Достапни линкови

Економија: Maкедонија и САД не се иста работа


Архивска фотографија: Eврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен.
Архивска фотографија: Eврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен.

Два насто раст за мала економија како македонската не е исто со 2 насто раст на американската економија. Според Светската Банка, на Македонија со раст од 2,8 насто ќе и требаат 86 години да го стигне нивото на Европската Унија доколку Унијата расте со 1,5 проценти.

Македонската економија годинава ќе заврши со раст од 2,1 отсто, прогнозира Европската комисија. Дел од домашните медиуми објавија дека тој раст е поголем од предвидениот раст за самата ЕУ и за САД. Според анализите на Светската банка, на Македонија со ваков раст ќе ѝ требаат децении да го достигне нивото на ЕУ.
Два проценти раст на американската економија е исклучително висок резултат. За разлика од тоа, 2 проценти раст за мала економија не може да се оцени позитивно.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Во најновата прогноза што еврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен, ја претстави во европската престолнина, се прогнозира дека догодина македонската економија ќе порасне за 2,5 проценти, а 2015 година за 2,9 проценти на бруто-домашниот производ. Во исто време, Унијата годинава ќе стагнира (0,0 проценти раст), идната година се очекува да има раст од 1,4 проценти, во 2015 година 1,9 отсто, додека САД годинава ќе ја завршат со 1,6 отсто раст на БДП, а идната година и во 2015 година, БДП на најмоќната држава на светот се очекува да порасне за 2,6 проценти, односно 3,1 проценти, објави државната новинска агенција МИА.
Ние се наоѓаме во пострецесиона фаза, кога голем број од државите во ЕУ излегуваат од рецесијата и оттаму стапките на раст и во Европа и пошироко се на пониско ниво.
Јован Пејковски, универзитетски професор.

Професор Зоран Ивановски вели дека секој раст во услови на криза е позитивен и оти тој е поголем оптимист од ЕК и прогнозира раст на македонската економија за годинава од 2,5 отсто. Сепак, вели Ивановски, истите стапки на раст имаат различно значење за различни држави.

„Тоа значи 2 проценти раст на американската економија е исклучително висок резултат. За разлика од тоа, 2 проценти раст за мала економија не може да се оцени позитивно од аспект на тоа дека веднаш ќе се почувствуваат и поблагопријатни услови или подобрување на животниот стандард или намалување на стапката на невработеност во државата“, вели Ивановски.

Тој објаснува дека за граѓаните да почувствуваат подобрување, односно да се зголеми животниот стандард и осетно да се зголеми стапката на вработеност, на Македонија и треба раст од 5-6 отсто во најмалку 4-5 години последователно.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски вели дека не секогаш стапките на раст зависат од политиките и од насоченоста кон раст и развој, туку во голема мера зависат и од други внатрешни и надворешни фактори и додава дека македонската економија е тесно врзана со европската.

„Ние се наоѓаме во пострецесиона фаза, кога голем број од државите во ЕУ излегуваат од рецесијата и оттаму стапките на раст и во Европа и пошироко се на пониско ниво. Поради тоа, мора да се надмине таа фаза, да се забрза динамиката на раст и развој и тогаш може да се очекуваат повисоки стапки на раст на БДП-то“, вели Пејковски.

Лилија Бурунчук од канцеларијата на Светската банка во Македонија пред неполни три години изјави дека за Македонија да го достигне нивото на 27-те земји од Европската унија, со раст од 2,8 проценти годишно, колку што беше тогаш, ќе бидат потребни 86 години. Тоа би се случило под услов останатиот дел од Европа да бележи раст од 1,5 проценти годишно.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG