Достапни линкови

Избори Украина: Необични на многу начини


Околу 36,5 милиони луѓе се регистрирани за гласање, но повеќе од четири милиони се наоѓаат во делови од источен Донецк и Луганск, региони контролирани од проруските сепаратисти кои го забранија гласањето

Украинците денеска почнаа со гласањето на парламентарните избори на кои се очекува земјата да се врати на прозападниот пат, настан кој претседателот Петро Порошенко го нарече историски. Гласачките места се отворени во седум часот, а ќе се затворат во 19 часот.

Обраќајќи им се на Украинците пред изборниот ден Порошенко рече дека гласањето ќе го комплетира трансферот на моќта кој почна кога проруски ориентираниот претседател Виктор Јанукович беше тргнат од функцијата по масовните протести на опозицијата во февруари годинава.

Тој ги повика гласачите да изберат парламент кој ќе биде реформаторски не коруптивен, проукраински и проевропски, а не како што рече просоветски.

"Она што го гледаме тука во Украина во моментов е дека се оди на парламентарни избори а дел од земјата е нелегално припоен кон Русија и имаме делови од земјата во кои има ситуација која личи на војна. Но исто така имаме ситуација во која има стотици внатрешно раселени лица и само тоа прашање е голем предизвик за администрацијата тука" Кент Харстедт, шеф на набљудувачка мисија на ОБСЕ

Околу 36,5 милиони луѓе се регистрирани за гласање, но повеќе од четири милиони се наоѓаат во делови од источен Донецк и Луганск, региони контролирани од проруските сепаратисти кои го забранија гласањето. Според изборните власти 15 од 32 регионални изборни комисии во тие региони нема да работат. Како резултат на ова 27 столчиња во парламентот во кој има 450 места ќе останат празни.

Шведскиот пратеник Кент Харстедт кој е и шеф на привремената набљудувачка мисија во Украина на ОБСЕ вчера рече дека ова се необични избори на многу начини.

“Она што го гледаме тука во Украина во моментов е дека се оди на парламентарни избори, а дел од земјата е нелегално припоен кон Русија и имаме делови од земјата во кои има ситуација која личи на војна. Но исто така имаме ситуација во која има стотици внатрешно раселени лица и само тоа прашање е голем предизвик за администрацијата тука” рече Харстедт.

Блокот предводен од претседателот Петро Порошенко според испитувањата на јавното мислење е најпопуларен во Украина и се очекува да освои најмногу места. Народниот фронт, нова партија на премиерот Арсениј Јацењук и други владини претставници исто така се очекува да влезе во парламентот, а места се очекува да освојат и некои националистички партии, вклучувајќи ја и Радикалната партија предводена од ултранационалистот Олех Луашко. Тој во петокот рече дека неговата партија оди на парламентарните избори да преземе радикални реформи за радикално менување на ситуацијата.

За првпат од кога Украина стана независна по падот на Советскиот сојуз, комунистичката партија не се очекува да влезе во парламентот. Многу поддржувачи на проруско ориентираната Партија на регионите, која доминираше во парламентот до пред десет месеци, се очекува на овие избори да гласаат за новиот Опозициски блок на кој се придружија многу членови на Партијата на регионите. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Украинци ги поддржуваат економските и демократските реформи. Но, конфликтот во источниот дел од земјата фрла сенка на гласањето.

Прекинот на огнот потпишан во септември им стави крај на поголемиот дел од борбите, но дневните прекршувања на договорот на неколку места продолжуваат да предизвикуваат последици за владините сили, бунтовниците и цивилите. Повеќе од 3700 луѓе загинаа во конфликтот, а стотици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови. Многу од тие луѓе живеат во други делови од Украина, но не се регистрирани за гласање на новите места на кои престојуваат.

Лидерите на проруските бунтовници во Донецк и Луганск рекоа дека тие ќе одржеле свои посебни избори на втори ноември. Киев, Соединетите држави и неколку други земји рекоа дека тие избори ќе бидат нелегитимни и нема да бидат признаени.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG