Достапни линкови

Пелагонија под вода при секој пообилен дожд


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Еден од главните проблеми е река Црна која не е исчистена 30 години. Деновиве кога се излеа Црна и дел од Десетиот канал се поплавија над 2.000 хектари земјоделска површина.

Во последните години при секој пообилен дожд се поплавуваат земјоделските површини во Пелагониско. Еден од главните проблеми е река Црна која не е исчистена 30 години. Во вакви услови таа е немоќна да ја собере водата од каналската мрежа, па таа под притисок се случува да скине дел од насипите и да се излее во полето. Со ваква ситуација земјоделците се соочија деновиве кога се излеа Црна и дел од Десетиот канал, па поплавија над 2.000 хектари земјоделска површина.

За да не доаѓаме во ситуација во овие периоди да разговараме и констатираме штети превентивно треба да се делува во летниот период.
Ристо Бошевски, раководител во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

„Се прават огромни штети како кај нас во ЗК „Пелагонија“, така и и кај индивидуални земјоделци кои гравитираат на ова подрачје. Причината за ваквата состојба многу пати е кажана и пак ќе повторам 30 години што не е исчистена реката Црна. За да не доаѓаме во ситуација во овие периоди да разговараме и констатираме штети превентивно треба да се делува во летниот период. Ако наназад овие десет дена нивото на Црна се движеше околу 3,90 метри. Од нив повеќе од еден метар е нанос, што ако беше исчистена немаше да има поплави“, изјави Ристо Бошевски, раководител во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

Една од најпогодените општини е Новаци. Само пред еден месец таму беа поплавени уште илјада хектари најобработливо земјоделско земјиште. Градоначалникот Лазар Котевски вели „минатата година од државата добивме 16 тони нафта за чистење на одредена делница на Црна Река. Исчистивме километар и половина. Но тоа не е целосно решение. Конечното решение го бараме во детално чистење на коритото во должина од 10 до 20 километри. Исто така, бараме чистење на вегетацијата од коритото зашто е запрен протокот на водата околу 20 проценти.“

Од водостопанското претпријатие „Битолско поле“ велат дека надлежност врз реката имаат од Министерството за животна средина, од кое очекуваат да добијат нафта за чистење на коритото. Но, не располагаат со механизација доволно голема да исчистат поголем дел од реката.

„Последен пат пред една недела пак беа доделени истите 250 тони нафта. Но, кога ќе ги добиеме не знаеме. Ние им кажавме дека механизација немаме. Доставивме акционен план за чистење на реката кај рибникот Букри кој е најнизок и најкритичен, десетина километри, за кој ќе ни доставеле нафта на пролет. Оваа делница можеме да ја исчистиме со старата механизација“,рече Јани Ралевски, директор на „Битолско Поле“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG