Достапни линкови

Потребна е поголема транспарентност во јавните набавки


Даниeл Гордон - Tранспарентност во јавните набавки
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:12 0:00

Даниeл Гордон - Tранспарентност во јавните набавки

Во многу земји постои загриженост за склучувањето договори преку преговарања, односно без објавување огласи. Многу е важно да има поголема транспарентност, но мора да напоменам дека понекогаш склучувањето договори без објавување оглас се оправдани , но исто така има многу примери кога не се, вели во разговор за Радио Слободна Европа, Даниел Гордон, виш советник за јавни набавки во Американската влада.

Господине Гордон невладините организации кои најчесто ги следат јавните набавки велат дека најголем дел од нив се склучуваат преку преговарање без објавување оглас. Како да се спречат злоупотребите?

Не ги знам доволно фактите за Македонија, но можам да кажам дека во многу земји постои загриженост за склучувањето на договори без конкуренција, кои ние ги нарекуваме тендери со еден понудувач, без јавни огласи. Многу е важно да има поголема транспаретност, иако каде што нема конкуренција може да се смета за оправдано и некогаш е оправдано, сепак мора да има транспаретност, мора да има јавно известување за доделувањето на договорот. Во тој случај доколку некој сака да се пожали да му се овозможи тоа.

Законот не предвидува санкции во овој случај, ниту бирото за јавни набавки не врши такви контроли. Потребна ли е промена на законот?

Ова е премногу конкретно прашање за јас да имам свое мислење, но можам да кажам неколку работи, проблемот не е во санкциите, туку во контролите. Најдобриот начин е да постои механизам за жалби, односно доколку доделите договор на конкретна компанија без конкуренција, другите компании треба да знаат за тоа, треба да има транспарентност во целиот процес и другите компании треба да имаат можност да поднесат жалба. Се сретнав со претседателката на Државната комисија за жалби по јавни набавки и бев импресиониран од сериозноста на оваа институција, но не знам дали тие можат да одговорат на ваков тип на проблем.

Често и со анекс договорите се надминува првичната договорена сума. Има ли механизми за ограничување на анекс договорите?

Во некои земји, законите не дозволуваат зголемување на цената на договорот над одреден процент. Во САД нема вакви ограничувања, па така имаме случаи кога цената на договорот се зголемува, со она што вие го нарекувате анекси, кај нас се нарекуваат модификации на договорите, и на крајот вкупната сума на договорот е поголема за два или три пати од сумата наведена во првичниот договор. Прашањето не треба да биде зошто оваа лоша работа се случила, туку треба да биде дали зголемувањето на цената е оправдано, некогаш е оправдано, а некогаш не е. На пример доколку градите мост, може да дознаете за време на изградбата дека е теренот на кој ќе се гради е попроблематичен од очекуваното и во такви случаи зголемувањето на цената може да биде оправдано. Но, исто така постојат случаи кога компанијата ќе го добие договорот со понудување на нереално ниска цена, а потоа сака да се збогати со потпишување на анкеси, модификации на договорот и тоа не е оправдано. Значи мојот одговор би бил дека не можеме да претпоставуваме дали зголемувањето на цената е оправдано или неоправдано, туку вистинското прашање е дали како прво, владата прави добра проверка и второ, дали има транспарентност? Јавноста треба да знае кога цената е зголемена, особено за поголемите проекти.

Невладините нотираат и дека транспарентноста на трошењето пари не е приоритет, а и Антикорупциската комисија не е на висина на задачата. Колку сето ова влијае на борбата против корупцијата во јавните набавки?

Не ги знам спецификите за Македонија, но можам да ви кажам дека што се однесува до транспаретноста во јавните набавки и борбата против корупцијата, транспаретноста може да направи огромна разлика бидејќи е единствената работа која може да помогне во борбата против корупцијата и при доделувањето на договорот и при имплементацијата на договорот. Затоа сметам дека е битно за секоја земја да има поголема транспаретност при набавките, не само преку донесување на Закон за слободен пристап до информации, со кој НВО и граѓаните би можеле да ги добијат информации, туку е подобро информациите да се објавени он-лине, секој да може да седне на компјутер и да ја добие информацијата без да го има договорот. Да им кажете дека треба да пополнат формулар за слободен пристап до информации, не е најдоброто решение. Најдоброто решение е да ја имате информацијата он-лине, јавно објавена и бесплатна.

Дали тоа е возможно да се постигне?

Секако. САД не се единствената земја која ги имаа овие информации он-лине и сметам дека денеска секоја земја треба да го смета за приоритет создавањето на база на податоци со сите договори која ќе биде поставена он-лине.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG