Достапни линкови

Скопски филмски фестивал со акцент на големите авторски имиња


Macedonia - Poster for Skopje Film Festival.
Macedonia - Poster for Skopje Film Festival.

Над шеесеттина остварувања, распределени во седум програмски целини, ќе бидат претставени на 17. Скопски филмски фестивал, манифестацијата што од 23 до 30 април ќе се одвива во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотека на Македонија. Акцентот на ова издание на случувањето е ставен врз авторските имиња кои во последниве години се во врвот на светските фестивалски селекции.

Во деновите на зовриени страсти и изнасилена предизборна атака на љубителите на филмот од земјава наново ќе им се случи уметноста на подвижните слики. На 17. Скопски филмски фестивал, во седумте програмски целини, ќе бидат прикажани над шеесетина остварувања кои се бават со авторската имагинација и специфичните жестоки творечки ракописи.
Се фокусиравме на оние имиња кои веќе се познати по големите фестивали како автори кои ги придвижуваат границите и кои излегуваат со еден сосема нов ракопис и многу пожестоко филмско писмо.
Сунчица Уневска, филмски критичар и селектор на главната програма на фестивалот.


Манифестацијата ја отвора 3- Д имакс проекцијата на „Битката за Сталинград“ на Фјодор Бондарчук, во која тој на самосвоен начин се бави не само со една од најкрвавите битки во историјата на човештвото ( во која патем загинале над два милиони луѓе и била пресудна за исходот на Втората светска војна) туку и со личните приказни на луѓето од обете страни на барикадите, а за спуштање на завесата е резервиран „Невидливата жена“ на Ралф Фајнс каде се разоткрива тајната љубов на големиот британски писател Чарлс Дикенс.
„Битката за Сталинград“ на Фјодор Бондарчук.
„Битката за Сталинград“ на Фјодор Бондарчук.

Во главната програма се осум филма од кои за издвојување се: „Сликата што недостасува“ на Рити Пан од Камбоџа, мексиканскиот „Хели“, иранскиот „Манускриптите не горат“ на Мухамед Расулоф, грчкиот филм „Госпоѓица насилство“ на Александрос Авранас, индискиот „Ланчбокс“, „Ние сме најдобри“ на Лукас Мудисон, „Слободна зона“ на Веико Оунпу од Естонија, како и „Часот на рисот“ на Серен Крег Јакобсон. Три од овие филмови своите светски премиери ги имаа на минатогодишниот Кански фестивал.
Со овој потег им даваме можност на младите автори да го валоризираат своето дело токму онаму каде што треба – на филмските фестивали и пред публика, а од друга страна тоа е добро и за манифестацијата која вака гради линк со младите.
Сунчица Уневска.

Во Програмата на авторски филм најнапред ќе го видиме „Моебиус“ на Ким Ки-Дук, а потем следуваат неколку ексцентрични црни комедии и сатири како „Вештерките од Зугарамурди“, „Влажни места“, „9 месеци“, „Јас, лично јас и мајка ми“ „Дали човекот кој е висок е среќен?“ и „Киднапирањето на Мишел Уелбек“.

Сунчица Уневска, филмски критичар и селектор на главната програма, вели дека специфика на ова издание на Скопски филмски фестивал е еден понеобичен концепт во кој акцентот е ставен врз авторските имиња чии дела во последниве години се во врвот на светските фестивалски селекции.

„Се фокусиравме на оние имиња кои веќе се познати по големите фестивали како автори кои ги придвижуваат границите и кои излегуваат со еден сосема нов ракопис и многу пожестоко филмско писмо.“

Во прилог на ова говори и фактот што Фестивалот во рамките на селекцијата „Ретроспектива“, во Кинотека на Македонија, ќе ја понуди селекцијата на филмови на кулниот Џим Џармуш ( ќе бидат прикажани Постојан одмор“ - снимен 1980 година, „Почудно од рајот“ -1984, „Надвор од законот“ -1986, „Мистериозен воз“ -1989, „Ноќ на земјата“ -1991 и „Мртов човек“ од 1995), а „Во фокусот“ овојпат му е посветен австрискиот режисер Улрих Зајдл со неговата „Трилогија: Рај“ поделена на „Рај: Љубов“, „Рај: Верба“ и „Рај: Надеж“.

Покрај ова во рамките на селекција „ Окото врз филмот“ публиката ќе има можност да проследи четири дебитантски дела: „Луѓето таму“ на Аик Карапетијан од Латвија, италијанскиот „Утринска ѕвезда“ на Софи Блонди, францускиот „Интимна политика“ на Јамини Лила Кумар и холандскиот „Тивките“ на Рики Ринеке. Од друга страна, Програмата на кратки филмови содржи десет остварувања на тема „Секс и религија“, а планирано е да бидат претставени и новитетите од македонската продукција. Згора на тоа, а по теркот на големите европски фестивали како што се оние во Кан и Берлин кои прикажуваат материјали од делата кои со нетрпение се очекуваат, годинава Скопски филмски фестивал ќе претстави извадоци од новиот филм на Антонио Митриќески - „Деца на сонцето“ чија премиера е планирано да се случи во септември годинава.

„Очекуваме дека ќе биде интересно за публиката да ги види тие 15-на минути како своевидна најава за овој филм кој се снимаше лани на Преспанското езеро и кој носи една урбана приказна фокусирана на македонското семејство и на сето она што е карактеристично за нашето актуелно живеење.“

Уште една од спецификите на 17. Скопски филмски фестивал е иницираната соработка со Факултетот за драмски уметности која резултира со промовирање на „Студентската програма“ што ќе се одвива во кино „Фросина“ ( 26 – 27 април) и каде ќе се најдат 17 дела, 10 документарни и седум играни. Филмовите донесуваат фантастичен спектар на теми и идеи, а мотото на оваа селекција забележано на плакатот е „Нашите црвени фестивалски теписи допрва ќе се плетат“.

„Со овој потег им даваме можност на младите автори да го валоризираат своето дело токму онаму каде што треба – на филмските фестивали и пред публика, а од друга страна тоа е добро и за манифестацијата која вака гради линк со младите и остава простор да го прикаже она што тие како потенцијал го носат – ќе рече селекторката Сунчица Уневска.

Конечно треба да се спомене дека автор на плакатот за 17. Скопски филмски фестивал е Таби Азири, а во рамките на ова издание на манифестацијата е предвидено да се одржи трибина со наслов „Револуцијата е мртва! Да живее Револуцијата!“ и стручно предавање на македонскиот режисер Иво Трајков озаглавено како „Анализа на драмската структура и изградба на ликовите како основа за филмска нарација“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG