Достапни линкови

Амбасадорите од ОБСЕ бараат излез од кризата


Амбасадорите на САД, ЕУ, Велика Британија, Данска и Турција во ОБСЕ денеска разговараа со претставници на владата и на опозицијата, но одбија да дадат изјава за медиумите.

Петте постојани претставници на земји во ОБСЕ денеска во Скопје се сретнаа со претставници на владиниот врв и политичките партии, но ниту по една средба не дадоа изјави. Посетата што, според досегашните информации, била по иницијатива на американскиот амбасадор во меѓународната организација Даниел Баер доаѓа во момент на сериозна политичка криза во земјава.

Иако нејзините позиции се на многу пониско ниво од овој притисок што се врши од Европската унија и од САД, меѓутоа најверојатно во договор со нив сакаат да ја вратат таа улога, сакаат да ја вратат позицијата на ОБСЕ со оглед дека кризата е се посериозна.
Алајдин Димири, универзитетски професор.

Дека тоа е причината за доаѓањето на амбасадорите на САД, ЕУ, Велика Британија, Данска и Турција е јасно и од соопштението објавено на официјалната страница на американската мисија во ОБСЕ пред доаѓањето во Скопје. Во него се наведува дека САД и неколку други во меѓународната заедница изразија загриженост за политичката криза која е во тек и дека за време на средбите сакале од македонската страна да слушнат за различни перспективи за тоа како земјава може да оди напред во согласност со постојаните принципи на ОБСЕ и евроатланските вредности и како ОБСЕ и меѓународната заедница може да ги поддржат тие позитивните чекори.

Најави за денешните средби не стигнаа ниту од Министерството за надворешни работи, ниту од Владата со чии први луѓе, според информациите, се сретнале амбасадорите. По едночасовната средба со претседателот на СДСМ Зоран Заев во седиштето на партијата, петтемина излегоа, но одбија да дадат изјава.

Единствено лидерот на ДУИ Али Ахмети по состанокот со странските дипломати одлучи да даде изјава. Тој рече дека побарал помош од меѓународни пријатели во олеснувањето и започнувањето на дијалогот меѓу двете политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а дека ДУИ би се приклучила на процесот во понатамошна фаза, односно во моментот на изготвување на агендата.

Според аналитичарот Алајдин Демири, меѓународната заедница веќе увидела дека разговорите меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Брисел чија втора рунда заврши неделава нема да дадат никаков резултат, па заради тоа САД и ОБСЕ решиле да се вклучат во обидите за наоѓање излез од кризата.

„Иако нејзините позиции се на многу пониско ниво од овој притисок што се врши од Европската унија и од САД, меѓутоа најверојатно во договор со нив сакаат да ја вратат таа улога, сакаат да ја вратат позицијата на ОБСЕ со оглед дека кризата е се посериозна“, вели Демири.

Инаку, уште пред еден месец американскиот амбасадор Баер преку соопштение изрази загриженост за состојбите во земјава по избивањето на аферите Пуч и Прислушување. Тој нагласи дека САД продолжуваат со големо внимание и загриженост да го следат развојот на настаните во Македонија и ги повикуваат властите да искажат посветеност на владеењето на законот, почит кон слободата на изразување и интегритетот на демократските процеси во Македонија. И тогаш Баер ги повика политичките лидери да побараат совет и помош од ОБСЕ за исцртување на планот кон напредокот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG