Достапни линкови

Расмусен: Русија директно вклучена во Украина


Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен изјави дека руски сили и опрема илегално ја минеле границата со Украина. Американскиот претседател Барак Обама ја исклучи можноста од американско воено ангажирање во Украина. Според него, во одвраќањето на Русија може да помогне НАТО.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен ги отфрли како што рече, празни негирања на Москва за руската инволвираност во конфликтот во источна Украина.

Според него, сега било јасно дека руски сили и опрема илегално ја минале границата. Тој додаде дека Русија директно била вклучена во воените операции во Украина.

Расмусен кој говореше во Брисел по итниот состанок на НАТО на кој се дискутираше за украинската криза оцени дека руските акции биле дел од повеќемесечниот опасен модел за дестабилизирање на Украина.

Тој исто така изјави дека целосно ја почитува украинската одлука во врска со евроатлантските интеграции.

Руските акции биле дел од повеќемесечниот опасен модел за дестабилизирање на Украина.
Андерс Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО

Претходно, премиерот Арсениј Јацењук изјави дека неговата земја би скала да биде членка на НАТО. Тој најави дека ќе побара од парламентот за укинување на украинскиот статус да не припаѓа на ниту еден воен блок.

Вчера НАТО соопшти дека најмалку илјада руски војници оперирале во Украина и објави, како што наведе, снимки на движења на руски артилериски единици во минатата недела. Москва овие снимки ги оцени како бесмислени.

„Не добивме никаков доказ за инвазија и општо мислам дека криењето факти е карактеристично пред се за Соединетите држави, но и за европските земји во врска со се што се случува во Украина.“

Изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Не добивме никаков доказ за инвазија и општо мислам дека криењето факти е карактеристично пред се за Соединетите држави, но и за европските земји во врска со се што се случува во Украина.
Сергеј Лавров, шеф на руската дипломатија

Американскиот претседател Барак Обама ја обвини Русија за обучување, вооружување и финансирање на сепаратистите. Но, тој се воздржа руската инволвираност во Украина да ја нарече инвазија и исклучи воена акција.

„Ние не зборуваме за преземање воена акција за решавање на украинскиот проблем. Она што ќе го направиме е да ја мобилизираме меѓународната заедница да изврши притисок врз Русија.“

Обама додаде дека во одвраќањето на Русија може да помогне НАТО. Иако Украина не е членка на Алијансата, нејзините соседи се, рече тој, наведувајќи дека Соединетите држави сериозно се приврзани во одбраната на сојузниците во НАТО.

Обама најави дека на 18 септември украинскиот претседател Петро Порошенко ќе го посети Вашингтон.

Инаку, на вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, западните сили го изразија нивното длабоко негодување за ескалацијата на ситуацијата во Украина.

Американската амбасадорка Саманта Пауер оцени дека Русија манипулира, мами и отворено лаже и оти не ги слуша пораките за прекин на судирот во Украина.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин не го негираше присуството на руски борци во Украина но тој нив ги нарече доброволци.

Притоа Чуркин праша за западните советници и за тоа од каде украинската војска добива оружје.

Не добивме никаков доказ за инвазија и општо мислам дека криењето факти е карактеристично пред се за Соединетите држави, но и за европските земји во врска со се што се случува во Украина.

Барак Обама, претседател на САД

Во Москва е објавено дека претседателот Владимир Путин изјавил оти Москва ќе продолжи да им обезбедува хуманитарна помош на цивилите во источна Украина. Тој ги повика бунтовниците да отворат хуманитарни коридори за украинските војници.

„Со сето почитување за Владимир Путин, претседателот на државата која не поддржува морално, подготвени сме да направиме хуманитарни коридори за опколените украински сили, под услов тие да го предадат оружјето за да не можат да го користат против нас.“

Изјави премиерот на самопрогласената Народна република Доњецк Александар Захарченко. Вчера украинските власти соопштија дека руски војници, поддржани со тенкови го зазеле граничниот град Новоазовск.

Аналитичарите сметаат дека Москва планирала да го окупира градот Мариупол на Црно Море со цел да обезбеди копнена врска со Крим, што Русија го анектира во март годинава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG