Во Уставот секому му е гарантирано правото на школување и тоа право никој не може да му го одземе. Уставот исто така ја гарантира автономијата на Универзитетот и никој друг не може да ја преиспитува универзитетската диплома. Никој досега не размислуваше за овие работи, се додека ресорниот министер Абдулаќим Адеми не најави измени во законот за високо образование, за воведување државни испити на крајот на втората и четвртата година од студиите.
Целта е да се постигне некаква целосна контрола над целото општество, што во случајот на високото образование ќе биде многу комплицирано и многу штета ќе нанесе. Некои од власта ги носат заблудите од стариот систем, каде што сè се обидува да се диригира со преконтролирање.Ненад Новковски, поранешен министер за образование.
Идеите за вакви измени некои не ги изненадија, особено не по измените во високото образование во 2011 година. Измените се случија на мала врата без консултација на академската фела, предизвикувајќи упад во автономијата на Универзитетот. Тогаш истапија неколкумина професори со јасен став против, но без поддршка од студентите.
Уште еден упад во високото образование
Нарушувањето на независноста на УКИМ ја забележувавме многу пати, но никогаш досега во вака јасно изразена форма, нагласуваат професорите. Со најавата за измени во законот за високо образование, владата се надмина самата себе со апсурдни решенија кои не постојат никаде во светот, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Според него ова е јасен и недвосмислен упад на државата во општествена сфера, а во конкретниот случај во образованието.
Има многу елементи кои мене ми зборуваат дека можеби станува збор и за добронамерен проект, меѓутоа направено е на начин којшто покажува огромно незнаење, огромно не искуство и огромна немуштост во водење на елементарните државни работи.Мирјана Најчевска, универзитетски професор.
„Целта е да се постигне некаква целосна контрола над целото општество, што во случајот на високото образование ќе биде многу комплицирано и многу штета ќе нанесе. Некои од власта ги носат заблудите од стариот систем, каде што сè се обидува да се диригира со преконтролирање, сè да контролира државата, напротив, државата треба да создава можност за подигнување на одличноста во академската средина, и додека државата се меша, таа се повеќе ќе внесува неред, фактични неквалитетот доаѓа од претераното мешање на државата, а не од лошиот систем на високо образование“, вели Новковски.
Недоверба во сопствениот систем
Професорите нагласуваат дека ваквото дополнително екстерно испитување го дискредитира знаењето на секој професор на државниот универзитет, бидејќи неговото стручно мислење станува ирелевантно. И дел од експертите велат дека воведувањето на екстерното тестирање на студентите, во втора и четврта година, претставува демонстрација на недоверба во сопствениот систем, но и уништување на слободат на студентите да студираат подолго време, заради субјективни или објективни причини.
Замислете си некој си чиновник од тоа испитно биро да ги оценува овие универзитетски професори од странство. Ние ќе испаднеме смешни.Борче Давитковски, декан на Правниот факултет во Скопје.
Професор Мирјана Најчевска предупредува дека е крајно време државата да ги делегира работите кои се однесуваат на образованието на надлежните институции кои се стручни, за да ги спроведуваат реформите квалитетно. Која и да е целта на владиниот предлог, политика или амбиција за контрола, во позадина на предложените измени се крие незнаење кое сериозно може да му наштети на образованието, смета Најчевска.
„Навидум да, излегува дека во најголем број од случаите, целта на актуелната влада е некаков вид на контрола или некаков вид на казнување и слично, меѓутоа има многу елементи кои мене ми зборуваат дека можеби станува збор и за добронамерен проект, меѓутоа направено е на начин којшто покажува огромно незнаење, огромно не искуство и огромна немуштост во водење на елементарните државни работи“, вели професор Мирјана Најчевска.
Министерството за образование и владата отворија неколку нови факултети, дисперзирани студии, кои што се со мошне сомнителен квалитет и со оглед дека овие факултети се претворија во фантомски институции, кадешто еден професор држи по неколку предмети, а од друга страна тоа доведе и до сомнителност во квалитетот.Нано Ружин, универзитетски професор.
Надлежните од друга страна, со новата реформа очекуваат филтрирање на квалитетниот кадар во високото образование и добивање на заслужени дипломи за оние студенти, кои според нив, ќе покажат квалитет и знаење. Тие оставија отворена можност за предлози и сугестии за новиот концепт преку дебати и јавни расправи и анализи, кои треба да ја вклучат академската заедница.
Лош предлог кој не заслужува јавна расправа
Најголемата опозициска партија СДСМ меѓутоа побара владата итно да го повлече предлогот за екстерно тестирање на студентите, зошто на овој начин го крши уставно гарантираното право на образование. И дел од експертите велат дека овој предлог е толку лош што не заслужува ниту јавна расправа, туку веднаш треба да се укине.
„Овој предлог е целосно промашен, едноставно не треба да се дискутира за тоа, тоа треба да биде отфрлено како најголема бесмислица која не заслужува да го пореметува нашето општество и треба да се посвети внимание на вистинските проблеми, а тоа пред се значи поддршка за академската заедница, многу повеќе средства за научни истражувања, за подигнување на квалитетот на високото образование, кој што е заснован пред се на знаењата на професорите, преку нивното вклучување во научната дејност“, вели Новковски.
Мислам дека општеството треба да реагира, а тоа што не реагира е поради казниви мерки, како што е законот за наставниците кои ги штрајкувале да се заменат со други.Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.
Една од поголемите нелогичности е што Министерството бара за екстерното тестирање факултетите да распишат конкурс за избор на надворешни евалуатори кои ќе спроведуваат екстерна евалуација на знаењето на студентите.
Чиновници ќе оценуваат професори
Деканот на Правниот Факултет на Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, професор Борче Давитковски, вели дека веќе постојат повеќе механизми во постоечкиот закон со кои се врши контрола на начинот на испитување и оти тоа го прави и Министерството преку орган каде членуваат најеминентни професори. На УКИМ по втор пат на секои три години се спроведува надворешна меѓународна евалуација, како Универзитет кој е најсообразен со принципите на Болоњскиот процес. На Правниот факултет постојано се спроведува и внатрешна евалуација и секој професор добива оценка од студентите. На факултетот има и програми на англиски јазик во кои учествуваат врвни професори од Стразбур. Има ли релевантни и стручни кадри на исто ниво кои ќе ги оценуваат оценките што тие им ги дале на студентите, прашува Давитковски.
„Ние имаме меѓународни мастери на кои доаѓаат еминентни професори од Западна Европа, доаѓаат од Стразбур, којшто е 74-ти на Шангајска листа на универзитети. Замислете си некој си чиновник од тоа испитно биро да ги оценува овие универзитетски професори од странство. Ние ќе испаднеме смешни. Со ова се отвора сомнеж дека новото испитно биро кое ќе ги спроведува механизмите за контрола на квалитетот на високото образование нема да значи директно мешање на државата во тоа кој во иднина ќе студира. Не случајно реков дека ова е противуставно и противзаконско, веќе постојат механизми, нема потреба од нови“, вели Давитковски.
Според експертите, владата исто така влезе во сопствената конфузија со постојаните измени и проекти кои почнаа едни со други да си противречат, наместо да се носат системски решенија.
Државата ќе каже кој може да студира
Високото образование не е задолжително, туку доброволно. Некој можеби планира да студира повеќе години, вели Новковски.
Професор Борче Давитковски не е сигурен дека идејата на владата во некои сегменти не се совпаѓа со претходно најавените проекти како на пример проектот за студирање на постари лица.
„Студирањето сепак не е задолжително, тоа е приватна работа и ако на две години некој се преиспитува со некој тест и му се рече тебе ти е доволно, не можеш да студираш или уште полошо ако после 4 години му се каже дека не може да земе диплома, особено што во услови самиот закон предвидува на пример имаме ние проект 35-45 за луѓе постари кои студираат, тие нема шанси за две години да завршат, а тоа е проект на оваа власт, потоа имаме проект доживотно студирање, некој може на 80 години да се запише и да студира, а на овој начин автоматски овие проекти треба да згаснат. “
Една од поентите на кои укажуваат професорите е дека ако Министерството согледало дека има пропусти во високото образование, треба на побезболен начин да ги коригира, а не да ги казнува студентите со дисквалификација и да ги обременува со страв дека може да бидат исклучени од образовниот процес.
„Секој студира од што сака, не од што мора, а вие да го ограничите само врз основа на еден тест, па не знам кој да е брилијантен ум, толку познавања, еве конкретно на УКИМ има 24 факултета и 10 институти,тоа јас мислам дека ни американскиот сезнаен компјутер не може тоа да го оценува“, вели Давитковски.
Првин го девалвираа, сега ќе го спасуваат образованието
Сегашните дилеми на тема квалитет во високото образование, дел од професорите ги гледаат во многубројните импровизации во високото образование. Тие посочуваат дека по девалвацијата на високото образование со дисперзираните студии во несоодветни услови и отворање на многу приватни универзитети, за кои не се почитуваат нормативите и стандардите за нивно акредитирање, сега државата бара начин да се справи со овие импровизации чиј краен резултат е неквалитетот. Професор Нано Ружин вели дека она за што треба да се размислува е да се направи поголема централизираност на Универзитетот.
„Министерството за образование и владата отворија неколку нови факултети, дисперзирани студии, кои што се со мошне сомнителен квалитет и со оглед дека овие факултети се претворија во фантомски институции, кадешто еден професор држи по неколку предмети, а од друга страна тоа доведе и до сомнителност во квалитетот. Сето тоа сега е како бумеранг бидејќи се констатира дека оваа иницијатива на владата всушност го ослабна образованиот процес“, вели Нано Ружин.
Сите државни универзитети имаат дисперзирани студии. На ниво на државата има на пример 22 центри за изучување на правни науки. Но колку тука навистина може да има наука, прашува Давитковски.
„Можете да замислите колку е тоа квалитетно и како може еден човек денеска во Штип, утре во Берово, па во Скопје, Тетово, Гостивар да држи настава, мислам дека сепак државата е мала, имаме доста универзитети и мислам дека наставата треба да се изведува во главните центри“, вели Давитковски.
Меѓу првите реакции од академската јавност беше ставот на професор Билјана Ванковска, според која најапсурдниот аспект на оваа мерка што ја предлага владата, која всушност доведе до такво омасовување на студиите и до таков степен на дисперзија на универзитетите и на факултетите, како што ретко се среќава во било која држава. Според Ванковска, попусти беа укажувањата дека за мала земја како Македонија, високо образовната инфлација создава неквалитет на сметка на квантитетот, а образованието наместо кон извонредност се движи кон просечност.
Ќе останат ли студентите неми?
Од искуството во изминатите години се поставува прашањето дали и овие најнови измени на законот за високо образование ќе поминат без никакви реакции од студентската заедница, бидејќи традицијата покажува дека тие не реагираат поради послушност или страв пред авторитетите или власта. Според Новковски очекувано е и овојпат репрезентативната студентска организација да молчи. Според него има студенти кои се партиски играчи, други ќе молчат за да не настрадаат, а има категорија на праведољубиви, но тие се малкумнина.
Најчевска смета дека овојпат студентите и професорите ќе ја сфатат смислата дека тие се единствените кои може себе си да си помогнат и да го заштитат образовниот систем од политичките маневрирања со кои политиката сака да биде ревизор во академската сфера.
Некои одат дотаму што се повикуваат на ригорозната владина мерка кога на некој начин им се затвори вратата за штрајк на професорите во средното и во основното образование кои планираа да протестираат незадоволни меѓу другото и од моделот за екстерното тестирање што претходно се воведе во основното и во средното образование.
„Мислам дека општеството треба да реагира, а тоа што не реагира е поради казниви мерки, како што е законот за наставниците кои ги штрајкувале да се заменат со други“, оценува поранешниот министер за образование Сулејман Рушити.
Својот револт од иницијативата студентите го искажаа на социјалните мрежи како и на некои портали. Најголем дел од нив се изјаснија против овој предлог. Меѓутоа студентскиот парламент излезе со став на поддршка за секоја реформа која го подобрува квалитетот на образованието, а оценка за оваа новина најавија по најавената дебата.
Овој потег наидува на револт кај студентите, бидејќи тие се незадоволни што државата се сомнева во нивниот капацитет, вели професор Нано Ружин, но дополнува дека не е неочекувано студентите да бидат надгласани од т.н. партиски играчи во студентските организации.
„Во услови кога имаме еден заспан синдикат, кој е уценет исто така, уплашен, единствено им останува на младите доколку се незадоволни да го искажат оваа незадоволство, но да гледаме разни видови политички организации под плаштот на студентски организации, како ја поддржуваат оваа иницијатива на владата практично е смешно бидејќи манипулацијата достигнала и до тие врвови кадешто интересот на младите е ставен под знак на прашање во името на некои политички интереси и затоа мислам дека не може да дојде до искажување на незадоволството.“
Многу проекти за изгубени генерации
Дел од експертите сметаат дека со воведувањето на државни испити на крајот на втората и четвртата година од студиите значи дека се продолжува стресот од основното и средното образование во високото образование. За жал, премногу експерименти на штета на учениците, велат експертите кои дополнуваат дека со оглед на честите промени со кои некои проекти еден со друг си противречат, па по некое време може да се смената, оваа генерација ќе биде генерација на непотребно трауматизирање со разно разни проекти.
Инаку предвидено е испитот да го полагаат сите студенти и во државните и во приватните универзитети. Надлежните кога ги најавија измените во законот излегоа со оценка дека во последните 10 до 15 години во Македонија се отвориле голем број универзитети и факултети кои ги исполнуваат стандардите, но во трка за профит тие нуделе и дипломи и оценки без истите да бидат заработени со потребното знаење. Оттаму идејата е преку тестирање да проверат дали студентите се стекнале со минимум знаење.