Достапни линкови

Банките пасивни во кредитирањето


Ако нема доволно добри проекти што би ги кредитирале, во земјите со развиено банкарство, банките се водат по принципот „Ако не сака брегот кај Мухамед, тогаш Мухамед ќе оди кај брегот“ или ако коминтентите немаат добри проекти, тогаш банките ги содаваат.

Фирмите од една страна се жалат на неликвидност и обвинуваат дека банките тешко даваат кредити и оти и тие што ги даваат се скапи. Банките од друга страна велат дека со задоволство би кредитирале добри проекти, затоа што сакаат гаранција дека парите ќе им бидат вратени. Во земјите со развиено банкарство, банките не чекаат добри проекти, туку самите ги бараат или ги создаваат, советуваат експертите.
Има доволно добри проекти што банките може да ги кредитираат. Проблемот е во аналитичките центри на банките, треба да ги оспособат и пласманите да ги даваат за добри проекти.
Мирче Чекреџи, Сојуз на стопански комори.

Претседателот на Здружението за банкарство во Стопанската комора на Македонија Ѓорѓи Јанчевски неодамна изјави дека каматите на кредитите се пазарна категорија и оти банките најмногу ги интересира ризикот. Тој објаснува дека затоа, не мора да значи дека намалувањето на референтната камата од Народната банка нужно ќе доведе до намалување на каматите кај комерцијалните банки. Банкарите велат дека фирмите треба да излезат со добри проекти и оти тие со задоволство би кредитирале нешто што ќе донесе пари.

Во светот банките не чекаат коминтентите да им дојдат со добри проекти, туку најчесто кога нема добри проекти тие влегуваат во правење на проекти и после ги кредитираат тие проекти по принципот клуч на рака. Нашите банки сè уште не се дојдени во таа фаза и тука има место за кредити од банките.
Љубе Трпески, универзитетски професор, поранешен гувернер на НБРМ.
Бизнисмените, пак, со спротивен став – банките не знаат да препознаат добри проекти. Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори вели дека интензивното кредитирање е единствен начин за излегување од рецесијата. Без инвестиции нема да има раст, вели тој.

„Има доволно добри проекти што банките може да ги кредитираат. Проблемот е во аналитичките центри на банките, треба да ги оспособат и пласманите да ги даваат за добри проекти. Конзервативноста на банките кај нас следи поради големиот процент на нефункционални кредити, но тоа биле погрешно пласирани пари“, вели Чекреџи.

Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, професор Љубе Трпески не се согласува со тоа. Помалите банки можеби навистина не се доволно екипирани, но најголемите три-четири банки имаат добри аналитички центри, вели тој. Според него, банките делумно се во право затоа што навистина нема доволно добри проекти што би ги кредитирале, но оти во земјите со развиено банкарство, банките се водат по принципот „Ако не сака брегот кај Мухамед, тогаш Мухамед ќе оди кај брегот“.

„Во светот банките не чекаат коминтентите да им дојдат со добри проекти, туку најчесто кога нема добри проекти тие влегуваат во правење на проекти и после ги кредитираат тие проекти по принципот клуч на рака. Нашите банки сè уште не се дојдени во таа фаза и тука има место за кредити од банките. Не треба само да чекаат да им дојдат добри коминтенти со добри проекти, туку треба да бараат добри проекти и да прават добри проекти, така е во современото банкарство“, вели Трпески.

Годишните финансиски извештаи на банките за лани покажаа дека загубата од ненаплатените кредити до крајот на 2012 година изнесувала 73,8 милиони евра, што претставува пораст од 16,9 отсто во споредба со претходната годината. Сепак, и покрај тоа, банките покажаа зголемени профити.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG