Достапни линкови

Поранешни членови на СДСМ и ЛДП - независни кандидати за советници


Независни советници во општина Куманово.
Независни советници во општина Куманово.

Поранешни членови на СДСМ и на ЛДП, незадоволни од функционирањето на своите партии, ќе се кандидираат како независни кандидати за советници во Куманово.

Незадоволни од функционирањето на партиите во Куманово за претстојните локални избори и овој пат во трката за освојување на локалната власт ќе се вклучат независни кандидати, поранешни членови на СДСМ и на ЛДП.
Моето долгогодишно членство во СДСМ беше исклучиво од идеолошки причини. Не отидов во партијата за да најдам работа или некој од моето потесно семејство да се вработи. Никогаш ниту една функција што ја имав во СДСМ не ја искористив за лични интереси. Последниот период СДСМ од партија премина во акционерско друштво, што не е добро за некој како мене кој во СДСМ дошол идеолошки.
Александра Георгиевска, советник во општина Куманово.

Зоран Петрушевски, социолог и долги години вклучен во политиката и како партиски и како независен советник во општинскиот Совет, за ова со свој став:
Виктор Цветковски, советник во општина Куманово.
Виктор Цветковски, советник во општина Куманово.

„Гледано од аспект на граѓанственоста како категорија која подразбира политички активизам, ова е прекрасна вест за развојот на демократијата во нашата земја. Биле луѓе во партиите, виделе како тие функционираат и сосема нормално е таквите луѓе, со такво политичко искуство дека ќе се одважат да им стават крај на политичките, значи крупните интереси на партиите и да се надминат себеси. Никако не значи кариеризам да се излезе од партија, кариеризам е да се остане во партијата која не функционира добро и да се чека некоја шанса. Ова е огромен политички ризик и само храбрите и одважните луѓе можат да се одлучат на ваков потег.“

На централното ниво состојбата, како што вели Петрушевски, е сосема поинаква. Но, на локално ниво, независноста подразбира подобар и непосреден контакт со граѓаните. Таков контакт на партиите им го отежнуваат нивниот габарит со нивните политики и математики.
Ќе се спротивставиме на два силни политички блока. Убедени сме дека имаме шанси да влеземе во втор круг, тоа е нашата цел, граѓаните тоа го бараат од нас. Тие бараат да се спротивставиме на битката на истребување која ја водат двата политички блока и на десницата и на левицата, а се помалку има место за граѓаните.
Виктор Цветковски, советник во општина Куманово.

„Сметам дека граѓаните веќе не веруваат на големите партии кои го поделија народот на вакви и инакви. Сите луѓе во Република Македонија се исти и заслужуваат да бидат третирани на еден фер и ист начин“, вели невропсихијатарот Драги Караџински, додавајќи дека независните имаат шанса бидејќи „веќе се покажаа некои негативности на владеењето на досегашниот начин“.

Александра Георгиевска, која од својата 18-годишна возраст безмалку деценија и пол била член на СДСМ, од неодамна се одлучи да се одметне од своето партиско јато.

„Моето долгогодишно членство во СДСМ беше исклучиво од идеолошки причини. Не отидов во партијата за да најдам работа или некој од моето потесно семејство да се вработи. Никогаш ниту една функција што ја имав во СДСМ не ја искористив за лични интереси. Последниот период СДСМ од партија премина во акционерско друштво, што не е добро за некој како мене кој во СДСМ дошол идеолошки.“

Георгиевска додава дека идеолошката матрица во СДСМ веќе не постои.

„Не е тоа само поради градоначалникот, туку и поради нашето општинско раководство и нормално раководството во централата, зашто нашето општинско раководство прима директиви од централата и се пренесува во нашето општинско и во сите општински раководства во целата Македонија.“

Поранешниот сдсмовец Виктор Цветковски, кој беше исклучен од партијата, одлучил на претстојните избори како независен кандидат со неговите поддржувачи да се впушти во трката за освојување на локалната власт.

„Ќе се спротивставиме на два силни политички блока. Убедени сме дека имаме шанси да влеземе во втор круг, тоа е нашата цел, граѓаните тоа го бараат од нас. Тие бараат да се спротивставиме на битката на истребување која ја водат двата политички блока и на десницата и на левицата, а се помалку има место за граѓаните.“

Запрашан дали неговото излегување од партијата е последица на неговите нереализирани лични интереси во нејзините редови, Цветковски негира, иако граѓаните веќе одамна сфатија дека политиката на политичарите им служи единствено за задоволување на нивните лични интереси.

„Тоа чувство граѓаните многу пати со право го имаат и се покажува како вистина. Ние се спротивставивме на тие интереси во нашите партии. Се спротивставив на тоа и бев исклучен од СДСМ. Локалните самоуправи многу подобро можат да функционираат без владеењето на партиите во кои се штитат партиските и личните интереси.“
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG