Достапни линкови

Почина Нелсон Мандела, човекот кој ја смени историјата


Нелсон Мандела
Нелсон Мандела

Нелсон Мандела, борец против Апартхејдот, Нобеловец за мир и Претседател на Јужно Африканската Република почина на 95 годишна возраст. Пред претседателскиот мандат, Мандела мина 27 години во затвор по пресудата од претходниот расистички режим.

Црковната химна која со децении беше духовна химна на јужноафриканското движење против Апартхејдот со крајот на владеењето на малцинството белци во деведесетите, стана официјална химна на Јужна Африка.

На сличен начин може да се опише и Нелсон Мандела, кој од млади години стана лидер на отпорот, по што страдаше како политички затвореник за на крај да стане човекот кој ја симболизира повеќерасната демократија како претседател на Јужна Африка.

Ролихлахла Мандела беше роден во Транскеи во 1918 година. Синот на племенски лидер подоцна беше прекрстен во Нелсон, веројатно бидејќи тоа име полесно се изговара.

Благодарение на статусот на неговото семејство, тој се стекна со универзитетско образование. Но тогаш било јасно дека за црн човек, можностите за личен напредок биле ограничени.

Раѓањето на Апертхејдот

По изборната победа на Националната партија во 1948 година се создаде политиката на Апартхејдот, која подразбираше сегрегација на белците од црнечкото население. Со тоа веќе ограничените права на мнозинското население беа уште повеќе намалени и црнечкото население се најде на маргините на општеството.

Архитектот на Апартхејдот често ги потсетуваше своите подржувачи во педесеттите години дека целта на ваквата политика била обезбедување трајна доминација на белците во земјата, или кажано со негови зборови:

„Мои пријатели, оваа Република е дел од доминацијата на белците во светот!“.

Мандела се приклучи кон младинскиот комитет на Африканскиот Национален Конгрес, движење кое проповедало ненасилен отпор кон законите кои им ја доделувале општествената контрола на белците.
Се борев против доминацијата на белците. Се борев и против доминацијата на црнците. Тоа е идеалот по кој би сакал да живеам. Но господе, ако дојде до тоа, ќе умрам за овој идеал.
Нелсон Мандела

Во шеесетите години Мандела и неговите соработници сметале дека движењето никаде не се движи.

За разлика од другите иницијативи во земјата, Националниот конгрес се реши на герилска кампања, но без човечки жртви.

Главна тактика за остварување на целта била саботажа. Се бомбардираа пошти и телефонски инсталации. Мандела бил уапсен во 1962 година и добил петгодишна затворска казна.

Од петгодишна казна до 27 години затвор

Една година подоцна, додека ја отслужувал казната, Мандела заедно со неколкумина соработници бил обвинет за планирање на пуч.

На судењето по ова обвинение, Мандела даде четиричасовен говор во одбрана на Африканскиот Национален Конгрес и ги презентираше барањата на движењето.

„Се борев против доминацијата на белците. Се борев и против доминацијата на црнците. Тоа е идеалот по кој би сакал да живеам. Но господе, ако дојде до тоа, ќе умрам за овој идеал“, рече Мандела.

Судијата пресече дека Мандела ќе отслужи затворска казна во затворот на островот Робен каде што идниот лидер на Јужна Африка помина 27 години од животот.

Најпознатиот затвореник во светот

Популарноста на Мандела растеше додека тој ја отслужуваше затворската казна. Движењето против Апертхејдот добиваше глобална димензија. Обединетите нации воведоа забрана за увоз на оружје во Јужна Африка, а Мандела стана најпознатиот затвореник.

Кога излезе од затвор во 1990 година, активистот беше пречекан како херој. Во следните неколку години Мандела соработуваше со неговиот претходник Ф.В. Де Клерк на растурање на структурите на Апертхејдот со што се создадоа услови за првите демократски избори во земјата.

Во 1994 година Мандела беше избран за шеф на државата на првите „мултирасни“ избори во Јужна Африка. Тој отслужи еден мандат за време на кој се здоби со меѓународна почит за промовирање на национално и интернационално помирување.

Кога се повлече во 1999 година Мандела остави зад себе земја во тешка состојба, но и земја за која имаше направено храбри чекори. Подоцна тој стана активист за борба против сида, откако неговиот повозрасен син почина од компликации од инфективната болест. Мандела се повлече од јавниот живот во 2004 година.

Мандела ќе се памети како човек кој промени нација, но не со употреба на сила, туку со поставување морален пример.
XS
SM
MD
LG