Достапни линкови

Чии интереси штити СОНК?


Протест на наставниците пред Министерството за образование и наука во Скопје.
Протест на наставниците пред Министерството за образование и наука во Скопје.

Претседателот на СОНК вели дека поделбите во редовите на наставниците може да доведат до распаѓање на Синдикатот. Од Наставничкиот пленум се изненадени од однесувањето на СОНК после нивниот протест.

Дека поделбите постојат и тогаш кога се сакаат исти цели покажаа и вчерашните преписки меѓу Синдикатот за образование, наука и култура и Наставничкиот пленум. Наставниците кои вчера протестираа во знак на револт од лошите реформи во образованието се крајно изненадени од реакцијата на СОНК, кој во протестите препозна политизација и обид на партиите за нивно искористување во дневно-политички цели.

Најлесно е денеска на кого било да му залепите некоја партиска или политичка етикета за да ги сокриете сопствените неуспеси. Поделба во СОНК не смее да има, барем по ваква основа, кога се бориме за исти цели.
Владо Димовски, Наставнички пленум.

Владо Димовски од Наставничкиот пленум вели дека е крајно изненаден од однесувањето на СОНК, зошто, како што вели, 98 проценти од учесниците на протестот биле членови на Синдикатот.

„СОНК реагираше вчера, заради тоа што раководството на СОНК не успеа да се договори со Министерството за образование и наука за барањата кои беа за време на штрајкот. Точно, нападната беше спогодбата, затоа што спогодбата не донесе ништо ново“, вели Димовски.

Нас како раководство, како Синдикат, тоа не повредува, од една аспирација што се крие зад капата на условно кажано незадоволниот синдикат, бидејќи тврдат дека се членови на СОНК во што не сум уверен дека навистина се сите членови.
Јаким Неделков, СОНК.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков не се согласува со тврдењето на Димовски. Вели дека спогодбата е резултат на сложени и сериозни преговори помеѓу СОНК и МОН.

„Нас како раководство, како Синдикат, тоа не повредува, од една аспирација што се крие зад капата на условно кажано незадоволниот синдикат, бидејќи тврдат дека се членови на СОНК во што не сум уверен дека навистина се сите членови“, изјави Неделков.

Ваквите поделби на оние кои протестираат за нешто и другите кои контрираат не се непознати за македонското општество.

Димовски вели дека реакцијата на СОНК нема да го намали ефектот на оние кои протестираат, туку само ќе го зголеми револтот кај наставниците.

„Најлесно е денеска на кого било да му залепите некоја партиска или политичка етикета за да ги сокриете сопствените неуспеси. Поделба во СОНК не смее да има, барем по ваква основа, кога се бориме за исти цели“, вели Димовски.

Неделков додава дека ваквите поделби во редовите на наставниците никому не одат во прилог, односно крајниот ефект од недоразбирањата би можел да биде распаѓање на Синдикатот.

„Ако навистина беа наставници членови на Синдикатот, имаа и се уште имаат можност својот придонес кон враќањето на достоинството на наставниците да го дадат во Синдикатот, а не формирање на паралелна организација којашто наводно ќе ги штити интересите на наставните“, вели Неделков.

Наставничкиот пленум испрати отворено писмо до раководството на СОНК. Во него се наведува дека наставните очекувале поддршка од Синдикатот, но наместо тоа добиле добиле напад и политички етикети. Наставниците велат дека на вчерашниот протест 98 проценти биле членови на СОНК.

„Ние не се криеме зад никого, вие се криете од членството. Се консултиравте ли со членството за почеток на штрајкот? НЕ. Се консултиравте ли со членството за прекин на штрајкот (го прекинавте во недела-неработен ден)? НЕ. Се консултиравте ли со членството за потпишување на спогодбата (ја потпишавте во недела 15 март- неработен ден)?НЕ. Се консултиравте ли за вашата реакција на нашиот протест со членството (ја дадовте веднаш по завршување на протестот во недела-неработен ден)?НЕ. Ако сте се консултирале кога толку брзо го собравте и консултиравте огромното членство? Објаснете ни го моделот на експресни консултации можеби нешто ќе научиме од вас“, се наведува во писмото .

Од Наставничкиот пленум велат дека ќе инсистираат на средба во Mинистерството на која ќе биде разговарано за нивните барања. Доколку тоа не се случи не е исклучено дека ќе продолжат со протестите. Инаку протестите на Наставничкиот пленум следуваа по протестите на средношколците.

Теано Кардула од Средношколскиот пленум, пак, вели дека се уште ја чекаат средбата на нивните претставници со заменик министерот за образование Спиро Ристовски. Таа велат оттаму најверојатно ќе се случи неделава или најдоцна наредната недела, а од нејзиниот исход ќе зависат натамошните планови на Пленумот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG