Адвокатите на четириесетината осомничени по сослушувањето кое беше затворено за јавноста изјавија дека обвинителството не го поддржало своето барање со никакви факти или докази за терористичко дејствување, регрутација за тероризам и за ширење и промовирање расна омраза.
Според одбраната, доколку судењето не биде под политичко влијание тогаш осомничените би требало да бидат ослободени. Тие деновиве беа приведени во полициска акција во 60 локации на Косово.
Министерот за внатрешни работи Бајрам Реџепи најавувајќи дека апсењата ќе продолжат, изјави дека Исламската заедница на Косово недоволно соработувала со косовските власти.
Тоа беше отфрлено од Заедницата која апелира до граѓаните да не им подлегнуваат на верските манипулации што ги ширеле некои поединци.
Косово никогаш не било, ниту ќе биде гнездо и засолниште на екстремистите. На различни начини истакнував дека исламскиот радикализам и екстремизам е една од најголемите грижи на нашата земја.
Претседателката на Косово Атифете Јахјага, поддржувајќи ја полициската акција изјави:
„Косово никогаш не било, ниту ќе биде гнездо и засолниште на екстремистите. На различни начини истакнував дека исламскиот радикализам и екстремизам е една од најголемите грижи на нашата земја“, рече Јахјага.
Социологот Марија Беришај Сулејмани пак смета дека не е чудно тоа што повеќето осомничени се млади луѓе, бидејќи тие се најчеста цел, но и најлесен плен на терористичките организации.
Според неа, младите многу време минуваат на интернет и посетуваат разни сајтови кои пропагираат насилство, што заедно со големата невработеност придонесува за ваквата појава.
„Јас мислам дека ова треба да биде само почеток и оти треба да се истражат и другите причини. Треба да се извршат разговори и во Исламската верска заедница и да се затворат сите џамии или објекти во кои евентуално се пропагира насилство.“
Косовскиот аналитичар Исмаил Хасани смета дека апсењето на осомничените за тероризам се очекувало со оглед на тоа што веќе подолго време на Косово се зборувало за тоа.
„Тука треба да се земат предвид и јавните настапи на одделни имами во џамиите, во текот на молитвите, каде што свесно или несвесно им испраќале пораки на луѓето. Сепак во оваа фаза немаме јавни индикации за степенот на вклученоста или криминализацијата на уапсените.“
Хасани додава дека апсењето не е решение и оти се неопходни забрзани и итни мерки на државните органи, како и поголема соработка со Исламската верска заедница на Косово.