Достапни линкови

Китановски, Хопкинс и пријателите конечно го објавија „Бостон“


Македонскиот џез музичар Тони Китановски.
Македонскиот џез музичар Тони Китановски.

„Бостон“ е насловен албумот на македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Тони Китановски и американскиот трубач Грег Хопкинс со нивните пријатели, што како издание на „Скопски џез фестивал“, се појави токму во деновите од актуелното 31 издание на оваа врвна музичка манифестација.

Пет години по заедничкиот настап на Тони Китановски и Грег Хопкинс, заедно со „Черкези оркестар“, на 26-то издание на реномираниот „Скопски џез фестивал“, конечно е обелоденет материјалот што обајцата тогаш го снимија со своите пријатели и музички собеседници. Станува збор за десетина оригинални композиции на македонскиот инструменталист и автор што снимателот Ален Хаџистефанов ги документираше на сесии што се одржаа во студиото „Чикен меднес“, во Културно-информативниот центар и во Детскиот театарски центар во Скопје, а потписници на идејното решение за обвивката се Кристина Пулејкова и Симонида Филипова Китановска.
Идејата ми беше да соберам група од мои омилени музичари и главниот состав испадна да биде со момците од моето трио – тапанарот Александар Секуловски и басистот Иван Бејков. Потоа ги зедовме и перкусионистите Изет Кизил од Турција и нашиот Кубанец Оскар Салас. Направив избор на некои стари и некои нови композиции за кои мислев дека звучат добро и на крајот ме фати некоја носталгија по Бостон и од таму дојде името на албумот, по градот каде што живеев цели 10 години и таму го запознав Грег Хопкинс.
Тони Китановски, џез музичар.

„Идејата ми беше да соберам група од мои омилени музичари и главниот состав испадна да биде со момците од моето трио – тапанарот Александар Секуловски и басистот Иван Бејков. Потоа ги зедовме и перкусионистите Изет Кизил од Турција и нашиот Кубанец Оскар Салас. Направив избор на некои стари и некои нови композиции за кои мислев дека звучат добро и на крајот ме фати некоја носталгија по Бостон и од таму дојде името на албумот, по градот каде што живеев цели 10 години и таму го запознав Грег Хопкинс“, истакнува Китановски.
Македонскиот џез музичар Тони Китановски и неговиот Черкези оркестар.
Македонскиот џез музичар Тони Китановски и неговиот Черкези оркестар.

Тој дополнува дека со американскиот трубач и професор на колеџот во Беркли, Хопкинс, често настапувале и во САД и во Европа, дека тоа е „една колаборација која што си трае и која што не е врзана со некакви договорени промотивни активности“, но не исклучува можност „Бостон“ да го претстават на претстојните изданија на Штипскиот и Кавадаречкиот џез фестивал.
Албумот и онака е излезен само за нашиот пазар. Понатаму најверојатно ќе биде лиценциран и објавен за некоја друга етикета.
Тони Китановски, џез музичар.

„Албумот и онака е излезен само за нашиот пазар. Понатаму најверојатно ќе биде лиценциран и објавен за некоја друга етикета. Досега не сум се ангажирал ниту јас ниту менаџментот околу ова и тоа е една од следните работи на нашата агенда.“

Инаку, Китановски и „Черкези оркестар“, деновиве се вратија од Солун каде што се одржа последното издание на големиот Фестивал на светска музика „Вумекс“. Нивниот перформанс бил одлично пречекан од публиката, а интересно е што во оваа пригода на местото на оригиналниот басист Бејков(поради обврски со Македонската филхармонија остана во Скопје) на сцената се искачил Костас Теодору, кој многупати досега настапувал со македонските музичари и го знае репертоарот на овој ансамбл.

„Никогаш не сум имал проблем со грчкиот народ. Мислам дека ние си имаме проблем со оној сегмент на популација што се вика политичари, а не со обичните луѓе. Никогаш никој во Грција не ме нарекол дека сум од ФИРОМ или „таа земја“ туку сите викаат дека сум од Македонија, така што знам дека комплексот не постои на ниво на обичните луѓе.“

Тони Китановски вели дека во тие три дена додека биле на Фестивалот оствариле голем број на контакти со колеги музичари, со многу менаџери и продуценти од сите страни на светот и дека до крајот на годината треба да свират во Хрватска, а полека се подготвува и распоредот на концертните настапи за 2013 година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG