Достапни линкови

Европа штрајкува против мерките за штедење


Во повеќе земји на Европската унија денеска се штрајкува и протестира против острите мерки за штедење и економските реформи за излез од должничката криза. Синдикатите во Шпанија, Португалија, Италија и Грција сметаат дека работниците се доведени на работ на егзистенција.

Прекинат сообраќај, приземјени летови, затворени училишта. Тоа е дел од „Европскиот ден на акција и солидарност“, како што се нарекува денешниот координиран штрајк во неколку земји на Европската унија.
Оваа меѓународна координација покажува дека станува збор за историски момент на синдикалното движење во ЕУ.
Фернандо Токсо, шеф на најголемиот шпански синдикат „Комисионес обрерас“.

Работничките движења во Шпанија, Португалија, Италија и Грција за прв пат во заедничка акција против кратењето на буџетските трошоци и зголемувањето на даноците.

Синдикалните лидери сметаат дека со ваквите мерки не само што ќе се пролонгира, туку и ќе се влоши економската криза во цела Европа.

Првиот штрајк на целиот Пиринејски Полуостров ќе биде голем сигнал на незадоволство и предупредување до европските власти.
Арменио Карлос, синдикалец од Лисабон.
„Оваа меѓународна координација покажува дека станува збор за историски момент на синдикалното движење во Европската унија“, смета Фернандо Токсо, шеф на најголемиот шпански синдикат „Комисионес обрерас“.

Шпанија, каде што секој четврти работник е без работа, сега се тетерави на работ на економски амбис што неминовно ќе значи и барање спасувачки финансиски пакет.

„Реков дека ќе ги намалам даноците, но јас ги зголемувам. Ќе ги намалам кога тоа ќе биде можно, но околностите се сменија и јас треба да им се прилагодам“, изјави неодамна шпанскиот премиер Мариано Рахој, признавајќи дека не може да го исполни неговото големо изборно ветување.
Мерките за штедење се приказна без крај. Не гледаме светло на крајот на тунелот. Само повеќе болка и тешкотии.
Анкетиран пензионер од Мадрид.

Гневот дополнително беше зголемен откако една жена се фрли од нејзинот стан кога судски извршители се обиделе да ја иселат поради тоа што банката не и даде заем за исплата на хипотеката.

Шпанците особено им се бесни на банките, затоа што тие беа спасени со јавни пари додека обичните луѓе страдаа.

„Протестираме бидејќи тие ги игнорираат човековите права, а и постојано ги зголемуваат даноците“, вели Сандра Гонзалез од Мадрид.

На ист став е и Ерикос Финалис од Атина.

„Со ваквите мерки завршува уништувањето на нашето општество што почна пред неколку години. Оваа влада не е легитимна и нема поддршка од грчкиот народ.“

Во Португалија, која, како и Грција, лани доби спасувачки пакет од Европската унија улиците досега беа релативно мирни, но противењето на мерките за штедење постојано расте и се заканува да ги доведе во прашање владините економски потези кои деновиве германскиот канцелар Ангела Меркел, инаку не многу пожелна личност на југот на Европа, ги оцени за модел на реформите.

„Првиот штрајк на целиот Пиринејски Полуостров ќе биде голем сигнал на незадоволство и предупредување до европските власти“, вели за новинската агенција Ројтерс синдикалецот Арменио Карлос од Лисабон.
Германскиот канцелар Ангела Меркел и португалскиот премиер Педро Коељо, Лисабон 12.11.2012.
Германскиот канцелар Ангела Меркел и португалскиот премиер Педро Коељо, Лисабон 12.11.2012.

Протестите против кратењата и економските реформи, според експертите, би можело да се зголемуваат со оглед на тоа што не само во Португалија, туку и во другите земји од таканречениот југ на Европската унија се очекува натамошно опаѓање на економијата и тоа за неколку проценти.

„Мерките за штедење се приказна без крај. Не гледаме светло на крајот на тунелот. Само повеќе болка и тешкотии. Протестираме за да го запреме тоа“, вели еден пензионер од Мадрид.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG