Достапни линкови

Ивон - Потребно подобрување на односите со соседите


Интервју со Кристoфер Ивон
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:00 0:00

Интервју со Кристофер Ивон.

Добрососедските односи станаа дел од преговарачката рамка во дијалогот на високо ниво, па тоа ја нагласува потребата од подобрување на односите со соседите колку што може повеќе, зацврстување на истите на многу конструктивен и позитивен начин, што и дава друга карактеристика на дипломатската активност во иднина, вели британскиот амбасадор Кристофер Ивон во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Ивон, во последниот извештај за напредокот на земјава, кој беше оценет како позитивен, Унијата предложи почеток на преговорите, но со услов спорот за името да се реши во раната фаза. Какви резултати според вас може да даде ваквиот концепт?

Како што рековте, мислам дека извештајот за напредокот беше навистина позитивен и тој ги подвлече областите во кои беше постигнат значителен напредок и во таа насока, тоа е навистина многу позитивен извештај. Во врска со прашањето за името...и во претходниот извештај беше посочено дека решавањето на прашањето за името останува суштинско. Има одредени карактеристики кои во годинешната стратегија за проширување се малку поразлични. Во моментот е невозможно да се каже какви резултати ќе се постигнат, бидејќи Велика Британија се уште многу внимателно ги проучува деталите од извештајот за напредокот, сигурен сум дека и другите земји членки го прават тоа. И како што кажа амбасадорот Филе на пресконференцијата, до земјите членки е да одлучат кој ќе биде нивниот заеднички одговор на стратегијата за проширување и извештајот за напредокот, вклучувајќи и дали тие ќе ја прифатат понудата на комесарот за подготвување на рамка за преговарање, што се разбира како што комесарот предложи може да вклучи посветеност на прашањето за името во раната фаза од процесот на пристапување.

Што значи терминот рана фаза и колку долго таа временска рамка може да се растегнува?

Па, комесарот не беше попрецизен кога кажа рано. Мислам дека ќе мора тоа да го прифатиме како такво. Тоа не е научен процес, па не можеме да ставиме одреден датум за тоа. Мислам дека треба да ја прифатиме како што е кажано рана фаза, независно од тоа како различни луѓе го интерпретираат тоа.

Реални ли се очекувањата на македонските власти за добивање датум на декемврискиот самит на Унијата?

Не знам какви се всушност нивните очекувања, па затоа е тешко да судам дали нивните очекувања се реални или не. Но мислам дека е добро да се чувствувате охрабрени од тоа што е напишано во извештајот, бидејќи одразува значителен напредок во многу области од евроинтеграциите, па затоа мислам дека извештајот треба да се сфати како охрабрување и токму затоа постои, но тешко ми е да судам и проценам дали очекувањата се добри или разбирливи.

Дали засилена дипломатска активност и лобирање од наша страна може да помогне да се добие посакуваниот датум и дали може да се надеваме на поддршка од Велика Британија?

Велика Британија е долгорoчен и пријателски поддржувач на Македонија и нејзините евроатлански интеграции. Македонија го доби кандидатскиот статус од Унијата во 2005 година, кога Велика Британија беше претседавач. Постојано кажуваме дека би сакале да видиме отворање на претпристапните преговори за Македонија и тоа го кажавме уште пред неколку години кога комесарот даде таква препорака. Велика Британија е голем поддржувач и уште еднаш повторувам дека би сакале да видиме отпочнување на преговорите.

Што се однесува до тоа дали ни треба засилена дипломатска активност, можам да кажам дека гледам доста дипломатски активности, но не го гледам тоа во целина. Така што тешко ми е да кажам дали ни треба засилена или продлабочена дипломатска активност, тоа треба да го кажат луѓето во Македонија, но она што ќе го кажам е дека годинава е потребна малку поразлична дипломатска активност, бидејќи како што видовме од дијалогот на високо ниво и заклучоците од последната рунда, тие ги идентификуваа добрососедските односи и тие станаа дел од преговарачката рамка во дијалогот на високо ниво, па тоа ја нагласува потребата од подобрување на односите со соседите колку што може повеќе, зацврстување на истите на многу конструктивен и позитивен начин, што и дава друга карактеристика на дипломатската активност во иднина.

Дали според вас една од причините поради кои Унијата се одлучила за давање препорака по четврти пат е опасноста од влошување на меѓуетничките односи?

Не сум сигурен дека тоа е причината. Кога ја прочитав стратегијата за проширување, сфатив дека е всушност обратното. Ако гледате што кажа комесарот, мислам дека придвижувањето на процесот за проширување на следна фаза, ќе помогне да се зацврстат меѓуетничките односи. Тоа не е реакција на ситуацијата во Македонија, тоа е повеќе еден вид охрабрување да се зацврстат и подобрат меѓуетничките односи. На крајот на краиштата, Охридскиот рамковен договор на пример е дел од дијалогот на високо ниво, па можете да видите како тие две работи одат едно со друго, и мислам дека тоа е токму тоа што комесарот сакаше да го каже, поддршка на меѓуетничките односи преку евроинтегративниот процес.

Но како вие го оценувате степенот на меѓуетничка доверба, во последно време се честа појава тепачките меѓу Македонци и Албанци во автобусите?

Мислам дека Охридскиот рамковен договор е жив документ кој покажува дека процесот продолжува. И јас доаѓам од земја во која имаше проблеми во Северна Ирска меѓу етничките заедници каде долго време требаше да се гради меѓуетничката доверба. Мислам дека во изминатите 11 години, од 2001 година, тоа патување трае и тешко е да се каже дали тој проект некогаш ќе заврши. Мислам дека не е лесно, бидејќи луѓето се чувствителни. Кога зборувам со нив, тие имаат поинакви чувства и се пречувствителни во однос на настаните од 2001. Но јасно е дека имаме мир по 2001 година. Има голем напредок во области како што е на пример децентрализацијата, сигурен сум дека луѓето ќе кажат дека е потребно да се направи уште многу, но мислам дека континуираната посветеност и обврската во однос на меѓуетничките односи е потребна за придвижување напред.

Како гледате на односите во владината коалиција и несогласувањата меѓу коалиционите партнери. Опозицијата па и некои невладини организации сметаат дека владините партнери самите креираа тензии. Дали оваа коалициона влада на вистински начин се справува со проблемите на етнички план?

За мене е тешко да зборувам за односите меѓу партиите. Од мене како амбасадор не се очекува да зборувам за политиките на партиите во мојата земја или односите меѓу нив овде. Дали се тие политики успешни во справувањето со ситуацијата тука и дали коалиционата влада го има вистинскиот рецепт за земјава, е одлука која треба да ја донесат гласачите, а не јас како амбасадор.

На реформите во кои области според вашите согледувања Македонија мора повеќе да работи?

Секако тие во извештајот се јасно назначени. Извештајот за напредок е голем и покрива група на области, економски и политички критериуми и ако сакате да имате целосен преглед на областите, извештајот е добра точка од каде да се почне. Ако треба да набројам неколку области, тоа би биле оние во кои Велика Британија е прилично вклучена. На пример јавната администрација е една област во која ние моментално спроведуваме проект, имаме проект за поддршка и зацврстување на парламентот, секако ако гледате во извештајот за напредок, тука се слободата на изразување, зајакнување на судството и секако многу економски предизвици исто така. Имаме проект наменет за подобрување на вработувањето, се обидуваме да осигураме дека образованието кое луѓето го добиваат на универзитетите им ги дава вештините кои од нив ги бара пазарот на трудот. Значи има неколку области во кои Велика Британија е доста вклучена и на тоа посветувам доста внимание и интерес.

Какви резултати даде проектот за реформи во јавната администрација кои ги поддржа вашата амбасада?

Проектот се уште не е завршен, мислам дека е се уште рано да зборувам за резултатите, иако се надеваме на добри резултати кога ќе заврши. Работиме на две области во однос на реформите во јавната администрација.
Едната е обид за преоѓање кон регрутирање на вработени врз основа на вредности, со што би се поддржал развојот во согласност со заедничките стандарди и критериуми. Тоа е нешто на кое работиме успешно во Велика Британија и сакаме тие наши искуства да ги пренесеме и тука со цел да се постигнат слични ефекти во македонската јавна администрација. Другата област е лидерството и менаџирањето на промени што сметам дека е предизвик за секоја јавна администрација. Поддржуваме тренинзи на лидери, стратешки мислења и промена на менаџментот кај некои највисоки нивоа од јавната администрација. Наша надеж е дека тоа ќе ги охрабри повисоките лидери да преземат некои тешки одлуки кои треба да се преземат во секоја јавна администрација.

Во извештајот останаа стандардните забелешки и во однос на слободата на медиумите. Кога последен пат ве прашавме за оваа тема, изразивте сомневање во довербата на граѓаните кон медиумите. Се уште ли го имате истиот впечаток и како да се натераат луѓето повеќе да им веруваат на медиумите?

Кога пак ќе се навратам на извештајот за напредокот, мислам дека не треба да заборавиме дека таму има и доста пофалби кои се однесуваа на напорите во однос на прашањето за декриминализација на клеветата и навредата. Значи јасно е кажано дека се преземени одредени чекори во некои области. Секако дека има некои прашања на кои треба повеќе да се работи, извештајот зборува за прашањето за рекламирањето, самоцензурата и фактот дека нема саморегулаторно тело во Македонија. Тоа би биле областите на кои во иднина треба да се посвети повеќе внимание. Околу довербата во медиумите, мислам дека треба да ги прашате граѓаните за да добиете подобар одговор. Поентата во последното интервју беше споредба со Велика Британија. Кога зборувате за медиумите со луѓето во Велика Британија, во моментот тие повеќе размислуваат на етиката во новинарството. Во последните месеци таму имаше истражување за етиката во новинарството и тоа ги рефлектираше прашањата за кои луѓето се најзагрижени. Кога тука зборувам со луѓето, тие зборуваат за слобода на медиумите. И тоа ми кажува дека е потребен поголем напор за да се зголеми таа доверба. Но првиот чекор споменат во извештајот во насока на декриминализација на клеветата и навредата е веќе преземен, а доколу има области во кои Велика Британија може да помогне, ќе бидеме среќни да ги споделиме нашите искуства со вас.

Ајде малку за економијата. Дали сето она што власта го нуди како поволности за инвестирање во земјава стана доволно провокативно за отворање бизниси на британските бизнисмени?

Претпоставувам дека најдобриот одговор за тоа го имаат британските бизнисмени и инвеститори. Имав привилегија да разговарам со многумина од нив. Прво би зборувал за бизнис интересите на британските инвеститори кои се веќе тука.
На почетокот на годината бев во фабриката на еден од најголемите британски инвеститори тука, Џонсон Мети кој најави проширување на бизнисот и тоа ми дава информација дека има доверба во опкружувањето тука и тоа е позитивен знак. Мислам дека е добро да се води грижа за оние бизнисмени кои се веќе тука, зошто потенцијалните нови инвеститори и бизнисмени секогаш ќе зборуваат дека веќе се присутни на тој терен и имаат интерес да бидат тука. Значи важно е да се продолжи грижата за оние кои се веќе тука. Втората работа која се однесува на привлекувањето на нови инвеститори и продавањето на приказната зошто Македонија е добра за инвестирање и кои се бенефитите...ние како Амбасада правиме многу во таа насока. На почетокот на годината го примивме принцот Мајкл од Кент со бизнис делегација. Додека беа тука имаше најави за отворање на кол центар во Скопје, во кое ќе се вработат 1.500 луѓе, склучивме неколку договори за трговија, одржавме неколку бизнис состаноци и состаноци меѓу стопанските комори, имавме британски експерти и пред две недели слушнав дека ќе дојде друга таква група. Тоа ми кажува дека има доверба, дека британските инвеститори се заинтересирани за инвестирање тука, но секако во време на финансиска криза треба секогаш да се трудите да бидете конкурентни на пазарот. Мислам дека за ова појасна слика нуди извештајот за напредок. Бидејќи, не мислам дека британските бизнисмени само ќе ги извадат своите калкулатори од своите џебови и ќе пресметуваат бројки. Тие исто така сакаат да знаат што се случува во јавната администрација, во судството, сакаат да имаат јасна слика за тоа колку навистина е добро опкружувањето и за мене тоа ја потенцира важноста на извештајот за напредок и дијалогот на високо ниво.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG