Достапни линкови

АИ: Власта го губи кредибилитетот


Владата и институциите се целосно неми на речиси сите препораки кои доаѓаат од меѓународниот фактор, коментираат активистите по последниот извештај на Амнести интернешнел.

Состојбата со човековите права во Македонија е загрижувачка, а препораките од меѓународните извештаи воопшто не се спроведуваат, коментираат експертите по последниот извештај на Амнести интернешнел. Во извештајот е наведено дека Македонија целосно потфрлила во гарантирањето на човековите права. Меѓу другото се упатува критика до македонската влада за прислушувањето и содржината на аудио снимките, како и за независноста на судството, слободата на изразување, непочитување на правата на мигрантите и бегалците и на припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Состојбата е загрижувачка и не гледам некое поместување во насока на разрешување на проблемите и на ситуацијата, особено кога станува збор за човекови права, каде што колку повеќе има одолговлекување, толку повеќе се доведени истите во прашање.
Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права.

Претседателката на Институтот за човекови права Маргарита Цаца Николовска вели дека последниот извештај на Амнести интернејшнал е само потврда на претходните извештаи на Стејт департментот и на експертите од Европската комисија.

„Состојбата е загрижувачка и не гледам некое поместување во насока на разрешување на проблемите и на ситуацијата, особено кога станува збор за човекови права, каде што колку повеќе има одолговлекување, толку повеќе се доведени истите во прашање“, вели Цаца Николовска.

Не постои одделеност на државата од партијата и дека власта едноставно нема ниту желба ниту интерес да овозможи соодветно остварување на човековите права во земјата. Уште повеќе во извештајот се нотира дека е дадена голема моќ на УБК, којашто постапувала надвор од својот мандат.
Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вели дека последните извештаи од меѓународните организации покажуваат дека македонската влада повеќе нема кредибилитет за да биде функционална и да овозможи остварување на човековите права на граѓаните.

„Веќе нема дилема дека се докажува сето она што години наназад се тврдело и дека не постои одделеност на државата од партијата и дека власта едноставно нема ниту желба ниту интерес да овозможи соодветно остварување на човековите права во земјата. Уште повеќе во извештајот се нотира дека е дадена голема моќ на УБК, којашто постапувала надвор од својот мандат. Значи се прислушувани сите они кои што говореле или објавувале информации со кои се критикуваат политиките на власта“, вели Пировска.

Според Цаца Николовска, владата и институциите се целосно неми на речиси сите препораки кои доаѓаат од меѓународниот фактор.

„Факт е дека тие препораки ги третираат исклучително само како препораки, а содржински не навлегуваат во истите. Така што сите овие препораки само се дебатираат и нивно реализирање во пракса мислам дека македонскиот граѓанин не гледа“, додава Цаца Николовска.

Извештајот на Амнести интернејшнал денеска и утре во Женева го разгледува Комитетот за човекови права на ОН.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG