Достапни линкови

Македонија лидер во борбата против трговијата со луѓе


Македонија, во најновиот годишен извештај на американскиот Стејт департмент за трговијата со луѓе во светот, е во првата група, односно на земји чии влади целосно ги почитуваат минимум стандардите во борбата против оваа појава. Сите други земји од регионот се најдоа во втората група со влади кои во целост не ги исполнуваат стандардите, но вложуваат значајни напори да ги достигнат.

Македонија е земја извор, но и земја транзит и дестинација за мажи, жени и деца изложени на трговија со секс и на принудна работа. Ова се наведува во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент за ситуацијата со трговијата со луѓе во светот.
Ќе останеме ангажирани со владите на ова прашање, бидејќи модерното ропство го има во секоја земја, вклучувајќи ги и Соединетите држави и секоја влада е одговорна да се справи со тоа, но ниту една тоа не го прави доволно.
Џон Кери, државен секретар на САД.

Притоа се прецизира дека станува збор за македонски жени и девојчиња кои се принудени да го прават тоа во барови и ноќни клубови во земјата. Деца, главно етнички Роми, се принудени да питаат од нивните семејства.

Возраста на жртвите се намалува, а се повеќе жртви потекнуваат од соседните земји: Албанија, Бугарија, Србија, Босна, Косово, но и од Украина.

Стејт депратментот наведува дека македонски граѓани се подложени на трговија со луѓе во Грција, Белгија и други земји во Европа.

Владата на Македонија, како што се оценува во извештајот, целосно ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Таа го продолжува нејзиното енергично гонење на оние што се вклучени во оваа трговија, вклучувајќи и јавни службеници соучесници во ваквата трговија.

Сепак, како што се додава, владата не успеа ефикасно да ги скенира можните жртви на трговија со луѓе, да вклучи обучени социјални работници и невладини организации и да ги поддржи жртвите.

Владата продолжува да се потпира врз невладини организации за да обезбеди голем број на услуги на засолништа без да обезбеди соодветно финансирање за медицинска грижа и реинтеграција.

Токму во овие сектори се и главните препораки на Стејт департментот за Македонија, која заедно со уште 30 земји, меѓу нив и Соединетите Држави, се најде во првата група.

Во втората група на земји кои не ги исполнуваат во целост стандардите се: Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Романија, Грција, Турција, Унгарија, но и Јапонија и Аргентина.
американскиот државен секретар Џон Кери
американскиот државен секретар Џон Кери

„Ќе продолжиме да работиме со нашите партнери во светот за да развиеме нови пристапи и нови практики. Ќе останеме ангажирани со владите на ова прашање, бидејќи модерното ропство го има во секоја земја, вклучувајќи ги и Соединетите Држави и секоја влада е одговорна да се справи со тоа, но ниту една тоа не го прави доволно“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери кој го претстави најновиот извештај.

Тој прецизира дека во минатата година биле откриени само околу 46 илјади жртви на трговијата со луѓе, иако според проценките, во светот има 27 милиони робови.

Русија, Кина и Узбекистан паднаа во најниската категорија во извештајот во кој се рангираат 188 земји според тоа како дејствувале против трговијата со луѓе и другите видови експлоатација.

Според тоа, претседателот Барак Обама има рок од три месеци да реши дали ќе воведе санкции против ови три земји. Сепак, аналитичарите не очекуваат тоа и да се случи со оглед на фактот што тие се значајни стратегиски земји за Соединетите Држави.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG