Достапни линкови

Неделниците за посетата на Груевски во САД


Фокус пишува дека имало сè повеќе заштитени сведоци за само еден кривичен случај во Специјалното обвинителство, Република нотира дека Груевски останува главен американски партнер, а за посетата во САД пишува и Глобус.

Фокус - Над 150 заштитени сведоци ќе ја урнат преродбата?!

„Овој 15 јануари како датум - меѓник, кој го означува почетокот на крајот на едно владеење, ќе остане симболично врежан во колективната меморија на Македонецот. Како неуспешен обид за играње мајтап со сопствените граѓани и држава, со обврските преземени пред сопствениот народ, но и пред странските пазачи на демократијата“. Ова го пишува во воведната колумна „Над 150 заштитени сведоци ќе ја урнат преродбата?!“ во најновото издание на Фокус, при што се обелоденува дека „Редот кај Катица Јанева се зголемува...“ затоа што имало сè повеќе заштитени сведоци за само еден кривичен случај во Специјалното обвинителство.

Груевски отишол во Вашингтон со надеж дека ќе си ја „спаси кожата“ и со „абракадабра“ трикови за името ќе останел на власт. Со тоа, можеби, и на слобода. Но, сепак, не испадна така. Многу поверојатно е дека му било кажано, или потшепнато, дека ја очекуваат неговата оставка. И дека неговото останување во политиката и за САД, како и за повеќето други земји, е „завршена работа“.
Фокус.

Фокус прави и анализа на еднодневната посета на Груевски на САД, на неговата изјава и краткото соопштение од Кабинетот на потпретседателот Бајден. Па вели дека Груевски отишол во Вашингтон со надеж дека ќе си ја „спаси кожата“ и со „абракадабра“ трикови за името ќе останел на власт. Со тоа, можеби, и на слобода. „Но, сепак, не испадна така. Многу поверојатно е дека му било кажано, или потшепнато, дека ја очекуваат неговата оставка. И дека неговото останување во политиката и за САД, како и за повеќето други земји, е „завршена работа“.

Република - Груевски останува главен американски партнер

За Република, „Груевски останува главен американски партнер“. „По посетата на Груевски дефинитивно стана јасно дека Администрацијата на Обама решила да ја испочитува македонската реалност и за иднината на земјата да разговара со тој што и во иднина ќе биде во можност да ја води земјата и да соработува со стратешкиот пријател“ - пишува неделникот во анализата за посетата на Груевски на Вашингтон.

Инаку, воведот на Република е посветен на нападите врз лидерот на СДСМ Заев на кого, според неделникот, „му прокиснал чадорот“ со посетата на Груевски во Вашингтон, и врз специјалната обвинителка Јанева која, според воведничарот, морала итно да одговори зошто не направила записник за примените аудиоматеријали од Заев и дали снимките се оригинали или копии. Република инсинуира дека Јанева можеби сака да ги избрише трагите или „се надева дека ќе се заштити под истиот прокиснат чадор на Заев“.

Глобус - Брисел во Скопје, Груевски во Вашингтон

И Глобус ја анализира посетата на Груевски во Вашингтон, иако поради тоа што електронскиот неделник се појавува на интернет неколку денови порано текстот се сведува на предвидувања. Во статијата со наслов: „Брисел во Скопје, Груевски во Вашингтон“, Глобус забележува дека „можеби премиерот ќе побегне од европскиот час, ама прашање е колку американската испитна комисија ќе го пречека со добредојде и како ќе го насочи да почне да ја одработува својата казна кон меѓународната заедница“. Неделникот го загатнува и прашањето дали Груевски отишол во Вашингтон на свое барање или по „молба“ на американскиот собеседник. „Можеби посетата е остварена со лобирање на компанијата на која ѝ плаќаме повеќе од 50.000 долари месечно за да го гради имиџот на Груевски како добар премиер, а можеби американските власти имаат да му соопштат нешто важно на нашиот прајмминистер“, пишува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG