Достапни линкови

Бесими - Без политички договор може да ја изгубиме препораката


Бесими - Без политички договор може да ја изгубиме препораката
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:03 0:00

Бесими - Без политички договор може да ја изгубиме препораката

Доколку не се испочитува политичкиот договор од 2 јуни и доколку нецелосно работиме на исполнување на итните реформски приоритети, може да се случи и да не ја добиеме препораката, вели вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во пресрет на новиот извештај за напредокот на Македонија кон Европската унија се предложи закон за необјавување на бомбите, па се повлече, се пробиваат роковите за исполнување на договорот од Пржино. Дали ова ќе донесе сериозни забелешки во извештајот на Европската комисија?

Важно пред сè за Република Македонија и граѓаните на Република Македонија, потоа за извештајот, што всушност значи еден патоказ за нашето движење кон членството во ЕУ, секако е важно политичкиот договор што е постигнат на 2 јуни и последователните протоколи, за испочитување на истиот договор, да се исполнуваат целосно, а во исто време е и пакетот на итните реформски приоритети. Тоа е пасошот за Република Македонија за извештај кој ќе носи препорака или треба да носи препорака и за натамошно приближување кон започнување и отворање на преговори на Република Македонија за членство во Европска унија.

Меѓутоа, дали ваквото однесување ви остава впечаток за ноншалантност во однесувањето, иако ни доаѓа октомврискиот извештај на Европската комисија или вие сте задоволни од начинот и темпото како владата го реализира договорот од Пржино?

Важно е тоа што е договорено на 2 јуни да се испочитува целосно и во смисла на содржина и во смисла на временските рокови. Очигледно во некои активности роковите се пробиени, но останува обврската за политичките партии да го испочитуваат тоа што е договорено, значи Македонија за да има извештај кој е афирмативен за Република Македонија пред Советот на Европска унија, то ест, да се испочитува целосно пакетот, односно договорот од 2 јуни и да се работи во исполнување на сите реформи од ургентните реформски приоритети. Овие се обврските што ги има Република Македонија.

Каков извештај очекувате, знаете што Европската унија бара од Македонија и дали во крајна линија може да ја изгубиме препораката?

Препораката мора секоја година да се заработи. Формално гледано до последниот момент, додека се пишува, ние препораката ја немаме, но де факто до последниот момент треба да докажеме дека Република Македонија ги исполнува критериумите, тука пред сè зборувам за копенхагенските критериуми и сите други аспекти што ја прават една земја да добие препорака за членство во Европската унија. И оваа година тоа што се постигна со 2 јуни и со пакетот итни реформски приоритети Македонија е на патот кон повторно добивање на уште една препорака, но тоа не е загарантирано. Доколку не се испочитува политичкиот договор од 2 јуни и доколку нецелосно работиме на исполнување на итните реформски приоритети, може да се случи и да не ја добиеме препораката. Меѓутоа интерес и на Република Македонија и на Европска унија секако е да се работи на подобрување на климата и реформскиот ангажман за Македонија и оваа година да има препорака. Значи во таа насока оди, како што веќе работат и на исполнување на политичкиот договор и во однос на реформите, Македонија чекори кон еден извештај со препорака.

Каков сигнал се праќа со брзопотезното предложување и повлекување на закони преку ноќ, како предлог-законот за необјавување на „бомбите“ и генерално кој е вашиот став воопшто за потребата од носење на ваков закон, за кој имаше забелешка и од новинарите дека со него се внесува цензура, што е една од честите забелешки и во извештаите на Европската комисија?

Ова е важна и сензитивна тема и секако треба да се гледа во пакет, значи заедно со законот и институцијата на специјалниот обвинител, кој има надлежност во таа област и законот за „свиркачи“, односно тие што информираат во однос на овие прашања, значи тоа што е важно, Република Македонија да обезбеди еден транспарентен, кредибилен процес, независни институции со кредибилитет, да се води еден процес на објективе начин, каде што од една страна ќе се заштити тоа што е загарантирано уставно право на индивидуалност, приватност и интегритет, а од друга страна ќе се лоцира, адресира на еден објективен и транспарентен начин, професионален начин тоа што е одговорност за евентуални злоупотреби на јавни положби и позиции, што всушност е и јавен интерес на граѓаните, тогаш Македонија ќе покаже дека има капацитет да гради институции со кредибилитет согласно стандардите на Европска унија.

Но, дали воопшто е потребно носењето ваков закон?

Тоа е тема што е разговарана меѓу политичките партии и составен дел на политичкиот договор постигнат на 2 јуни и последователните состаноци. Политичките партии треба да усогласат документ во однос на тоа прашање.

Во извештајот на Прибе директно беше посочено дека скандалот со прислушувањето директно потекнува од УБК. Македонија побара помош однадвор за анализа на реформите. Направен ли е реален исчекор во оваа област?

Во ресорното министерство има два процеси во овој контекст, како што беше предвидено согласно препораките во извештајот на Прибе или извештајот на експертите, значи да се адресираат сите препораки што се дадени, со тоа што во овој дел поради сензитивноста и поради тоа што треба да се врати кредибилитетот на таа институција е побарано поддршка од една земја на Европска унија со искуство, која треба да работи на целата процедура и методологија на работењето на таа институција, а да се адресираат препораките на извештајот на Прибе, а во исто време има и ТАЕКС мисија од неколку земји од Европа унија што работат на делот што се препораките во однос на следење на комуникациите.

Каде очекувате најсериозни забелешки во извештајот и има ли изговор да ни се повторуваат забелешките кога беше донесен акционен план за надминување на посочените проблеми?

Сите теми што се во препораките ќе бидат составен дел и на извештајот. Сè што нема да се постигне во овој период да се направи ќе остане како забелешки во извештајот и јас реално очекувам дека во извештајот ќе има еден реален пристап, како што се препораките, така и во извештајот ќе има препораки во кои ќе се адресираат сите области каде што Македонија треба да направи повеќе. Тука се владеење на правото, независноста на судството, медиумите, слободата на изразување, и другите теми што се адресираат таму со еден реален пристап на тоа што досега е направено. Тоа што сакам да потенцирам и што е важно е дека од оваа година извештајот на Европска унија се менува начинот на презентирање, односно нова методологија, а воедно и стратегијата за проширување на ЕУ. Значи ќе имаме еден нов пристап каде што ќе може да се споредат земјите од регионот и не само на годишно ниво, со која динамика се напредува во однос на реформите, туку и кумулативно, од почетокот на пристапување, односно од потпишување на спогодбата за асоцијација и стабилизација со земјите кандидати, кандидатскиот статус и моменталниот статус кое е нивото на напредок. Мислам дека тоа ќе даде една покомпаративна слика во однос на целиот процес и гледано од аспект на регионот на Западне Балкан.

Дали мислите дека на гласачкото тело му должите во вашиот мандат Македонија да направи посериозно приближување кон Европската унија и треба ли Владата да понесе одговорност за тапкањето во место и лично вие?

Секако дека процесот на членство на Република Македонија во ЕУ е тема што граѓаните го поддржуваат. Процесот на евроинтеграција треба да покаже резултат и секако дека во секој дел, во секоја област секој треба да си го сноси својот дел од одговорноста. Во контекст на тоа, за одговорноста пред граѓаните, во април наредната година, како што е планирано, на избори граѓаните ќе го дадат својот глас, а секако во однос на тоа до каде оди процесот во одредена област, секој треба да си сноси своја одговорност, а во овој контекст секако и јас како потпретседател на влада задолжен за европски прашања, во делот што е значаен за овој процес, за Македонија да пристапи во наредните фази на членството во ЕУ.

Според вас, што е поголем проблем за стоењето на Македонија пред вратата на ЕУ - нерешеното прашање за името или неисполнетите реформи и дали владата паралелно работи и на ова прашање?

И двете прашања се подеднакво важни, како во однос на решавање на отворените прашања со соседите, како што спомнавте, и прашањето за името, а во исто време и процесот на реформите. Значи, ни едното, ни другото не може да бидат изговор за неисполнување, така што Македонија треба да работи паралелно на овие прашања со цел да напредува во европските евроинеграции.

Дали владата паралелно работи и на решавањето на ова прашање?

Во однос на прашањето за името секако дека треба поинтензивен процес и тука таа активност треба да се усогласи и зависи и од друга страна, односно од нашиот сосед Грција. И тука треба да се направат напори, со еден конструктивен пристап од двете страни. Во однос на реформите, секако дека и во тој дел е важно да се покаже напредок, но со оглед на политичката состојба во земјата, тоа се рефлектираше и на дел од реформите и затоа ќе се вратам на тоа дека кога зборуваме за реформите во исто време е важен пакетот на активности предвидени со политичкиот договор. Значи, тука имаме три работи, едно е отвореното прашање за името, второ е пакетот на реформи, а трето ви за ви реформите е политичкиот договор.

Ако Македонија во изминатите неколку години добиваше извештаи во кои се повторуваа едни исти забелешки, а сега ја споменуваат и политичката криза, има ли Македонија сили да излезе од оваа состојба?

Македонија мора да најде сили да излезе од ова ако сака да биде рамноправна членка на ЕУ и не само поради ЕУ, туку пред сè поради граѓаните на Република Македонија, односно граѓаните да имаат поголем стандард на живеење, да имаат поквалитетен живот и да имаат поголема доверба во институциите во однос на владеењето на правото и еднаквоста пред законите.

Една од сериозните забелешки кои се повторуваат е и за состојбите во судството. Дали назначувањето на специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим може да придонесе за подобрување на состојбите во судството кои се често на мета на странските набљудувачи?

Специјалниот обвинител произлезе од актуелната состојба, како еден предлог кој би можел да биде решение за надминување на многу критични состојби што се појавија во Република Македонија во последниот период и секако дека тоа што сега е важно е Македонија да покаже дека има капацитет да воспостави институции кои може кредибилно да водат процеси во интерес на граѓаните.

Дали од специјалниот јавен обвинител очекувате разрешница и на случајот Смилковско Езеро, поинаква од сегашната?

Тоа зависи од специјалниот обвинител како независна институција, меѓутоа пред сè ќе треба да се види интересот на граѓаните и на вистината во интерес на правдата.

Како Берлинскиот процес ќе влијае на проширувањето во регионот? Ќе даде ли тоа некакво поттикнување, со оглед дека минатата година имаше впечаток дека овој процес ќе се пролонгира?

Секако, Берлинскиот процес дава оптимизам и е уште една потврда дека проширувањето е една од темелните политики на ЕУ, на концептот на ЕУ, а не е само конјуктурна политика и важно е што тој процес добива во содржина, како во однос на инфраструктурни проекти за интегрирање и поврзување на регионот од аспект на транспорт и енергетика, а исто така и во однос на нови можности за регионален пристап, како што се образование, млади. Во текот на оваа година, на Форумот во Виена се адресираше уште едно прашање за отворени билатерални прашања на земјите од Балканот, кое се адресира како уште едно прашање што треба да се надмине, да се најдат механизми со цел регионот што поскоро да се вклучи, односно да стане членка на ЕУ. Значи, такви процеси секако дека го враќаат оптимизмот и во лидершипот во регионот, но и кај граѓаните од земјите на Западен Балкан за нивната европска перспектива.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG