум дека претседателот нема да ја злоупотреби функцијата по одлуката на Уставниот суд”. Истиот оној Груевски, кој слушнавме дека е татко и главен покровител на изборната измама и сиот криминал во државата, човекот кој на таков криминален начин, десет години владееше со Македонија, избираше судии и носеше судски одлуки е наводно уверен дека Ѓорѓе Иванов нема да ја злоупотреби функцијата, иако и тој е избран на таков начин. Апсурд број осум!

Повеќе е од јасно! Овој Суд повеќе не може да се нарече Уставен суд. Тој е сè, само уставен не! Судот е претворен во партиска испостава, во општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој игра само по нотите кои Груевски ги свири. Јас овој Суд не го признавам, уште помалку Владата или претседателот кој сега има можност да помилува лица кои сториле кривични дела за изборни неправилности, но и осудени педофили, дилери на наркотици и лица кои сториле дело по здравјето на луѓето. Неговите одлуки за мене се небитни и невалидни! И веднаш по носењето на ваквата одлука, четири девојчиња во Карпош беа нападнати од педофил. Осмели се, одважи се, направи тешко кривично дело бидејќи има кој да те помилува! Има разлика, нели!?

П.С. Режимските медиуми триумфалистички ја промовираа оваа одлука и целосно и безобразно манипулираат и лажат за бројките на фантомски гласачи кои произлегоа од вкрстената проверка. Зборувај ми за слободни, фер и демократски избори со независни медиуми и чист избирачки список...

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG