Достапни линкови

Илина Арсова со емотивен спој на природата и уметноста


Илина Арсова, македонски уметник и алпинист.
Илина Арсова, македонски уметник и алпинист.

„Таа и јас“ е насловена изложбата на Илина Арсова, која во нареднава седмица, ќе се одржи во Галерија 8 во Старата скопска чаршија и којa на ликовната публика ќе и овозможи ретко видување на спојот на уметноста и природата. Наедно сликарката и страстна алпинистка на 15 февруари во Галеријата на МКЦ ја организира групната продажна постановка со дела од неколку генерации наши творци за подршка на проектот „Прва Македонка на Монт Еверест“.

Селекција од десетина слики ја чинат камерната постановка на Илина Арсова во Галерија 8. Всушност изложбата „Таа и јас“ на ликовната публика и нуди можност за несекојдневно видување на емотивниот спој на уметноста и природата.
Сликите се различни техники. Од некој импресионистички одраз на моето доживување на Шар планина до некои полуапстрактни фигуративни пејсажи од поново време. Затоа ја направив прикаската со по неколку дела од различни периоди што сум ги работела во последниве неколку години.
Илина Арсова, уметник.

„Сликите се различни техники. Од некој импресионистички одраз на моето доживување на Шар планина до некои полуапстрактни фигуративни пејсажи од поново време. Затоа ја направив прикаската со по неколку дела од различни периоди што сум ги работела во последниве неколку години.“

Оваа самостојна изложба на Арсова каде таа наново го претставува сопственото соединување со природата од која ликовно се храни, спортски надградува и адреналински се инспирира, во некоја рака, е и вовед во групната продажна постановка на дела на неколку генерации на македонски уметници што ќе биде отворена на 15 февруари во обновената галерија на Младинскиот културен центар во Скопје.
Експедицијата веќе трета година по ред ја најавувам, но за жал не успевам да најдам спонзори и финансиски да ја изменаџирам и затоа ќе се обидам на ваков, убав културен настан да направам една таква кампања за промоција и подршка на планинарска експедиција. Тоа е во склоп со мојата идеја за спојување на спортот и уметноста и мотивирање на луѓето преку спортот да бидат креативни и ликовно инспирирани.
Илина Арсова, уметник.

На ова хуманитарно случување, покрај нејзините слики, ќе се најдат и творби на Мирослав Масин, Симонида Филиповска Китановска, Решат Амети, Горјан Георгиевски, Урош Вељковиќ, Билјана Каровска, Никола Пијаманов, Ивана Младеновска и други, а целта е подршка на експедицијата „Прва Македонка на Монт Еверест“ со која таа има намера да се искачи на највисокиот врв на светот. Уметницата истакнува дека во светот ваквите настани функционираат добро кога треба да се собираат средства за одредена намена, но дека во Македонија ја немаме таквата практика и затоа таа, со подршка на оние организации кои што и помагаат и кои што стојат зад неа, се решила да организира еден ваков настан и потенцира дека самата е оптимистка во поглед на неговата успешност.

„Експедицијата веќе трета година по ред ја најавувам, но за жал не успевам да најдам спонзори и финансиски да ја изменаџирам и затоа ќе се обидам на ваков, убав културен настан да направам една таква кампања за промоција и подршка на планинарска експедиција. Тоа е во склоп со мојата идеја за спојување на спортот и уметноста и мотивирање на луѓето преку спортот да бидат креативни и ликовно инспирирани.“

Илина Арсова активно работи и на полето на промоција на алтернативниот туризам и на културното наследство. Говорејќи за ова таа знае да каже дека во последно време има бројни иницијативи, но не е сигурна дали тоа го правиме на вистинскиот начин иако, како што вели, „со секој чекор учиме нешто ново“.

„Јас честопати кажувам дека планините се иднината на македонскиот туризам, но културата, културното наследство и традицијата која што ја имаме е она што е број еден што ги привлекува туристите да доаѓаат овде кај нас.“

Родена 1982 година, таа дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, пидегошки оддел – насока сликарство, во класата на професорите Рубенс Корубин и Јован Шумковски. Магистрирала јазици, бизнис и меѓународна трговија во рамките на проектот за соработка помеѓу универзитетите од Орлеан – Франција и „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, а член е на Друштвото на ликовните уметници од 2005 година.

Зад себе има бројни самостојни претставувања од кои за издвојување се ланската изложба во Музеј на град Скопје именувана како „Фотографии“ која се одржа по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жени во организација на Американската амбасада, “Ретроменада“ во Националната галерија - објект „Мала станица“ на која понуди 60 платна и стотина цртежи од последните четири години творештво и ликовно истражување ширум петте континенти, постановките “Сао Томе 2017“ и “На мој начин“ – кои го исмејуваат хипер модерниот високо потрошувачки живот кој полека ги зафаќа дури и сиромашните африкански земји, индивидуалниот сликарски проект "Емотивна Прашина" кој ја опишува силата и емоциите на кинеските мајки и чиј прв дел беше реализиран додека цели 20 дена живеела во пештерата Туанџи Шан, проектот "3 мај - денот на ѓубрето" на кој ја изложи збирката слики, фотографии, перформанс и видео кои ги претставуваат загадувачките навики во Македонија и во странство...и други.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG