Терористичките напади во Париз во почетокот на месецов и минатонеделните рации во џихадистичка ќелија во Белгија ги зголемија страхувањата во Европа за можна опасност од европски граѓани кои се врќаат од војните во Сирија и Ирак.
Во Германија е забранет денешниот собир на антиисламското движење Пегида, како и други протести планирани за денеска во Дрезден.
Полицијата во овој град соопшти дека добила информација од федералните надлежни органи дека имало конкретна закана против движењето Пегида, односно Патриотски европејци против исламизацијата на Западот кое од октомври минатата година секоја недела организира протести во Дрезден.
Таму по нападите во Париз се собраа над 25 илјади луѓе.
Германскиот весник „Билд“ пишува дека заканата доаѓала од милитантите на Исламската држава и оти цел бил лидерот на Пегида Луц Бахман.
Секогаш кога ќе нацртаме карикатура на Мухамед, или на Господ ние ја браниме слободата на верата.Жерар Бијар, уредник на „Шарли ебдо“.
Антиисламските движења почнаа да се шират и во други европски градови па постои страхувања од можни инциденти.
Во меѓувреме, белгиското обвинителство соопшти дека побарало екстрадиција на лице кое беше уапсено во Грција под сомневање дека било поврзано со исламската екстремистичка ќелија која во минатата недела беше растурена од белгиската полиција.
Грчките антитерористички сили извршија неколку рации во Атина при што уапсија најмалку четири лица.
Се верува дека едно од нив било поврзано со белгиските екстремисти од кои двајца беа убиени од полицијата во Вервие.
Во Франција пак продолжува истрагата во врска со можните инволвирани во терористичките напади врз сатиричниот весник „Шарли ебдо“ и врз една еврејска продавница во кои загинаа 17 луѓе.
„Секогаш кога ќе нацртаме карикатура на Мухамед, или на Господ ние ја браниме слободата на верата“, изјави Жерар Бијар уредник на „Шарли ебдо“.
Карикатурите на Мухамед на насловната страница на овој весник предизвикаа демонстрации и насилства во Алжир, Нигерија и Пакистан.
Францускиот претседател Франсоа Оланд оцени дека луѓето не треба да се плашат да ги изразуваат своите ставови, бидејќи со тоа победува тероризмот.
Но, последните анкети покажуваат дека 42 насто од Французите мислат оти треба да се одбегне објавување на карикатури на Мухамед, а 50 проценти се за ограничување на слободата на изразување на интернет и на социјалните мрежи.