Достапни линкови

Ердоган како Путин


Авторитарниот турскиот премиер изгледа дека сака да ја прошири својата моќ и да ги маргинализира ривалите во неговата исламска политичка партија со тоа што објави дека ќе се кандидира за шеф на државата. Одлуката на Реџеп Таип Ердоган значи дека тој сака да остане на врвот на турската политика уште долго време.

Аналитичарите сугерираат дека ваквиот потег на Реџеп Таип Ердоган може да значи и брза експанзија на улогата на претседателот, која сега е само церемонијална.

Тоа, според нив, би можело да води и до смена на функциите, слично како што го направија Владимир Путин и Дмитри Медведев во Русија.

Турските коментатори и секуларисти се загрижени поради растечкото задушување на слободата на говорот под Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот и притаеното верско влијание во земјата.

„Ако Ердоган победи ние ќе видиме драматично проширување на неговата и онака застрашувачка моќ“, вели Ерзин Калајџиоглу, професор по политички науки во Истанбул додавајќи:

„Тоа е парадоксално, бидејќи турскиот политички систем се заснива врз премиерот, не врз претседателот. Ако Ердоган стане претседател, тој ќе ја растегне својата моќ до непознати размери.“

Ердоган го завршува неговиот втор мандат како премиер идната година, а законите не предвидуваат тој тоа да го прави и трет пат едноподруго.

Ако Ердоган победи ние ќе видиме драматично проширување на неговата и онака застрашувачка моќ. Турскиот политички систем се заснива врз премиерот, не врз претседателот. Ако тој стане претседател, тој ќе ја растегне својата моќ до непознати размери.

„Ако победиме на изборите на 10 август, јас нема да бидам претседател на партија или група, туку претседател на цела Турција. Никој не треба да се сомнева дека јас ќе бидам претседател на сите, без оглед дали некои од нив ме гласале или не.“

рече Ердоган пред членовите на неговата партија во Анкара. Ако во август годинава биде избран за претседател тој веднаш ќе треба да се повлече од премиерската функција што пак ќе води кон предвремени избори.

Претседателските избори ќе бидат втори оваа година за партијата на Ердоган. Таа на локалните избори во март победи убедливо и покрај едногодишните акции и протести против него и неговите најблиски соработници поради нивната поврзаност со корупциски скандали.

Претседателските избори ќе значат и заминување на актулниот шеф на државата Абдула Ѓул кој важи за поумерен политичар од Ердоган.

„Со години политиката е диригирана од Ердоган и од помала група негови советници. Ѓул е еден од малкуте негови критичари“, вели Озгур Улунисарчикли, директор на германскиот Маршалов фонд во Анкара.

Екмеледин Ихсаноглу
Екмеледин Ихсаноглу

Политичкиот аналитичар Синан Улген смета дека политиката и во иднина ќе биде водена од каприците на Ердоган, што пак, како што додава, долгорочно, ќе има тешки последици за неговата сопствена партија.

Во две испитувања на јавното мислење, објавени минатиот месец, се гледа дека Ердоган убедливо ќе го победи Екмеледин Исаноглу, заеднички кандидат на двете главни опозициски партии.

„Вистинското прашање е што ќе се случува натаму“, додава Улген кој предвидува дека Ердоган ќе ја прошири својата моќ и како претседател.

„Ќе видиме и тоа како претседателот води седници на владата“, додава тој, потсетувајќи на фактот дека турскиот устав му дава на претседателот само церемонијална улога и бара од него да се откаже од партиско членство.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG