Достапни линкови

Портокалова фаза и црна хроника


Жештините што ја зафатија земјата, мигрантите, неколкуте убиства, работата на групите за излез од кризата се само дел од темите во медимите.

Пеколни температури, убиства, навала на мигранти, и во „сенката“ на сево ова - партиските преговори под контрола на странците. Вака некако би гласел заедничкиот именител на пишувањето на печатените медиуми во изминатава недела.

Крвав инцидент во Куманово - зетот го убил дедото затоа што не му давал да го види синот.
Утрински весник.

Дека Македонија е во портокалова фаза на горештините информираат сите печатени медиуми. А за црната хроника, еве некои наслови во Утрински: „Крвав инцидент во Куманово - зетот го убил дедото затоа што не му давал да го види синот“, „Мајка и син застрелани во Козле “, „Трагедија во Гостивар - десетгодишно дете загина од заскитан куршум“... „За само четириесетина дена во Македонија влегле околу 21 000 мигранти“ и „Хуманитарците предвидуваат нов бран бегалци во септември“ информира Вечер.

„Повратниците - темпирана бомба за Македонија?“ - насловува со прашалник Нова Македонија појаснувајќи дека откако траат безредијата во Сирија и во Ирак, многу Балканци војуваат на страната на радикалните исламисти, „а добро упатените предупредуваат дека сосема е можно некои од овие луѓе да се вратат во родните краишта измешани во бранот бегалци кои од Блискиот Исток, преку Македонија, одат најчесто во Германија“. „10 000 бегалци на пат кон Македонија?“ - објавува Слободен печат.

Кекеновски, Трајанов и Поповска ќе се обединуваат против Груевски.
Слободен печат.

За партиските преговори: „Партиите упорно ги кријат картите“ - оди со наслов Утрински, а Вечер информира дека „Разговорите за реализација на договорот од Пржино продолжуваат со забрзано темпо“. Иако, во средата низ весниците беше лиферувана веста дека преговарачите си даваат еднонеделен одмор пред и по 2 август.

Слободен печат информира дека „Кекеновски, Трајанов и Поповска ќе се обединуваат против Груевски“.

Дневник го пренесува делот од интервјуто на евроамбасадорот Аиво Орав за МТВ дека „Ако треба ќе помогнеме и за специјалниот обвинител“. Утрински поопширен: покрај ова, го пренесува и делот каде што Орав директно ги повикува новинарите на МТВ да се ослободат од автоцензурата и да известуваат независно.

Вечер, пак, со напад врз СДСМ дека наводно е во „Брутална пресметка со медиумите за добивање контрола врз нив“. Слободен печат со иронично-подбивен наслов ја објави веста за одлуката на Владата да го укине законот за хонорарци: „Грујо чести, се укинуваат придонесите за хонорарци!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG