Достапни линкови

Во Софија судири меѓу полицијата и демонстрантите


Специјални сили на бугарската полиција изутрината ги растераа демонстрантите кои повеќе од осум часа држеа под блокада во парламентарната зграда стотина пратеници, министри и новинари. Во судирите беа повредени најмалку осум демонстранти и двајца полицајци.

Зградата на бугарскиот парламент, како што јавуваат агенциите, целосно била испразнета во пет часот наутро кога со тешка градежна механизација почнало и отстранувањето на барикадите на демонстрантите.
За прв пат од почетокот на протестите денеска сме сведоци на тензии и обиди за провокации.
Розен Плевнелиев, претседател на Бугарија.

Претходниот полициски обид за ослободување на пратениците заврши со тепачки меѓу полицијата и демонстрантите кои извикуваа „Мафија“, „Оставка“ и „Убијци“.

Министерот за внатрешни работи Цветлин Јовчев изјави дека полицијата не употребила сила и оти демонстрантите фрлале камења и други предмети.

„Полицајците перфектно ја завршија работата. Бевме сведоци на многу сериозни обиди за предизвикување насилства. Беа нападнати и пратеници и полицајци. Сепак полицијата успеа да совлада ситуацијата.“

Тоа беа први судири од почетокот на протестите кои траат веќе 40 дена во најсиромашната членка на Европската унија, а на кои се бара оставка на технократскиот кабинет, составен во мај годинава по неубедливите предвремени избори.

Демонстрантите сметаат дека новата влада поддржана од социјалистите е компромитирана и бараат поуверливи реформи за искоренување на корупцијата и за справување со сиромаштијата.

Протестите почнаа откако во јуни медијскиот магнат Делјан Пеевски беше избран за шеф на безбедносните служби, што според демонстрантите, е доказ за корупција и за незаконско влијание на моќните бизнисмени врз државните институции.

Неговиот избор беше отповикан, но антивладините протести продолжија, а секоја вечер по скоро 10 илјади Бугари демонстрираат во Софија. Во знак на безнадежност, осум луѓе се самозапалија, од кои шестмина починаа.

По избувнувањето на синоќешните насилства претседателот на бугарскиот парламент Михаил Миков побара откажување на денешната собраниска седница.

„Ред мора да има. Пратениците не можат да бидат цел. Нивниот живот не може да биде доведен во опасност“, изјави тој.
Росен Плевнелиев, претседател на Бугарија
Росен Плевнелиев, претседател на Бугарија

Шефот на државата Розен Плевнелиев апелира и до демонстрантите и до полицијата да се воздржат од насилни акти.

„За прв пат од почетокот на протестите денеска сме сведоци на тензии и обиди за провокации“, рече Плевнелиев. Експремиерот Бојко Борисов уште еднаш повика на оставка на владата.

„Тоа е единствен начин за да се смири народот“, изјави Борисов чија конзервативна влада поднесе оставка во февруари годинава по масовните протести, меѓу другото, и против превисоките сметки за струја.

Иако партијата на Борисов, ГЕРБ доби најмногу места во парламентот, таа не успеа да формира коалициска влaда.

Сегашниот кабинет на екс министерот за финансии Пламен Орешарски е поддржана од социјалистите кои на изборите беа втори. Но, владата контролира замо половина од 240 места во парламентот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG