Достапни линкови

Западот меѓу принципите и интересите во Египет


Крвопролевањето на улиците на Египет е трагедија за земјата, но создава и очајна дилема за Западот. Убиствата го означија крајот на помирувањето меѓу војската и Муслиманското братство. Според некои аналитичари, тие го означија и крајот на надежите за демократски Египет, барем во блиска иднина.

Европската унија најави недела на разговори за можните чекори што би можеле да следуваат откако војската почна да се справува со приврзаниците на претседателот Мoхамeд Морси кој беше соборен од власт во јули при што загинаа неколку стотици луѓе. Во заедничка изјава на претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, што се случува многу ретко, се вели дека за запирање на насилствата се одговорни војската и привремената влада.

На тоа беше посветена и вчерашната средба во Париз на францускиот претседател Франсоа Оланд и шефот на саудиската дипломатија Сауд ал Фејсал.

„Зборувавме за заедничките погледи за она што се случува. Се надеваме дека заедничките погледи ќе водат кон унифицирана позиција за она што треба да се направи. Мислам дека притисокот врз Египет нема да помогне во обновата на мирот и националната безбедност во таа земја“, Изјави ал Фејсал.

Имаме заедничка одговорност, Арапските земји, Европа, Франција, да работиме на запирање на насилството со цел египетските политички власти да донесат план за брзо организирање избори.
Франсоа Оланд, претседател на Франција.
Неговата земја беше близок сојузник на експретседателот Хосни Мубарак кој беше соборен со народно востание пред две години по што на власт дојде Муслиманското братство на Мохамед Морси.

„Имаме заедничка одговорност, Арапските земји, Европа, Франција, да работиме на запирање на насилството со цел египетските политички власти да донесат план за брзо организирање избори“, рече Оланд.

Во Египет, според аналитичарите, би можело да се одржат нови избори, но е незамисливо дека армијата, која објави војна против Муслиманското братство, ќе ризикува и ќе му дозволи да победи, уште еднаш.

Повеќето египетски коментатори велат дека Братството и онака ја загуби популарноста која ја уживаше пред Морси да победи на изборите. Сепак, ако во Египет наскоро се одржат избори тогаш тие ќе бидат лажирани.

Од друга страна, тешко дека ќе може да се врати некоја нова верзија на режимот на Мубарак. Многу работи се случија во изминативе две години за да биде тоа и веројатно.

Ако САД и ЕУ остро не ги осудат настаните во Египет, како тие би можеле да го обвинуваат режимот на Башар ал Асад за војната во Сирија?
Под Мубарак, Братството беше надвор од вистинската власт, но беше дел од египетското општество, пред се во сиромашните предградија и на универзитетите. Тешко дека сега такво нешто ќе му биде дозволено.

Поверојатно е заживување на насилниот џихадизам, велат експертите, додавајќи дека египетските либерали познати од настаните на плоштадот Тахрир се на крстосница.

Со голема дилема се соочуваат и Европската унија и Соединетите држави. Некои велат дека тие се наоѓаат меѓу принципите и интересите. Според западните принципи, треба да се поддржи демократијата и да се прекинат врските со египетската војска.

Западните интереси, пак, сугерираат премолчна поддршка на репресијата врз исламистите. Но, во реалноста тоа е посложено. Ако репресијата води кон заживување на Ал Каеда, тогаш тоа не во интерес на Западот.

Поддршката на насилните антидемократски пучеви ќе ја растури поврзаноста на секој западен пристап на Блискиот Исток.

Ако САД и ЕУ остро не ги осудат настаните во Египет, како тие би можеле да го обвинуваат режимот на Башар ал Асад за војната во Сирија? се прашуваат аналитичарите, додавајќи дека неосудувањето на воената власт во Египет создава дилеми и надвор од Блискиот Исток:

Дали САД и Европа можат да осудуваат слични мерки во Русија или Кина, ако ги толерираат сегашните во Египет?
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG