Борче и Соња Ристовски и нивните три деца од тетовско Сиричино, летово би требало да се вселат во новата куќа која се изгради благодарејќи на хуманоста на луѓето од цела Македонија. Тие останаа без својот дом, кога во декември 2014 дотраената куќа се сруши поради обилни дождови. Братот на Борче, Велко со семејството, кој живееше во вториот влез, како социјален случај успеа да ја добие единствената институционална помош-да биде сместен во стан од државата.
Ова сам не го направив. Благодарам до сите фирми, до сите спонзори, до сите граѓани, до жителите на Тетово, што се вклучија во хуманитарната акција да донираат кој колку може.Илија Јовановиќ, здружение „Градиме иднина“.
Семејството на Борче не доби помош, па се смести кај соседите. Немоќното семејство постојано безуспешно апелираше за помош колку да изградат барем една соба. Тоа траеше до мај годинава, кога за случајот дознаа од хуманитарното здружение „Градиме иднина“, кое го предводи Илија Јовановиќ.
Тој започна поголема кампања во која низ цела Македонија бараше донации од градежни компании и мајстори со што куќата почна да се гради.
„Ова сам не го направив. Благодарам до сите фирми, до сите спонзори, до сите граѓани, до жителите на Тетово, што се вклучија во хуманитарната акција да донираат кој колку може, во изност од 100 денари, во градежни материјали, компании кои навистина ја покажаа несебично хуманоста, во цигли, песок, арматури. Премногу сум среќен што ова се направи за кратко време, за пет недели. Се уште се собираат донации“, вели Илија Јовановиќ.
Да не беше тој, ние немаше ништо да направиме. Им се заблагодарувам многу и за спонзорствата дадени, ни помогнаа многу.Борче Ристовски од Тетово.
Неизмерна радост чувствуваат Ристовски што Илија вложува огромен напор и се ангажира да најде материјали и мајстори.
„Да не беше тој, ние немаше ништо да направиме. Им се заблагодарувам многу и за спонзорствата дадени, ни помогнаа многу“, вели Борче.
За ваква помош имаат потреба многу семејства, вели Илија чија организација ги помага првенствено на луѓе кои се како него, деца без родители, кои по полнолетството треба да ги напуштат домовите.
„Планираме и во иднина да продолжиме, сите семејства кои ќе се јават и сите сиромашни кои се без покрив на глава. Планираме во иднина на ниво на Република Македонија, ќе бидеме подготвени да им помогнеме“, најавува Илија.
Изградени се 80-тина квадрати простор за живеење за семејството Ристовски. Сопружниците Борче и Соња имаат два сина Ѓорѓи и Иванчо, како и ќерката Оливера. Се издржуваат со една плата.