Достапни линкови

Македонија најдобра за бизнис, но и непросперитетна


Во извештајот Doing Business за 2014 на Светска банка Македонија се најде на 25 место. Од друга страна, најновиот Индекс на просперитет што го подготви Легатум Институтот покажува дека најслабо рангирани во Западен Балкан се БиХ и Македонија.

Во извештајот Doing Business за 2014 на Светска банка, Македонија е најдобропласирана во регионот и е на 25 место. Во Doing Business извештајот се анализираат регулативите кои се однесуваат на бизнисите, прекугранично тргување, плаќање даноци, и решавање на несолвентност.

Македонија по четврти пат е и меѓу десетте врвни економии во светот каде најмногу се подобрило деловното и регулаторно опкружување во периодот од јуни минатата година до јуни годинава, спроведувајќи шест регулаторни реформи кои го олеснија водењето бизнис на локалните претприемачи.

Од друга страна, најновиот Индекс на просперитет 2013 што го подготви Легатум Институтот со седиште во Лондон покажува дека според просперитетот, најслабо рангирани во Западен Балкан се Босна и Херцеговина на 97, и Македонија на 79 место од 142 земји кои се најдоа во списокот.

Тој е составен врз проценка на глобалното богатство и благосостојба на една нација и тоа во осум различни категории: економија, образование, претприемништво и можности; управување; здравство; лична слобода; безбедност и социјален капитал.

Највисоко рангирани во регионот според севкупниот просперитет се Хрватска на 53 и Црна Гора на 71 место.

На ранг листата веќе пет години едно подруго води Норвешка, на второто место е Швајцарија, по што следат Канада, Шведска, Нов Зеланд и Данска.

На последните места се Авганистан, Конго, Централно африканската република и Чад.

Најновиот Индекс открива дека глобалниот просперитет се зголеми во текот на изминатите пет години, во голема мера и поради подобрувањата во претприемништвото, здравството и образованието.

Тоа, како што се наведува, придонесува граѓаните да бидат посреќни, поздрави и секако послободни.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG