Достапни линкови

Секој трет човек е митаџија


Презентација на резултати од проект на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Презентација на резултати од проект на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Една третина од граѓаните свесно би учествувале во корупција, а една третина, пак, се изјасниле дека воопшто не го разбираат овој проблем, покажало меѓу другото истражување на ДКСК.

Иако знаат дека корупцијата е штетна и криминална појава, една третина од граѓаните тоа свесно би го направиле, а една третина, пак, се изјасниле дека воопшто не го разбираат овој проблем. Ова меѓудругото го покажуваат истражувањата на јавното мислење во рамките на твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“ кој го реализира Државната комисија за спречување на корупцијата и германската сојузна служба за администрација. Ваквите податоци укажуваат на тоа дека надлежните органи треба да дејствуваат позасилено со цел да се подигне свеста на граѓаните за овој проблем, рече Мирјана Димовска од ДКСК најавувајќи и медиумска кампања со таква цел.

Само 12 отсто би пријавиле, а другите би одмолчеле, е тие што би одмолчеле се подготвени и натаму да го негуваат проблемот, зошто да не заклучиме и така.
Мирјана Димовска,член на ДКСК.

„Не случајно една од компонентите во проектот се обуките, јакнењето на личниот капацитет, покрај јавната свест со разни алатки и кампањи, едукации и превентиви дејствувања за да навистина можеме да ги запознаеме луѓето со проблемот како таков, за да можеме да ги придобиеме полесно да учествуваат во борбата против корупцијата“, изјави Димовска.

Мирјана Димовска член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Мирјана Димовска член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

На прашањето која е најпрепознатливата форма на корупција, најголем процент од испитаниците одговориле дека тоа е митото, а по него следуваат и противуслугата, како и подароците и наградите. Според Димовска загрижува процентот на млади луѓе кои противуслугата ја сметаат за нормална појава, па оттука ја сугерира потребата од едукативни содржини од оваа област во образовниот процес.

Од претседателот на Парламентот добивме поддршка за оваа прашање, исто така сме во контакт и со политичките партии и од нив добивме добри одговори, дека постои волја за соработка за овој пристап,
Холгер-Михаел Арнт, лидер на германската сојузна служба.

Истражувањето покажало дека дури 60 проценти од испитаниците сметаат дека корупцијата е многу распространета во македонското општество, а како најкорумпирани сектори и понатаму ги посочуваат здравството и судството, по што следуваат образование, полиција и администрација. На прашањето кои се причините за постоење на корупцијата повеќето одговориле дека тоа се ниските плати, даноците и другите давачки, неефикасноста на институциите и непрецизноста на законите. Дури 41 процент од испитаниците одговориле дека институциите кои треба да се справата со овој проблем се неефикасни, а исто толкав процент сметаат дека се делумно ефикасни. Димовска посочува дека корупцијата добива се пософистицирани форми на постоење, а додава и дека е загрижувачки фактот што само 12 проценти од испитаниците одговориле дека би пријавиле корупција.

„Само 12 отсто би пријавиле, а другите би одмолчеле, е тие што би одмолчеле се подготвени и натаму да го негуваат проблемот, зошто да не заклучиме и така“, вели Димовска.

Инаку целта на овој проект е да се засилат антикорупциските политики и да се поттикне владеењето на правото. Проект лидерот на германската сојузна служба Холгер-Михаел Арнт изрази задоволство од досегашните резултати на проектот, кој треба да заврши во јуни во 2016 година. Тој истакна дека во досегашните работилници со политичките партии добиле согласност дека силната политичка волја е еден од најважните предуслови за успешна борба против корупцијата.

„Од претседателот на Парламентот добивме поддршка за оваа прашање, исто така сме во контакт и со политичките партии и од нив добивме добри одговори, дека постои волја за соработка за овој пристап“, изјави Холгер-Михаел Арнт.

Функцијата на овој проект е да ја подобри имплементацијата на националните правни рамки во борбата против корупцијата и да се зајакнат националните механизми за превенција и борба против овој проблем. Целта е и да се зајакне соработката меѓу Државната комисија за спречување на корупцијата, судството, извршните органи и останатите важни институции за превенција, откривање, судење и санкционирање на корупциските криминални дела.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG