Верските разлики воопшто не влијаат во односите на поранешнит и сегашните жители на дебарските погранични селски населби. Силната миграција на првославното население во текот на педесетите и шеесетите години од селата Џепиште и Отишани не ги нарушија бројните кумства на сегашното муслиманско население и поранешното христијанско население. Добрите односи се негуваат и со одржувањето на Џепишките средби кои се одржуваат на 8 септември во оваа дебарско село.
Јас сум тука роден. Дел од мојот живот, можеби најубавите години од животот ги поминав токму овде. Сè додека сум жив ќе доаѓам овде.Методија Новковски, поранешен жител на Џепиште.
„Јас сум тука роден. Дел од мојот живот, можеби најубавите години од животот ги поминав токму овде. Сè додека сум жив ќе доаѓам овде. По завршувањето на моето школување во Скопје повторно се вратив во моето село. Сакав и да влијаам позитивно во однос на образованието на моите соселани во двете села. Посебно ми е драго кога денеска овде гледам како моите ученици даваат голем придонес во сферата на образованието. Тие сега се професори, лекари итн“, истакнува Методија Новковски, поранешен жител на Џепиште, кој денеска живее во Скопје.
Секој пат и Бајрам и Велигден ги славевме заедно. Јас имав комшии Македонци православни, таму одевме за Велигден, а тие за Бајрам. Добиваме јајца, а тие баклави.Џемо Џемоски, жител на Џепиште.
Претставникот на организациониот одбор на овие средби, кои сега се традиционални, Бошко Трпевски, смета дека различните религии не се пречка за одржување на стекнатите пријателства на сегашните и поранешните џепиштани.
„Овие средби ги карактеризираа и добрите верски односи. Ние како православни и муслимани од овие села сме живееле секогаш добро. Сме се почитувале. Одевме на празниците, ние за Бајрам кај нив, а тие за Велигден кај нас. И сега тие пријателства се одржуваат мошне добро. Скоро на свадба бев овде кај моите пријатели. Кај матичарот Авмед, бидејќи нашите татковци беа добри пријатели, а ние тие пријателства ги одржуваме“, вели тој.
На средбите кои се одржуваат во дворот на селската црква, секоја година има и голем број на жители на двете погранични села. Џемо Џемовски вели дека пријателствата кои се воспоставени со успех се одржуваат.
„Секој пат и Бајрам и Велигден ги славевме заедно. Јас имав комшии Македонци православни, таму одевме за Велигден, а тие за Бајрам. Добиваме јајца, а тие баклави“, раскажува тој.
РСЕ: Ги одржувате ли тие пријателства и сега?
„Да, апсолутно да. Тоа се прави и на овие средби. Овде сега нема православни Македонци. Но, нема разлика помеѓу нас. Ништо не може да нè одвои. На свадби сме заедно. Се собираме овде во дворот на црквата и Македонци муслимани и Македонци православни. Никогаш не ни пречела верата, овие пријателства ќе продолжат“, вели тој.
Најголем број од православните Македонци сега живеат во Скопје, но има и во Гостивар, Тетово и Велес. На свадби и други веселби, поранешните жители на овие села редовно доаѓаат во Џепиште и Отишани и обратно, сегашните жители на двете села често можат да се видат на свадбите што ги приредуваат нивните поранешни соселани во Скопје и во другите градови.