Достапни линкови

Источна Украина на чекор до „Нова Русија“


Бунтовниците во Доњецк и Луганск во источна Украина соопштија дека гласачите ја поддржале независноста на нивните региони на вчерашните референдуми што од Киев и од Западот се прогласени за незаконски. Според, сепаратистите, гласањето било само прв чекор кон изградба на Нова Русија на југоистокот на Украина.

Првичните резултати во Доњецк, поголемиот од двата украински региона каде што сепаратистите вчера одржаа референдум, беа соопштени само два часа по затворањето на гласачките места.

Според нив, скоро 89,7 проценти се изјасниле позитивно на прашањето „Дали одобрувате независност на Народна Република Доњецк“.

„Овие резултати само значат дека народот на Донбас сака да се почитува неговото мислење, како и нормите на меѓународното право. Бараме право на самопределување и ќе се стремиме да го постигнеме тоа.“

Изјави Роман Лијагин, самопрогласен шеф на изборната комисија, додавајќи дека луѓето во тој регион јасно знаат дека светот нема да ги признае резултатите, но оти сепак сакаат да се слушне нивниот глас.

„Ние веќе можеме да констатираме дека претседателските избори нема да се одржат во регионот на Доњецк, бидејќи е нелогично и погрешно да се одржуваат избори за претседател на Украина на територијата на Доњецката република.“

додаде Лијагин. Резулатите од референдумот одржан во другиот регион на Луганск, кој, како и оној во Доњенцк се одржа без меѓународна контрола, според организаторите, покажале дека 96 насто од оние што гласале биле за независност на Народна Република Луганск и оти одѕивот бил 81 насто.
Овие резултати само значат дека народот на Донбас сака да се почитува неговото мислење, како и нормите на меѓународното право. Бараме право на самопределување и ќе се стремиме да го постигнеме тоа.

„Податоци од лажните референдуми во Источна Украина ќе бидат исто така лажни“, напиша на Твитер шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд.

Украинскиото министерство за надворешни работи ги оцени рефердумите за криминална фарса организирана од Москва. Министерството смета дека гласањето било инспирирано, организирано и финансирано од Кремљ.

Лидерот на бунтовниците во Доњецк Денис Пушилин пак изјави дека нареден чекор сега би бил формирање влада и воени структури.

Самопрогласениот гувернер на Доњецк Павел Губарев за руската телевизија рече дека гласањето било само прв чекор кон изградба на Нова Русија на југоистокот на Украина.

Таму пак тензиите растат и поради воената операција на украинските владини сили против бунтовниците. Има извештаи дека украинските сили отвориле оган врз насобраните луѓе пред градското собрание во Красноармијск, на 30 километри од Доњецк, при што едно лице било убиено.

Украинскиот привремен претседател Олександар Турчинов предупреди дека гласањето е чекор кон амбис. Тој додаде дека владата би сакала да преговара со претставници на тие региони, но не и со терористите кои, како што изјави имаат за цел распаѓање на земјата.

Американскиот Стејт департмент оцени дека гласањето е обид за натамошни поделби во Украина, а за Европската унија тоа е нелегално.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно побара од проруските сепаратисти да го одложат референдумот за да се овозможи дијалог за решавање на кризата, но тоа негово барање не беше прифатено.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG