Достапни линкови

За инвестициите со тапани, за ефектите молк


Посета на белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје.
Посета на белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје.

Секојдневно помпезно се најавуваат нови странски инвестиции, но кога треба да се каже колку тие инвеститори ја чинат земјата, власта молчи. Друг проблем е што домашните компании иако го полнат буџетот, немаат исти поволности со странците.

Владата најави нови инвестиции во слободните економски зони и очекува годинава да биде најуспешна досега. Но, се уште не е познато колку тие инвестиции ја чинат Македонија, поради субвенциите кои ги добиваат компаниите и дали се исплатат. За да инвестираат странските компании добиваат низа поволности како ослободување од плаќање на царина и данок, а инфраструктурата е на товар на буџетот. Добиваат и концесија на земјиштето на 99 години и гратис приклучок кон гасоводна и комунална мрежа.

Она што останува како непознаница е колку пари имаме потрошено реално на странските инвеститори, на поттикнувањето да дојдат и на некој начин дали тие пари во иднина да ги фокусираме на македонски компании за кои сметаме дека се добри брендови, одржливи компании, го одбележуваат македонското стопанство како светско.
Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели дека македонската јавност и бизнис заедница треба да знае колку пари добиваат странските компании. Според него, на тој начин се прави анализа дали странските компании треба и понатаму да се субвенционираат и дали даваат пристојни плати и ја зајакнуваат македонската економија.

„Она што останува како непознаница е колку пари имаме потрошено реално на странските инвеститори, на поттикнувањето да дојдат и на некој начин дали тие пари во иднина да ги фокусираме на македонски компании за кои сметаме дека се добри брендови, одржливи компании, го одбележуваат македонското стопанство како светско“, вели Бошков.

Иако домашните компании го полнат буџетот, тие ги немаат истите поволности доколку сакаат да инвестираат во слободните економски зони. Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека критериумите за домашните фирми се построги за разлика од странските.

„Една домашна компанија може да инвестира во слободните економски зони со истото име, но треба да воведе нова производна линија и со таа линија да биде вклучена во производство во зоните. За домашниот инвеститор законот вели дека не смее да го намали бројот на компании во постоечката компанија надвор од зоната, нешто што не важи за странските инвеститори и оваа се некои работи со кои компаниите не се рамноправни“, вели Халили.

Тој додава дека поволностите за странските инвеститори се огромни. Но, како што наведува Халили без субвенциите тие не би отвориле свои капацитети во земјава.

„Тоа треба повеќе да се искористи, не само да се даваат субвенции на странските инвеститори, туку да служат како некој мост на поврзување меѓу странските и домашните инвеститори.“

Бошков додава дека речиси 98 проценти од македонската економија ја сочинуваат мали и средни компании.

„Треба да се фокусираме на тие компании, меѓутоа тоа не се само фокус баш поради отчетноста како се трошат пари кон слободните економски зони, туку кон деловната клима која може навистина да ги поттикне да бидат не само квалитетни и да опстојуват, туку да бидат и брзорастечки.“

Според последните податоци на Народната вредноста на странски директни инвестиции од јануари до септември минатата година изнесува 116 милиони евра, за разлика од истиот период во 2014 кога изнесувала 154 милиони евра. Од советот на странски инвеститори при Стопанската комора неодамна информираа дека просечната плата на вработените во слободните економски зони е 16.143 денари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG