Достапни линкови

Потребна теренска проверка на избирачкиот список


Министерството за правда веќе формирало работни групи за измени на изборниот законик. Според договорот за излез од политичката криза, Државната изборна комисија веќе излегла со акционен план за проверка на избирачкиот список. Сепак, дел од аналитичарите посочуваат дека е неопходно да се спроведе теренска проверка, односно од врата на врата да се провери дали луѓето заведени во избирачкиот список навистина постојат.

Работна група во Министерството за правда веќе работи на измени на изборниот законик, според договорот за излез од политичката криза, вели потпретседателот на Државната изборна комисија Субхи Јакупи. Тој објаснува дека сега се разгледуваат можностите за зголемување на надлежностите на Државната изборна комисија, а наскоро ќе стартува и посебна работната група за пречистување на избирачкиот список.

На каква супервизија се мисли, ако е тоа супервизија за избирачкиот список тоа е добра идеја, но да видиме на каков начин ја смислиле па да видиме после дали може да се спроведе.
Субхи Јакупи, потпретседател на Државната изборна комисија .

Јакупи очекува во тие работни групи да се отвори и прашањето Државната изборна комисија да добие повеќе ингеренции во проверката на избирачкиот список и да има контрола врз него и во текот на изборите со квалитетна соработка со Министерството за внатрешни работи. Тој се надева дека ќе се смени и делот во Законот со кој мандатот нема да биде како досега завршен по 60 дена од спроведување на изборите.

Во однос на партиските предлози во работните групи кои беа спомнати во јавноста за супервизорски тела на работата на изборната комисија и за промената на составот на комисијата, односно да бидат поставени непартиски членови, Јакупи не сака да коментира, ниту да открива детали.

Невладините организации кои покажаа квалитетен кадар со предлозите, со идеите, со протестите, треба да се вклучат во расчистувањето на избирачкиот список и треба да се вклучат во функционирањето на ДИК.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

„Јас не би можел да толкувам што велат претставниците на политичките партии, да видам на кој начин го смислиле тоа, кога ќе дадат конкретен предлог тогаш ќе го коментирам, на каква супервизија се мисли, ако е тоа супервизија за избирачкиот список тоа е добра идеја, но да видиме на каков начин ја смислиле па да видиме после дали може да се спроведе.“

Во однос на шпекулациите кои се појавија во јавноста за идејата за промена на членовите на изборната комисија, да не бидат претставници на партии со цел избегнување на политичкиот пазар, Јакупи не ги коментира, но вели дека и досега членовите делувале професионално и покрај политичкото влијание, а како пример за тоа го посочува обидот за поништување на изборите во Општина Центар во 2013 година, кога Комисијата со надгласување, не дозволи такво нешто, но Управниот суд, сепак ги поништи во 26 избирачки единици.

„Што тогаш се докажува дека државната изборна комисија добро постапи, а судот може погрешно. Така да не е се само до државата изборна комисија. Може има политичко влијание како во сите институции што е, но сепак некогаш надвладува професионализам во овие работи. “

Јакупи посочува дека Државната изборна комисија веќе излегла со акционен план за начинот на проверка на избирачкиот список и дека има капацитет за да го спроведе тоа во следниот период.

Политиколог Соња Стојадиновиќ вели дека сега е неопходно да се спроведе теренска проверка на избирачкиот список, односно проверка од врата на врата, затоа што во него се уште има мртви лица кои се злоупотребуваат, има гласачи од Пустец, како и лица кои поседуваат по неколку лични карти како што покажаа објавените прислушувани разговори. Таа предлага да се искористи квалитетниот кадар кој произлезе од граѓанскиот сектор за чистење на избирачкиот список за да се врати довербата во него.

„Невладините организации кои покажаа квалитетен кадар со предлозите, со идеите, со протестите, треба да се вклучат во расчистувањето на избирачкиот список и треба да се вклучат во функционирањето на ДИК, затоа што отровот и расипаноста во административниот систем во државата кој што го внесе ВМРО – ДПМНЕ мора максимално да се исчисти во следните 6 месеци.“

Стојадиновиќ потсетува дека е потребно да се спроведе и попис, но во пракса нема ниту доволно време, ниту реална можност за такво нешто.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG