Достапни линкови

Третманот на азилантите во Австрија, скандалозен


Третманот на азилантите во Австрија, скандалозен
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:10 0:00

Третманот на азилантите во Австрија, скандалозен

Третманот на австриските власти спрема барателите на азил во центарот во близина на Виена е скандалозен. Ова го оцени Амнести интернешнал, обвинувајќи ја земјата дека недоволно се грижи за бездомните и гладни мигранти кои во рекорден број годинава пристигнуваат во Европската унија.

Во извештајот на Амнести интернешнал се наведува дека повеќето од 3 илјади бегалци кои имаа поднесено барање за азил во центарот Траискирхен јужно од Виена со недели чекаат на отворено изложени на екстремни временски услови.

„Во меѓувреме ние станавме симбол на тага во Европа со овој бегалски центар. Пред неколку недели не можев ни да замислам дека Амнести интернешнал ќе може нешто да најде за да испитува во Австрија. Ова покажува каков вид на катастрофална политика доминира тука“, вели градоначалникот на Траискирхен Андреас Баблер, за извештајот на Амнести.

Срамно е за Европа, секако и за Австрија. Ова е целосен хаос. Одбивам да прифатам дека ние не можеме подобро.
Матијас Штролц, член на парламентот од партијата „Нова Австрија“,

На децата кои сами избегале од земјите како Авганистан и Сирија не им била обезбедена никаква психолошка грижа, а жените немале добри услови за хигиена, наведува, меѓу другото, оваа организација за човекови права.

„Срамно е за Европа, секако и за Австрија. Ова е целосен хаос. Одбивам да прифатам дека ние не можеме подобро“, изјави Матијас Штролц, член на парламентот од партијата НЕОС, односно „Нова Австрија“, по посетата на азилантскиот центар.

Земјите од западот и југот на Европската унија се мачат да се справат со големиот број мигранти кои преку море и копно бегаат од воените зони.

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации деновиве оцени дека условите за бегалците во грчкиот остров Кос биле „тотално срамни“ за една членка на Европската унија.

Неопходна ни е поголема солидарност во Европа. Ова е европски предизвик, а не само на некоја одделна нејзина земја.
Карл Хајнц Грундбек, портпаролот на МВР на Австрија

Австриското министерство за внатрешни работи како одговор на критиките соопшти дека станува збор за тешка исклучителна ситуација која била создадена поради огромниот број бегалци, додавајќи дека ќе работи да ја подобри состојбата.

„Од една страна барањата се многу поголеми, три пати поголеми во споредба со претходните години, а од друга, тука е прашањето на бирократскиот модел што го имаме во Австрија за да се справивме адекватно со нив“, вели портпаролот на министерството за внатрешни работи Карл Хајнц Грундбек.

Илјадници луѓе преку Балканот пристигнале во Австрија, земја со осум ипол милиони жители. Само во првата половина од годинава имало над 28 илјади барања за азил, што е повеќе од бројот за целата мината година.

Виена, која повика на задолжителни квоти за дистрибуција на мигранти во другите членки на Европската унија ќе испрати околу 500 баратели на азил во Словачка со цел да го намали притисокот и веќе работи на нов закон за постапување со бегалци.

„Неопходна ни е поголема солидарност во Европа. Ова е европски предизвик, а не само на некоја одделна нејзина земја“, заклучува Грундбек. Европската унија во минатиот месец не успеа да постигне согласност како 40 илјади баратели за азил да ги распореди низ нејзините членки.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG