Достапни линкови

Власта најавува помош за самовработените бизнис жени


Саем на ракотворби во Куманово.
Саем на ракотворби во Куманово.

Министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, најави отворање на бизнис центри преку кои ќе им се помага на самовработените бизнис жени од североисточна Македонија.

Министерството за локална самоуправа, со УНДП и британската амбасада во Македонија, промовира два проекта во Куманово во кои според министерот Лирим Шабани ќе им се помага на жени кои пристапиле кон самовработување и својата умешност и креативност ја преточиле во бизнис.

Во некои региони ќе имаме таканаречени бизнис центри, а во некои инклузивна мрежа за развој.
Лирим Шабани, министер за локална самоуправа.

„Во некои региони ќе имаме таканаречени бизнис центри, а во некои инклузивна мрежа за развој“, изјави Шабани и додаде дека вмрежувањето ќе ги опфаќа сите субјекти во одредена општина.

Хабибе Ебиби од Куманово повеќе од една деценија се занимава со комбинирана рачна и машинска изработка на постелнини и други видови текстил за домаќинство. Таа главно работи сама со помош на уште една чирачка, а во нејзиниот мал дуќан производството го нуди на купувачите.

„Везење е тоа, трукирам.“

Професионално соработувам по одредени нарачки, но досега го немам организирано бизнисот. Сакам да видам како може да се разработи микро бизнис план во североисточниот регион.
Мелани Димитровска, модна дизајнерка.

РСЕ: Како оди?

„Па,оди. Не може да се живее од ова ако некој друг од дома не работи.“

РСЕ: Колку во бизнисот ви помага Центарот за развој на североисточен плански регион?

„Ништо не ми помага“, вели Хабибе.

Оливера Станковска од Крива Паланка од пред пет години својата креативност во сликање на порцелан, стакло, изработка на женски накит и сувенири почнала да ја изразува како хоби, а потоа, тоа и станало и бизнис.

„Сега поактивно сликам на порцелан, дополнувам со накит, декорации за свадби, китенки, украсни корпи, сè што е потребно за такви свечености“, вели таа.

Оливера работи сама, изработките ги продава главно во Крива Паланка, но сака да го прошири бизнисот и да има уште вработени кои ќе ѝ помагаат. Таа додава дека за трудот што го вложува нејзините услуги не се скапи.

„Засега немав некоја помош, но се надевам дека понатаму ќе добијам помош, бидејќи во Македонија сум единствена што слика на порцелан“, вели Оливера и додава дека ѝ е задоволство тоа што го работи, а комерцијалниот дел ќе си дојде по вложениот труд.

Дипломираната модна дизајнерка Мелани Димитровска (25) од Кратово работи веќе пет години.

„Уште како студент почнав да се занимавам со излагање во јавноста како моден дизајнер, професионално соработувам по одредени нарачки, но досега го немам организирано бизнисот. Сакам да видам како може да се разработи микро бизнис план во североисточниот регион“, вели таа.

Мелани работи во домашни услови, а своите изработки ги презентира на разни манифестации во земјава и во странство. За досегашното искуство таа вели дека била одбиена во програмата за самовработување преку Агенција за вработување.

Мелани, Хабибе и Оливера додаваат дека жените во Македонија и покрај сите ветувања и бизнис планови на државата, тешко можат да го развиваат својот бизнис. Меѓутоа, сите три се упорни и не се откажуваат, оти на друг начин не можат да се вработат. Освен тоа и го работат она што најповеќе го сакаат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG